1010 hPa
71 %

11 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 12:59
Професоре Агамбен, кога во март ја изнесовте тезата за латинското царство како противтежа на германската доминација во Европа, дали очекувавте дека таа ќе има ваков одек? Вашиот есеј во меѓувреме беше преведен на неколку јазици и се чини дека половина континент страстно расправа за него.
Не, тоа секако не го очекував. Но верувам во силата на зборовите изговорени во вистински момент.
Дали линијата која ја раздвојува денешната ЕУ е онаа која постои помеѓу економијата и начинот на живот на „германскиот север“ и „латинскиот југ“?
Најпрво би сакал да разјаснам дека новинарите ги протолкуваа погрешно моите тези и на тој начин ги фалсификуваа. Видете го само насловот „Латинското царство мора да тргне во противнапад“. Оваа реченица ја смисли редакцијата на Libération, а потоа ја презедоа и германските медиуми. Како би можел да ги спротивставам германската и латинската култура, кога секој интелигентен Европеец знае дека италијанската ренесансна култура и културата на класична Грција денес се дел од германската култура која одново ги промисли и ги прифати како свои!
Значи, не постои доминантно „латинско царство“? Нема некултивирани Германци?
Културните идентитети во Европа никогаш не биле јасно разграничени. Еден Германец како Винкелман или Хелдерлин може да ѝ припаѓа на Грција како и секој Грк, а еден Италијанец како Данте може да ѝ припаѓа на Германија во истата мера како и царот Фридрих II. Предметот на мојата критика не е Германија, туку начинот на кој е изградена ЕУ, имено врз исклучиво економски основи. На тој начин не се игонорираат само нашите духовни и културолошки корени, туку и политичките и правните. Ако ја критикував Германија, тоа беше само поради тоа што Германија во моментов, поради својата доминантна улога, а наспроти извонредната филозофска традиција, се чини неспособна да размислува за Европа која не е заснована само на еврото и на економијата.
На кој начин ЕУ се откажува од своите политички и правни корени?
Кога денес говориме за Европа, имаме работа со огромно потиснување на една непријатна, но очигледна вистина: тн. европски устав е нелегитимен. За текстот кој требаше да биде усвоен под ова име речиси никаде не беше одржан референдум, а онаму каде што беше одржан, во Франција и Холандија во 2005 година, сосема беше одбиен. Гледано од правна перспектива, тука не се работи за устав, туку за нешто целосно спротивно: за договор помеѓу владите, што значи дека се работи за меѓународно, а не за уставно право. Дури неодамна почитуваниот германски правник Дитер Грим укажа дека на европскиот устав му недостасува основниот демократски елемент токму поради тоа што Европејците не одлучуваа за него. А сега го замрзнавме и целиот процес на ратификација кој би требало да се одвива по пат на реферндум...
Тоа е веројатно најпознатата „демократска дупка“ во европскиот систем.
Која не смее да се заборави. Новинарите, а пред сè оние кои ми префрлаат дека не ја разбирам демократијата, би требало да го земат предвид фактот дека ЕУ е меѓудржавна заедница заснована на договор во рамките на еден демократски устав. Денес никој не се обидува да го постави проблемот за идејата за уставотворната власт во Европа. А само преку полноправниот устав европските институции би можеле да си го повратат легитимитетот.
Значи, според вас, ЕУ е нелегална творба?
Не е нелегална, туку нелегитимна. Легалноста се однесува на правилата на спроведување на власта, додека легитимноста е принципот врз кој се засноваат тие правила. Правните договори не се само формалност, туку тие ја отсликуваат општествената стварност. Оттука е разбирливо дека институциите без устав не можат да спроведуваат реална политика, додека наместо тоа секоја европска држава настојува да делува во склад со своите себични интереси, кои денес се економски. Најмалиот заеднички именител на некој вид единство се постигнува тогаш кога Европа се однесува како вазал на САД, преку учествата во нејзините војни, кои во никој случај не се дел од заедничкиот европски интерес, а уште помалку се во склад со волјата на народот. Некои од земјите-основачи на Унијата, како на пример Италија, во која постојат многубројни американски воени бази, повеќе потсетуваат на протекторати отколку на суверени држави. Политичките и воените прашања ги решава Атлантскиот Сојуз, но тука сигурно ја нема Европа.
Оттука и латинското царство е начин на живот на кој треба да се угледуваат „Германите“.
Не, јас навистина само сакав да бидам попровокативен кога се послужив со проектот „латинско царство“ на Александар Кожев. Во средниот век барем бевме свесни дека сојузот на политичките општества мора да биде нешто повеќе од чисто политичко општество. Тогаш луѓето го барале сврзното ткиво во христијанството. Сметам дека денес таа легитимизација треба да ја бараме во европската историја и културна традиција. За разлика од луѓето од Азија и Америка, за кои историјата претставува нешто целосно различно, Европејците отсекогаш се соочувале со стварноста низ разговор со своето минато. Ние во сегашноста продираме на археолошки начин и така се соочуваме со историјата. За нас минатото е начин на живот. Европа има посебен однос кон своите градови, културни знаменитости и природни убавини. Тоа е она од што Европа е создадена. И тука лежи нејзиниот спас.
Европа е начин на живот, историско чувство на живеење?
