Да видам Стамбол, од Скопје да видам

04.06.2013 10:45
Да видам Стамбол, од Скопје да видам

Неколку дена пред да почнат настаните од Гези, паркот на Таксим во Истанбул, кои потоа водат кон тоа да прераснат во еден од новите моменти за модерна Турција, беше годишнината од она што е познато како пад на Константинопол, или ослободување на Истанбул. Датум кој за еден дел од човештвото ја симболизира загубата на овој град, а за другите е придобивање на истиот. Во една изолирана Македонија каде секој ден сè повеќе се прават службени настојувања за очудување на историјата, не очекував некој, дури и малку, да го одбележува овој голем датум што ја симболизира поделбата на вековите во вистинската историја на човештвото. Модерната епоха на историјата почнува со времето кога султанот Мехмед Фатих го добива Истанбул, центарот на тогашната Византија. Така, одбележувањето на овој датум во Скопје се забележа само таму каде најмногу се откриваат луѓето: социјалните мрежи. Така, таму еден пратеник од Собранието на Република Македонија, од редовите на ДПМНЕ, го одбележа овој сочувствителен датум за него и за православното христијанство, а останатите од ДУИ учествуваа на исламски активности за одбележување на ослободувањето на Истанбул. Беше уникатен момент да се евидентираат овие поделени одбележувања, бидејќи овие две партии се долго време во една влада и управуваат со оваа држава, каде, според мене, од сиот регион најочигледна е јасната разлика во перцепцијата на Турција, онаа древната, Отоманската империја, и во однос на оваа новата.

Оваа историска позадина е добро да се знае за да се разбере како се гледа Истанбул од Балканот. Воедно, добра е за запознавање со длабоката разлика во восприемањето, што неопходно ќе продолжи и во перцепцијата на сегашните настани поврзани со паркот Гези. Анализата на разликувањето во перцепцијата на Албанците и другите во однос на Турција е подлабока и таа се рефлектира во секој пристап кон Турција, што може да доведе до апсурдна констатација: Албанците ја сакаат, но ја немаат Турција, а другите ја имаат, но не ја сакаат. Оваа констатација најмногу може да се потврди со бројни примери тука во Македонија, но ќе се појави во текот на времето околу „да видам Стамбол “, овој пат од премиерот на Турција: Реџеп Таип Ердоган.

Од сето тоа што се случи во Истанбул, а продолжува и во други градови, најзабележливо е дека Истанбул го виде овој пат и Ердоган: ошинувајќи се на рамно. На тој што добро му одеше владеењето со сите големи прашања, како економијата, дијалогот со Курдите, а воедно, само пред извесно време ја стави во неговата управувачка шема на владеење и последната голема телевизиска станица. Уште повеќе: најголемата опозициска партија таму имаше доживеано дебакл и голем срам среде Брисел на еден интернационален социјалистички состанок. Вака, Ердоган немаше големи кривини каде би можел да се свиткува, а се свитка на рамно. Во еден парк од центарот на Истанбул, на Таксим, место кое го имаше продадено на некој приватен бизнисмен за таму да си направи трговски центар.

Но, Таксим му даде поука дека секоја неправда е пораз. Така диктаторското однесување со употреба на непропорционална сила кон оние што протестираат и со задушување на слободата на медиумите му се врати како бумеранг. Со тоа што ја преиначи одлуката и вети дека ќе ја испитува полицијата, со цел да ги ублажи настаните, се обидува да ја врати старата политичка шема, со која тој веќе три мандати победува. Со старата шема, тој има слаба и празна политичка опозиција. Има структури кои иако се застапуваат за слобода, би сакале да интервенира војската?! Такви, кои иако војуваат против конзервативните мерки, кои според нив Ердоган ги практикува во името на религиозно кредо, тие исто така го прават тоа во име на нивните кредоа. Кога во ова се мешаат елементи како Алевитите, надвор од земјата и внатре, ова додава на можноста Ердоган да ги победува нив колку пати што ќе посакаат; сигурно на демократски избори, затоа што во Турција никогаш досега не пропаднаа независните институции како судството и државната изборна комисија.

И во Турција и надвор од неа сè додека солидарноста се практикува само за својот вид (луѓето да се солидаризираат само со свои и само заради тоа што се свои), а не заради вредности, ќе победува оној кој ќе умее највешто да ја врати „старата шема“, таа по видови. Но, ако протестаните на Таксим се солидаризираат според вредности и успеваат да ја чуваат нивната првобитна разновидност и одвоеност од тамошната бесполезна политичка опозиција, тогаш Турција ја очекуваат нови мигови кои можат да ја зацврстат нејзината реална политичка одржливост и положба во светот.

Да се вратиме во Скопје од каде можат да „да видат Стамбол“ и двете владејачки партии во Македонија, кои според тоа што немаат опозиција од која би изгубиле, многу личат на Ердоган. Тие да знаат да гледаат нешто подалеку од Белград, кој го избраа како прв сосед со кој ќе одржуваат заедничка владина седница, ќе можат да извлечат една поука од Таксим: не мора некој да те победи, за да станеш губитник.

Извор: Порталб, 03.06.2013