Нашите бедни плати - кои допрва ќе паѓаат

03.06.2013 07:42
Нашите бедни плати - кои допрва ќе паѓаат

Во изминативе три години платите на реално ниво, значи со вклучена инфлација, упорно паѓаат. Нема надеж овој тренд да се измени. Барем не набрзо.

ГОРНИОТ ГРАФИКОН ГО ПОКАЖУВА движењето на просечните исплатени нето плати во проценти, односно нивниот пад или раст во последните три години - од март 2010 година до март 2013 година.

Жолтите правоаголници се однесуваат на номиналните плати, а оние во цигла боја на реалните, што значи со вклучена инфлација. Или, поинаку кажано, на номинално ниво платите во период од три години пораснале во просек 886 денари, но со тие повисоки плати можело да се купи помалку во март годинава споредено со март 2010 година.

Причината за ова е што платите ги изела инфлацијата. Па така, реалните плати во 2010 година забележале пад од 0,6 отсто, во 2011 2,5 отсто, а во 2012 3,0 отсто. Ако вака продолжи и во следните три години, реалниот пад на платите во 2015 година споредено со 2010 година ќе изнесува 11,65 отсто.

Овој тренд нема причина да не продолжи. На голема жалост на власта, која постојано се надева дека рецесијата ќе заврши и дека ќе се вратат безгрижните времиња од пред 2008 година, тоа не се случува. Светот најпрвин го удри светската рецесија, а потоа европската должничка криза на која не ѝ се гледа крајот и заради која е многу тешко да се оствари економски раст во подолг период.

ПЛАТИТЕ ЌЕ ПАЃААТ...

И ова не е сѐ. Како што може да се види во првиот дел од графиконот, од март до декември 2010 година реалните плати како-така растеле (иако за цела година имаат пад), но причина за тоа е бранот на партиски вработувања во 2009 година. Кога удри рецесијата таа година и кога се виде дека е можно зголемување на невработеноста, државата почна наголемо да вработува по партиска линија во државната админситрација и во државните фирми за да ја премости рецесијата. Токму затоа и има раст на платите во просек во 2010 зашто државните плати (комплетно неоправдано) се повисоки од оние во приватниот сектор. Но, државните вработувања завршија на крајот од 2009 година, па и растот на номиналните и реалните плати престана на крајот на 2010 година споредено со претходната. И сега власта се обидува да направи нешто слично со вработувањето на 1.600 лица во „Македонски шуми“, но оваа постапка, иако повторно ќе доведе до зголемување на платите во просек, ќе биде со краток здив.

НЕВРАБОТЕНОСТА ЌЕ РАСТЕ...

Колку состојбите се извртени во Македонија, покажуваат токму партиските вработувања од 2009 година. Таа година, а и во 2010 и 2011 година, иако имаше рецесија, невработеноста паѓаше. А, во претходниот период од 2002 година па сè до 2008 година, иако економијата растеше, невработеноста се држеше на високо ниво, како што покажуваат информациите на Државниот завод за статистика на долниот графикон, кој е изработен од Амбасадата на САД. Особено e интересен растот на невработеноста од 2003 до 2004 година кога таа се зголемила за околу 5 отсто. Истата таа 2003 година, пак, економијата порасна за цели 1,8 отсто и тоа од 2,8 отсто во 2003 на 4,6 отсто во 2004 година. Ова, се разбира, нема никаква врска со економската логика - да расте една национална еконмија, а со неа да расте и невработеноста. Но, ова е Македонија. Овде економските закони на понуда и побарувачка не важат, зашто ние Македонците како да сме паднати од Марс и како да си имаме свои законитости на државни вработувања по партиска линија и државен капитализам со нагласена интервенционистичка нишка. Можеби би требало да почнеме да ги мериме овие показатели наместо економскиот раст и невработеноста.

На следниот графикон подолу, пак, кој го претставува растот на производството и платите во земјите на Источна Европа, а чиј извор е Меѓународната организација на трудот (ИЛО), Македонија има убедливо најмал раст и на производството и на платите во периодот од 1999 до 2007 година, кога целиот источен дел на стариот континент, ослободен од социјалистичките стеги, доживуваше силен економски раст.

ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ ТОНЕ...

Од друга страна, пак, македонското производство доживува мал раст во периодот од 2008-2011 година, насред рецесија, пред сѐ, заради задоцнувањето на кризата во земјава, која пристигна во првата половина од 2009 година, како и заради отпочнувањето на работите на Скопје 2014. Малку позначителен раст доживува и вработеноста, токму заради партиските вработувања и повторно заради Скопје 2014. (Македонија е потцртана со црвено - FYR од Former Yugoslav Republic - за жал).

Но, сето ова е со краток рок. Како што ќе завршуваат работите на проектот Скопје 2014, како што европската должничка криза ќе продолжи да притиска и како што буџетот ќе почне да трупа сѐ повеќе обврски заради купиштата нови згради кои ќе треба да се одржуваат, заради партиските вработувања, заради огромните земјоделски субвенции, заради зголемениот и растечкиот јавен долг и слично, власта повеќе не ќе може да измислува нови работни места за нови партиски вработувања, па невработеноста повторно ќе почне да се качува (таа се качуваше во време на економски раст пред 2008 година, а камо ли сега насред криза) и економијата ќе почне да стагнира.

Тука очиглено нема да помогнат ниту странските инвестиции. Тие забележаа пад од 34 отсто во првиот квартал годинава, а претходно паднаа за 69 отсто лани до износот од 104,8 милиони евра.

...ДОДЕКА НЕ СМИСЛИМЕ НОВ „МИКС НА ПОЛИТИКИ“

И така, се наоѓаме пред бездна. А, тоа го „покренува прашањето за одржливоста на актуелниот микс на политики“, како што би рекол Standard & Poor's во последниот извештај. Дали ќе паднеме во бездната или ќе успееме да се отргнеме од работ (и, ако имаме среќа, да почнеме да земаме малку поголеми плати), ќе зависи од евентуален нов микс на политики на некои нови луѓе и нивната способност умешно да се насочува економијата. На пример, по пат на будење на домашните инвестиции, ако треба и со употреба на отворени политики на стапот и морковот, вложување напори во помагање на нови мали и средни претпријатија и најважно, вртење на нов лист кон банките: воведување на данок на камати од штедни влогови, тргање на раката на државата од банкарските трезори и нивно оставање малку да се потрудат на пазарот наместо да живеат од државни камати и да почнат да го кредитираат приватниот бизнис.

Извор: anfas.blogspot.se