Да, токму на тоа инсистирав во мојот текст, дека мораме да ги зачуваме различните начини на живот. Кога сојузниците ги бомбардираа германските градови, добро знаеја дека на тој начин го рушат германскиот идентитет. На истиот начин денес градежниците со бетонот и со автопатите ги уништуваат италијанските природни убавини. Со тоа тие не ни одземаат некое далечно и неискористено природно богатство, туку и заедничкиот историски идентитет.
Дали тоа значи дека ЕУ би требало да обрне повеќе внимание во однос на зачувувањето на разликите?
Веројатно на ниедно друго место во светот, освен во Европа, не постои таков склоп на различности и начини на живот кои се обединети во едно навистина опипливо заедништво. Според мене, тоа во минатото се искажувало низ идејата за Римското царство, а подоцна низ Светото Римско царство. Во рамки на овие целини се чувале посебностите на секој народ. Не е лесно да се каже каква би требала да биде творбата која денес би можела да ги замени. Но едно е сигурно: политички заснованата Европа мора да ја негува свеста за различностите. Затоа и моменталната криза е толку опасна. Европското единство треба да се осмислува низ зачувување на различностите. Меѓутоа, се случува токму спротивното: низ цела Европа се затвораат и финансиски се уништуваат училиштата и универзитетите, односно токму оние институции кои би требало да ја пренесуваат нашата култура и да одржуваат постојан контакт помеѓу минатото и сегашноста. Дел од ова е и сè поголемата музеализација на минатото, која се одвива во поголем број градови кои се претвораат во историски зони и во кои нивните сопствени жители се чувствуваат како туристи.
Сè поголемата музеализација е другата страна на сè поголемата сиромаштија?
Јасно е дека не се работи за економски проблеми, туку за целокупниот опстанок на Европа, почнувајќи од нашиот однос кон минатото. Единственото место каде што минатото може да живее е сегашноста. А кога сегашноста веќе не го смета сопственото минато за живо, тогаш универзитетите и музеите стануваат проблематични. Денес во Европа делуваат сили кои сакаат да манипулираат со нашите идентитети на тој начин што ја пресекуваат папочната врвка која нè поврзува со нашето минато. Европа може да биде нашата иднина само ако прифатиме дека таа е пред сè и нашето минато. А тоа минато сè повеќе се отстранува.
Во тој случај, сеприсутната криза е израз на целокупниот систем на моќта кој сака да го трансформира нашето секојдневние?
Поимот „криза“ стана еден од клучните поими на модерната политика и веќе со години постои во сите сегменти на општествениот живот како нешто сосема нормално. Самиот термин криза има два семантички корена: медицинскиот, кој го означува текот на болеста, и теолошкиот, кој се однесува на судниот ден. И двете значења денес поминуваат низ една трансформација која ги лишува од историскиот контекст. Во античката медицина „krisis“ ја претставува оцената на докторот во клучниот момент во однос на тоа дали болниот ќе преживее. Денес кризата стана трајна состојба. На тој начин оваа неизвесност се одолговлекува во недоглед. Кога се работи се судниот ден, ситуацијата е иста: тој суд (оцена) не може да се одвои од крајот на времето. Крајот на времето денес постојано се поместува за некој подоцнежен момент, така што шансите за донесување некоја одлука стануваат сè помали, а одлуката која се одложува до бесконечност се сведува на ништо.
Должничката, буџетската, монетарната криза на ЕУ – никогаш нема да престанат?
Кризата стана инструмент на моќта, кој служи единствено за легитимизација на политичките и економските одлуки, кои практично ги обесправуваат граѓаните и им ги одземаат сите можности за одлучување. Тоа сосема јасно се гледа во Италија. Во име на кризата ние оформивме влада која посредно повторно го врати Берлускони на власт, а која е во целосна спротивност со волјата на народот. Оваа влада е исто толку нелегитимна колку и тн. европски устав. Европејците мораат да сфатат дека бесконечната криза, како и вонредната состојба, е неспојлива со демократијата.
Па тогаш што ѝ преостанува на Европа?
Прво мораме на зборот „криза“ да му го вратиме неговото првобитно значење: моментална процена и избор. Не можеме тоа вечно да го одложуваме. Пред многу години еден висок застапник на Европа која тукушто се раѓаше, филозофот Александар Кожев, изнесе став според кој хомо сапиенсот дошол до крајот на историјата и пред него лежат два избора: „американскиот начин на живот“, којшто тој го одреди како постисториско вегетаријанство, или пак јапонскиот снобизам кој се остварува преку славењето празни ритуали и традиции лишени од секое историско значење. Верувам дека Европа би можела да ја избере алтернативата која би се остварила низ создавање култура која е истовремено човечка и витална, бидејќи одржува дијалог со својата историја и од неа црпи нов живот.
Европа која би била сфатена како култура, а не како економски простор, би можела да пружи одговор на кризата?
Повеќе од два века луѓето сета своја енергија ја трошат на економијата. Многу нешта укажуваат дека за хомо сапиенсот дошол моментот при кој човечкото постоење ќе мора да се организира на спротивната страна од (досега) единствената димензија. Старата Европа може токму сега и во голема мера да придонесе за иднината.
Извор: Frankfurter Allgemeine Zeitung, 24.05.2013.
Слики: Фабио Фернандез & Том Лауерман