Дамата која ги „украде“ панталоните од мажите

01.06.2013 11:16
Дамата која ги „украде“ панталоните од мажите

Според листата на списанието Тајм, Коко Шанел се наоѓа помеѓу 100-те највлијателни личности на XX век. Убава, елегантна, успешна и богата жена која го креираше, осмисли и создаде култот на „малиот црн фустан“, додека парфемот кој го носи нејзиното име е најпродаваниот парфем на светот, а нејзините креации се носат повеќе од 100 години.

Коко Шанел е една од најголемите модни икони и дизајнерки на XX век. Токму поради неа, француската мода и понатаму е синоним за врвна светска индустрија.

Габриел „Коко“ Бонур Шанел (19 август 1883-10 јануари 1971) е родена во јужна Франција (Самур). Нејзиниот татко Алберт Шанел работел како продавач на градскиот пазар, а нејзината мајка Жан Девол како перачка. Коко имала пет браќа и сестри – Јулија, Антоанета, Алфонсо, Лусиен и Августин. Кога имала 12 години, ова семејство ја доживеало својата најголема трагедија – смртта на нејзината мајка. Тогаш ги напуштил и нивниот татко, по што децата биле сместени во едно католичко сиропиталиште во манастирот Обазен.

Во сиропиталиштето Коко научила да шие, и може да се каже дека во тој момент го открила својот животен пат. Била одгледана од страна на калуѓерките. Интересен детаљ е тоа што прозорците во сиропиталиштето биле украсени со витражи чии делчиња формирале облик кој бил сличен на двојната буква „С“, односно заштитниот знак на оваа позната модна куќа.

Пред да наполни 18 години работела како пејачка во едно кабаре во градот Мулен, каде што настапувала под уметничкото име Коко. Таму се запознала со многу интересни луѓе, при што за неа најважна била средбата со Етиен Балсан, моќен наследник на едно индустриско царство, на кого потоа му станала љубовница. Тој ја запознал со многу личности за чии сопруги и љубовници во тоа време таа дизјанирала шешири.

Парите за отворањето на бутикот ги добила од играчот на поло – капетанот Артур Едвард Капела (пријател на Балсан), кој го финансирал отворањето на нејзината прва продавница и на фабриката „Chanel Modes“. Бил воодушевен од нејзината смисла за убавина и естетика. Се вели дека неговиот стил на облекување бил инспирација за првата колекција на Шанел.

Во 1912 година доживела голем успех во светот на модата кога познатата театарска глумица Габриел Дорзиат носела еден нејзин шешир во претставата „Bel Ami“.

Нејзините дизајни ги ослободиле жените од корсетите кои го затегнувале женското тело. Таа вовела целосно нов стил кој бил прифатен како нов идеал на елеганцијата. Тоа е всушност облеката која и самата сакала да ја носи, сметајќи дека е непотребно жените да носат облека која е апсолутно неудобна, а со самото тоа и неприфатлива. Две години подоцна отворила уште еден бутик во туристичкиот град Бијариц каде што летувала богатата шпанска клиентела и каде не се чувствувале во многу голема мера последиците од Првата светска војна, која тогаш го доживувала својот врв.

По отворањето на овој бутик, таа одлучила да отвори и сопствена модна куќа – Шанел. Денес, Шанел е сигурно еден од најпознатите модни брендови во сите делови на светот.

Шанел 5 и малиот црн фустан

Една од верзиите на приказната за настанувањето на познатиот парфем Шанел 5 вели дека познатиот хемичар Ернст Бо, кој и го создал парфемот, на почетокот направил пет различни парфеми, а Коко ја одбрала последната, петтата верзија. Парфемот Шанел 5 бил претставен на 5 мај 1921 година. На секои 30 секунди се продава по едно шишенце од овој парфем. Таа креирала и линија на модни додатоци во која биле вклучени бижутерија, шешири, чевли, ремени, и уште една нејзина легендарна иновација – чантата во облик на писмо со синџирче наместо рачка. Првиот мал црн фустан немал ракави и имал должина која ги откривала колената што во тоа време било навистина смело и револуционерно. Иако моделите се менувале, култот на малиот црн фустан е присутен и денес. Многу ги сакала џебовите, па повеќето нејзини креации имаат некаков џеб на себе.

Коко била храбра и ги „украла“ панталоните од мажите, односно толку дрска што тој дотогаш исклучиво машки моден елемент им го подарила и на жените.

Нејзината пријателка и муза Вера Бате Ломбарди била нејзиниот влез во англиската аристократија и високите кругови. Според личниот стил на Вера, Коко го креирала т.н. „English look“.

Коко сметала дека плетената свила е ткаенината која најдобро му прилега на женското тело. Тесните сакоа, малиот црн фустан и ролката се нејзините заштитни знаци.

Била позната по своето големо пријателство со Винстон Черчил, а и по тоа што му била љубовница на еден германски офицер, па се ширеле гласини дека за време на Втората светска војна била шпион.

Во 1950-те дизајнирала облека за жените кои сакале удобност, додека нејзиниот најголем ривал Диор и понатаму создавал тесни креации и корсети.

Модното царство Шанел денес го води дизајнерот Карл Лагерфелд. Креациите на Шанел денес се струкирани и пренаглсени. Коко Шанел отсекогаш тежнеела кон едноставност. Сепак, и денес постојат големи листи на чекање за класичните костими на Шанел, како и за нивните колекции. Коко Шанел е жена која ги задолжила жените, која го заземала своето место во дотогаш машкиот моден свет и со него суверено владеела во текот на целиот свој живот.

Писателот Андре Малро одамна предвидел: „Од Франција во XX век ќе останат запаметени само три имиња: Де Гол, Пикасо и Шанел“.

Извор: Ženska posla

ОкоБоли главаВицФото