Мојот крик во Истанбул

04.06.2013 13:17
Мојот крик во Истанбул

Триесет и први мај, шетам по Истиклал, главната улица во Таксим, централната населба на Истанбул, еден од „главните“ градови на светот. Гледам како полека се собира народ, сите извикуваат пароли „Таксим е наш!“. Знаев за што се работи, веќе се имав потпишано на петицијата да не се руши градскиот парк во Таксим за да се градат трговски центри. Се потпишавме заедно со моите родители, коишто беа дојдени да ме посетат, да ме проверат како ми одат постдипломските во оваа светска метропола.

Овој мирен марш многу ме потсети на протестите кај нас, само што тука се работи за дрвја и мене ми беше некако нормално што сите беа мирни и само мавтаа со пароли, додека кај нас исти вакви реакции имаше и кога загина Мартин, кога ни поскапеа струја, кога ни забранија абортус… итн. Си реков ова ќе појде како што дојде. Не многу возбудена, иако по природа сум бунтовник, си влегов во една од продавниците да се дообновам од заштедата. По пет минути кога сакав да излезам видов дека вратата е затворена, а решетката спуштена, пред неа трпеливо чекаат продавачите и двајца-тројца збунети туристи. „Не се вознемирувајте, пуштија гасни бомби, затворивме за да не се угушиме, ќе помине, ќе излезете.“

А? Не ми е јасно ама баш ништо!

Гасни бомби? Зошто? Од каде? За мирен протест против сечење дрвја? Нетрпеливо чекам да се тргне решетката и да излезам на улица, едноставно во мене клокоти љубопитност. Излегов, но околу мене не е истата состојба што ја оставив пред малку, се шири некаков чуден мирис наоколу, има многу повеќе луге, има многу повеќе бес на нивните лица, има марами околу устите, гас маски за подготвените, еден куп мобилни телефони во вис и ете го змејот во сино, се доближува кон нас, а од устата наместо оган испушта млаз вода.

Зошто? Како? Нема зошто! Нема како! „Ќе си молчиш народе“, пораката ми стана јасна.

И нормално очекувам толпата луѓе да се стрча назад и избезумено да бега пред овој монструм! За прв пат почувствував среќа поради неостварните очекувања. Храбар женски глас излезе од една ситна девојка. „Не се плашете, трчајте напред! Не ни можат ништо! Заедно сме посилни!“ Стојам назад, се чувствувам како странец што и сум, ѝ спуштам на повиците на другарката која ме чека подолу од уличката. Сакам да сум овде, сакам да го искажам мојот бес кон дрвосечачите, кон барокните архитекти, кон одземачите на парче леб од гладните, кон оние кои се дрзнаа да ми влезат во утробата и да решат за мене да затруднам, кон оние кои ми поскапеа струја, вода, бензин… И ете го и мојот глас. „ФАШИСТИИИ! ФАШИСТИИ!“ А ете го и млазот вода, бутка храбри луѓе пред себе, ги турка во сокачињата. Другарката ме повлече за рамо и ме замоли да заминеме, носеше контактни леќи, во спротивно…

Се вратив во студентскиот дом. Се чувствувам моќно и тажно истовремено. Извикав „Фашисти!“ во туѓа земја на мои политичари. Се почувствував притоа поддржано од целата маса луѓе околу мене, некако и заштитено од оние кои летаа пред млазот вода, оние кои плачеа од гасните бомби! Се почувствував вредно јас и мојот глас, некој таму се исплаши од мојот глас и сакаше да го замолчи!

И наеднаш на веб порталите излегуваат информации од денешниот настан кој јас мислев дека заврши, а тој само што започнал. На истата улица Истиклал не само што дневната бројка демонстранти се зголемила, туку во нив се зголемиле и разочараноста, бесот, болката и желбата за право на демократија. И немајќи доволно место на Истиклал за да го собере целиот овој разбеснет народ, протестот се проширил и во околните населби, Нишанташ, Кабаташ, Бешикташ, Каракој, Атакој… Па не само што е освоен тој регион, туку сите револтирани излегуваат низ цел Истанбул, па од тука доаѓа и поддршката во Анкара, Измир, Ескишехир, Коња… Бесот се прошири низ цела Турција. „Благодарение“ на замолчените медиуми врзани за владата, народот уште толку повеќе се мотивира и стана креативен што по социјалните мрежи го разбуди цел свет. Стигнаа фотографии за собир на солидарност во Франција, Германија, Холандија, Шпанија…

Во Истанбул познатите Султан Сулејман и Шехерезад донираат пари за лекови за повредените. Во Таксим, поради тоа што интернетот е исклучен, сите ги исклучуваат шифрите на безжичните мрежи за да има постојан проток на информации од местата на настаните. Во Измир се делат бесплатни ѓевреци за луѓето што протестираат. Оние кои не излегуваат надвор поради оправдани причини даваат поддршка со вклучување и исклучување на светлата во своите домови. Трите најголеми тимови Бешикташ, Галата Сарај и Фенербахче сега се еден тим со една цел!

Нема молк во Истанбул! Нема страв во Турција!

Помина 12 часот по полноќ, веќе е 1 јуни. Прва ноќ во Истанбул како наместо песна на галебите и заплискување на морето слушам сирени, извикувања, звуци на хелихоптери. Прва немирна ноќ во Истанбул, која ми донесе мир во душата затоа што знам дека таму надвор се води борба за достоинство, демократија и слобода!

Немам дозвола да излезам од домот и се чувствувам крајно немоќно крај лаптопот. Ѝ љубоморам на храбрата девојка со млаз вода во лицето, му љубоморам на момчето со раскрварено колено, им љубоморам на мајките со деца, на дедовците со бастуми. Тие сите се надвор, а јас не можам никако да ги поддржам. Креативноста на демонстрантите искажана на паролите на интернет ми го подигнуваат секое влакненце на телово, ми ги полнат очиве со бес, тага, но и некоја гордост што сум овде, земјата во која се случува револуција! „Сега сфативте ли зошто ние Турците и Курдите се држиме одвоено? Затоа што кога се спојуваме правиме револуција! Ништо не ни можете, заедно сме посилни!“

Како што ги прегледувам сите видеа, сите колумни, сите слики, пароли, сфаќам колкава е сличноста. Ме изреволтира само еден пост: „Ајде да ја поддржиме Турција!“ Не, драги мои, Турците докажаа дека можат и сами, ајде да се кренеме ние, сите ние си имаме наши дрвосечачи! Ова што се случува во Турција треба да биде последната капка, да ни биде само едно охрабрување, едно потсетување за моќта на народот! Моќта на нашиот глас! За тоа дека ако за’ржиме не ни можат ништо, може ќе полаат и тие малку, но кога-тогаш ќе ги свиткаат опашките. Доста ги пиевме своите кафиња и се восхитувавме на туѓата храброст, потиснувајки ја својата во талогот!

Извор: www.izlez.mk
Слики: Tony B Conscious

Слични содржини

Општество / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото