Да се заштитат четири паркови и јавни простори

31.05.2013 18:35
Да се заштитат четири паркови и јавни простори

Плоштад Слобода достави барање до Општина Центар за измени и дополнувања на урбанистичкиот план со кои ќе се спречи изградба на објекти од Скопје 2014 и ќе се заштитат четири паркови и јавни простори.

Во пресрет на намерите на Министерството за транспорт и врски да продаде дел од Плоштадот Македонија и да го определи изгледот на идната зграда, а со тоа да го продолжи проектот „Скопје 2014“, Плоштад Слобода излезе со барање за измени на ДУП за Мал Ринг со кои ќе се оневозможат ваквите градби. Се работи за парцелата на плоштадот Македонија, како и за три зелени простори околу МОБ од другата страна на Вардар кои со последните измени на ДУП се пренаменети во комерцијално-деловни објекти. Единствениот празен простор на Плоштад Македонија одамна е мета на власта, намените беа често менувани (црква, Народна банка, трговски центар), а своевремено и МПЦ ја откупи парцелата за само 44.225 илјади евра.

Во однос на трите парцели околу МОБ, во барањето на Плоштад слобода се вели: „овие простори се единственото преостанато градско зеленило во Мал ринг од левата страна на реката Вардар. Сиот останат простор во овој дел на градот е веќе поплочен, асфалтиран и ставен во корист на институциите и приватните сопственици. На овие парцели се засадени десетици дрвја од различни сорти кои дополнително го освежуваат и прочистуваат воздухот (посебно дрворедот крај бул. Гоце Делчев).“

Во неодамна спроведена студија за мерење на зеленилото во Мал Ринг, пред да се уништат парковите кај старата железничка станица и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Плоштад Слобода укажа на драстичниот пад од 50%. Поточно, во 2012 година во „Мал ринг“ има 34.994 квадратни метри зелени површини, што е 50 отсто помалку отколку во 2002 година кога имало 75.649 квадратни метри. Со уништување на зеленилото на овие четири парцели, дополнително ќе се влоши состојбата во центарот на градот.

До:

  • Градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски
  • Совет на Општина Центар
  • Претседател на Совет на Општина Центар Мирослав Шиповиќ

Предмет: Барање за изработка на нова Измена и дополна на ДУП Мал Ринг

Почитувани,

По најавата за продажба на градежно земјиште на самиот Плоштад „Македонија“ од страна на Министерството за Транспорт и Врски, со кое и натаму се инсистира на спроведување на проектот „Скопје 2014”, и покрај очигледното противење на граѓаните на општината изразено на последните локални избори, како и можноста од натамошно уништување на другите јавни простори во централното градско подрачје, го доставуваме следново:

БАРАЊЕ ЗА ПРЕНАМЕНА НА ГРАДЕЖНИТЕ ПАРЦЕЛИ 1.5.1, 7.2.1, 7.1.1 И 7.7.1 ОД ИЗМЕНАТА И ДОПОЛНAТА НА ДУП-ОТ ЗА МАЛ РИНГ, ДЕКЕМВРИ 2012, ВО ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ И ЈАВНИ ПРОСТОРИ

Образложение:

Изградбата на парцелата 1.5.1 (со сегашна класа на намена Б или комерцијална и деловна намена) е спорна уште од 2009 година кога студентите од Архитектоснкиот факултет и нивните поддржувачи беа нападнати на нивниот протест против изградба на верски објект на истата локација. И тогаш, како и сега, аргументите се идентични: каква било градба на тој дел од плоштадот ќе го попречи природниот тек на комуникацијата на луѓето од плоштадот кон ГТЦ и паркот „Жена-борец“, ќе го задуши просторот и ќе ја попречи циркулацијата на воздухот и, што е најважно, ќе го приватизира јавниот простор на граѓаните, во корист на приватниците.

Парцелите 7.2.1, 7.1.1 (со сегашна класа на намена В или јавна институција) и 7.7.1 (со сегашна класа на намена Б или комерцијална и деловна намена), се единственото преостанато градско зеленило во Мал ринг од левата страна на реката Вардар. Сиот останат простор во овој дел на градот е веќе поплочен, асфалтиран и ставен во корист на институциите и приватните сопственици. На овие парцели се засадени десетици дрвја од различни сорти кои дополнително го освежуваат и прочистуваат воздухот (посебно дрворедот крај бул. Гоце Делчев).

Затоа, бараме од Општината и нејзините органи да ја постават оваа точка на дневниот ред на следната седница на Советот и да ги претворат овие парцели во зелени површини и јавни простори.

Со почит,

Плоштад Слобода

Скопје, 31.05.2013

ОкоБоли главаВицФото