„Ослободувањето на Скопје“ или „Дркајте, момци, дркајте“

04.06.2013 11:37
„Ослободувањето на Скопје“ или „Дркајте, момци, дркајте“

Му признавам на Тричковски дека Апашанат е одлично ново име за Темниов вилает. Но, Апашанат сепак ми влече накај опис на општественото уредување (република, кралство, султанат итн.). Така што, мое дополнение кон прецизното именување на овдешниот општествено-политички систем (апашанат) е: Докурцана. Значи, наместо ФИРОМ, можеби би можеле да се викаме Апашанат Докурцана. Ако предлогот изгледа премногу радикално, спремен сум и за компромиси: Умоболница Вила Шашка, на пример. Или: Кулана Макетонија.

Темата за денес сепак не е името, туку варваризмот. Главната денешна теза е: уништувањето на модерното македонско наследство (и во архитектурата и во сè друго) не е антикомунизам; не е дури ни национализам, туку соголен варваризам и фанатизам дабетер и од оној на Талибанците. Дури и во пошироки светски рамки многу се ретки ваквите примери за уништување на најважното културно (заеби „културно“, стаи „национално“, да те разбере дури и имбецилниот груевист!), т.е. национално наследство. Иако и антиквизацијата, сама за себе, исклучиво во својот градителско-фасадерски замав (без новава размавтана деструктивност) е фарса незабележана во поновата европска историја, уништувањето на клучните дела на македонската еманципација (пиши „националното ослободување и самоосвестување“) дефинитивно е пострашно од талибанизмот.

Повторувам, македонскиот модернизам (а меѓу неговите клучни симболи во архитектурата се зградата на владата и Градскиот трговски центар) е највисоката точка во развојот на националната, т.е. културно-политичката свест на Македонецот во 20 век. Речиси сите овдешни институции изградени се, и дословно и симболички, во духот на модернизмот. Да ги отстраниш клучните симболи на македонското себеразбирање и градење значи да ампутираш мозок или рбет од организам СО СКЕЛЕТ И МОЗОК. А нас тоа сега ни се случува: за да изгради еден „поубав и постар Македонец“ груевизмот му ги ампутира рбетот и мозокот на досегашниот Македонец. Не велам дека тоа не е можно; на тој начин ќе добиеме Македонец од пластелин, од желатинозна маса налик на пивтија (се прави од свински ноџиња, не?!). Македонскиот мозок да се претвори во копито а рбетот во гума - тоа е мисијата на груевизмот. И не им оди лошо, мора да се признае. (За време на социјализмот возачите позади во колите го имаа „Кучето што клима со глава“. Тоа беше бизарна и незаборавна украс-играчка. Тоа куче денес би било добар симбол за умртвениот но климоглав Македонец.)

Македонскиот модернизам кој во моментов се наоѓа под талибански удар, да повториме, е симбол на ослободувањето и отвореноста, симбол на рамноправното вклучување на Македонија во западната цивилизација. Ќе наведам еден интересен извадок од февруарскиот број на американскиот неделник Њусвик од 1966 година. Текстот е напишан по повод изложбата „Југославија: современи тенденции“, одржана во САД 1966 година. Пишувајќи за слободата на творештвото во Југославија, Њусвик посебно внимание му посветил на белградскиот Музеј на современата уметност, отворен една година порано: „Музејот стои како ултрамодерен споменик на уметничката слобода. Најпровокативната и најоригиналната градба која кога било е подигната во едно социјалистичко општество... По својот дух тој претставува, како што рече еден западен набљудувач, модерен и ведар надгробен споменик на социјалистичкиот реализам.“ Скопскиот МСУ - уште една многу важна модернистичка градба - настанува неколку години по белградскиот, но важно е да се напомене дека и двата музеи настануваат по урнек на њујоршкиот МОМА, пред сè во организациска смисла: се основаат оддели за документација, за ликовно воспитување, за меѓународна соработка итн.

Со социјалистичкиот реализам (т.е. „комуњарството“ во културата) Југославија (а богами и Македонија) завршува уште во 1950-51 година. Западните и демократските влијанија во уметноста снажно се присутни во сите области на културата уште од раните педесетти години. Веќе во почетокот на шеесеттите се формираат првите рок групи. Во театрите се играат авангардните Бекет и Јонеско. Западните стрипови, филмови, мода, телевизиски серии, музика, изложби - сето тоа во Југославија (а богами и во Македонија) доаѓа неколку децении порано отколку во Полска, Чехословачка, Унгарија, Бугарија и другите земји зад „железната завеса“ (денес тие земји се неколку децении пред оваа груевистичка карикатура од држава).

Во комунистичкиот Советски Сојуз, на пример, целата американска култура доаѓала по илегален пат. Грамофонските плочи се умножувале по подруми, според системот „направи сам“, а понекогаш биле печатени на рендгенски снимки. Поради материјалот од кој биле направени познати се и како „плочи на ребра“. Рендгенските снимки биле најевтиниот вид пластика што можела да биде употребена за изработка на плочи. Така сликите на бели дробови, рбети и скршени коски биле сечени во форма на круг во чија средина била бушена дупка, а музичкиот запис врз површината бил втиснуван со специјални машини. За разлика од СССР, во Југославија младите можеле да добијат плочи благодарение на списанието Џубокс во кое како подарок за читателите била сместена фолио плоча. Тоа биле плочи направени од специјална пластика, на коишто музиката била снимена само од едната страна. На тој начин приватните фонотеки уште во шеесеттите за релативно мали пари биле наполнети со песните на Ролингстонс, Енималс, Клиф Ричард, Шедоуз, Бич Бојс...

Еве само неколку мали илустрации (од обемната фактографија) за западната културна ориентација на некогашната ни држава: Модерниот квартет на Дизи Гилеспи во мај 1960 година гостува во Скопје, Ниш, Белград, Загреб и Љубљана. Оркестарот на Гудмен настапува во Скопје 1968 година, изведувајќи ги композициите на Кол Портер, Џорџ Гершвин и други американски композитори. Голема изложба на современата американска уметност одржана е 1961 во Скопје. Изложба на американскиот плакат, со делата на славните поп-артисти, Франц Клајн, Џаспер Џоунс, Енди Ворхол, Роберт Раушенберг, Рој Лихтенштајн итн. во 1968 година била одржана во Битола. Пред тоа, ширум Југославија се одржуваат епохални изложби: Современа француска уметност (1952), Корбизие (1953), Хенри Мур (1955); во шеесеттите се одржуваат големи изложби на Шагал (1967), Пикасо (1967), Раул Дифи (1968), Пол Кле (1968/69)... Сите тие првенствено западни културни влијанија придонесуваат тогашната македонска културно-политичка елита барем на формален начин да ги применува западните културни стандарди. Но, веројатно е точно дека целата културна еманципација била релативно плитка и дека не фатила посериозен корен меѓу поширокото население. Од тие заостанати кругови и од тие културни фрустрации се роди ВМРО ДПМНЕ, а од ДПМНЕ се роди уште пострашното чудовиште, груевизмот.

Но, тоа е. Нема плачење, нема веднење. Идемо даље за исте паре. Како за крај, за потсетување, но можеби и како антиципација, еве едно прекрасно делче од драмата „Ослободувањето на Скопје“ на Душан Јовановиќ:

Ограда. Навечер. Крсто, Трајко, Ристе и Зоран мастурбираат крај оградата. Песната на штурците стивнува, кога одекнува истрел. Крвав доаѓа смртно ранетиот Тасин.
ТАСИН: Дркате, а? (Ужаснат молк) Дркајте, момци, дркајте... Тоа е здраво... Барем ќе имате нешто од животот... Мене ме... Пичка им мајчина... (Зборува на цигански. Бескрајна низа од цигански пцости. Го проколнува предавникот Бале. Привикува проклетство да му се струполи врз главата. Момчиња го опкружуваат Тасин. Врз оградата долетуваат гулаби.) Дркајте, момци, дркајте...
Тасин умира... Доаѓаат Бале, началникот и Стојчев со пиштол.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото