Градски трговски центар

03.06.2013 09:27
Градски трговски центар

Иако одлуката Градскиот трговски центар да се преобрази во своевидно барокно шопингмолско чудовиште ги има сите шанси да влезе на списокот на најголемите будалаштини што ни се случиле во последната петолетка од нашите животи, сепак тоа е потег кој има своја внатрешна логика. Малку извртена, ама сепак – логика!

Како прво, се чини дека раководството на Акционерското друштво Градски трговски центар подолг период , најблаго речено, го мрази објектот со кој стопанисува. Имено, веќе 15-та година наназад се распишуваат разно-разни конкурси за негово преобликување, доградување и воопшто за видоизменување на можеби најдобрата, најфункционалната и секако една од најубавите урбани целини во Републиката. Иако ГТЦ, според некои податоци, има вкупна површина од 114.000 квадратни метри (паркинг простор, приземје и два ката), што го прави еден од најголемите вакви центри на Балканот, и иако третиот кат речиси и не работи, сепак, идејата тој да се надгради (и прошири) за некои седум до десет илјади квадрати функционира уште од пред почетокот на овој милениум и, како што се чини, со власта што вообичаено проширува и надградува оваа идеја е на повидок да се реализира, па макар од Трговскиот центар да произлезе некаков барокен франкештајн. На крајот на краиштата, се чини дека освен изнајмувањето и продажбата на деловниот простор, АД ГТЦ воопшто никогаш и не се грижело за потребите на консументите (само како пример – проблемот со јавните тоалети, или онаа непрекината сага со управувањето на киното „Милениум“).

И, второ, Градскиот трговски центар е една од ретките успешни урбани приказни кај нас. Прозрачен е и транспарентен, отворен за проток на идеи, стока и луѓе. Служи како коридор за поминување од еден дел на градот кон друг. Вклопен е во средината: има поглед кон парк и кон река. Има добро решена комуникација меѓу катовите (еден од првите објекти што во себе ги вклопи и таканаречени рампи за лица со посебни потреби). И, како таков, во државата (намерно велиме државата, а не власта) што не може да засмисли било што што мириса на урбана култура, едноставно, не може повеќе да опстане.

Со други зборови, со најавената промена Градскиот трговски центар не го губи само својот визуелен (естетски) идентитет (што, самото по себе, е достаточна постапка работата да се нарече вандализам), туку го губи севкупниот идентитет – целта на сопственото постоење. Според најавените планови, имено, тој од трговски центар од отворен тип треба да прерасне во затворен шопинг мол, нешто што, колку и да ги поврзува трговијата (и профитот), е сосема различно од намената и функцијата на класичните трговски центри.

Шопинг молот е, значи, сето она што трговскиот центар не е. Тој е опкружен со цврсти ѕидови. Нема излози и надворешниот свет не смее да види што се случува внатре. Надворешниот свет не влијае и не смее да влијае врз она што се случува внатре. Тој е затворен систем, самодоволен самиот за себе. Со неговите содржини, лесно лесно може да се замисли дека еден просечен човек (или потрошувач, како што милуваат да кажат трговците) може да го помине целиот живот во таа чудна коцка, без да има никаква потреба да дознае како живее надворешниот свет.

И порано, навраќајќи се на слични тема, веќе констатиравме дека шопинг молот е прилично фамилијарен со македонскиот просечен граѓанин. Како да е граден по примерот на македонската држава. Македонскиот резидент мошне добро знае како изгледа да се живее виртуелен живот; да се живее во наводно отворен простор, од кого тешко се излегува и кој не трпи влијание од надворешниот свет, ниту има амбиции да влијае врз надворешниот свет; каде што, ако имате минимални културни и социјални потреби, место за преспивање и, се разбира, соодветен шопинг мол, можете да го поминете целиот живот без да забележите (и, уште повеќе, без да ве интересира) што се случува таму некаде надвор.

Ете, затоа Градскиот трговски центар мораше да – умре!

Од друга страна, социолозите и психолозите веќе констатирале дека трговските центри продаваат слики и потреби. Поточно, создаваат потреби, а луѓето подоцна ги решаваат тие потреби. За разлика од нив, шопинг моловите создаваат – желби. Тие се, ете, виртуелна стварност во забарикадиран свет. Шопинг молот ви праќа порака дека и во затворен систем има надеж; дека е убаво да знаете дека сите ваши потреби може да се задоволат во тие неколку илјади квадратни метри; дека, иако просторот е релативно мал, ви треба многу време да го прошетате и дека, кога повторно ќе дојдете, ќе видите нешто ново.

Градскиот трговски центар е изграден по меѓународен конкурс, распишан во 1967 година, во екот на големата обнова на Скопје по земјотресот, по проект на тим архитекти, предводени од денес починатиот Живко Поповски. Во тоа време, тој не претставуваше само симбол на изградбата на новото Скопје, туку уште повеќе симбол на вклопувањето на Скопје во светските текови и стандарди. Тој беше слика за претставата што тогашните жители на главниот град со радост ја имаа пред себе – дека и Скопје е свет. Денес, ако судиме според владеечките политички догми, светот и не е бог знае какво место за живеење. Ако е потребно (а, ете, излезе дека е потребно) ние ќе си направиме свет за себе, сопствена планета во која ќе бидеме среќни и весели, нормално под успешното раководство на Партијата и нејзините барокни лидери.

Значи, Градскиот трговски центар е само еден несакан спомен на периодот кога Скопје беше град на солидарноста, инаку термин кој не е само обична флоскула, само проста форма, туку сериозна содржина, исполнета со, веројатно, најголемата комуникација што овој град кога кога ја имал не само со архитектонските, културните, уметничките текови, туку воопшто со сите трендови што светот го туркале напред.

Затоа, Трговскиот центар мора да умре. Како што полека умира Старата железничка станица, како што се сменети имињата на улиците, како што се фасадира сè што потсетува на тој период. Едноставно, не смее да остане ниту еден камен од нештата што потсетуваат на времињата кога изгледаше дека градот има свој просперитет.

Авторот на овие редови влегува во онаа генерација која беше сведок на времето кога се градеше Градскиот трговски центар и чии припадници со чудна веселост го расшетуваа. Уривањето на традициите е позната овдешна дисциплина, но сепак не очекував дека ќе бидам дел од генерацијата која го дочека Трговскиот центар и која ќе го испрати во вечноста. Тоа, слободно може да се каже, не е победа на накарадната актуелна политика, туку генерациски пораз – бришење на цел еден живот!

Слични содржини

Општество
Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Јавни Простори
Општество / Јавни Простори
Општество

ОкоБоли главаВицФото