Последниот човек во Европа

26.10.2009 12:40
bowie.jpg

Дејвид Боуви и албумот Heroes, триесет години подоцна го затвораат кругот

Дејвид Боуви беше последната голема личност од долгата низа англиски автори кои се занимаваа со рокенрол. Неговото сублимирање на англиската музичка школа од формалните холови со рокерското искуство дадоа неверојатни резултати во моментот кога целиот свет се претвори во телевизиска сцена погодна за континуиран театарски водвиљ. Разните личности кои тој ги играше на сцената ни зборува за состојбата на духот на современата ера. После него - а тој се збогува со самиот себеси со песната Ashes to Ashes во 1980 – започна т.н. New Age of Pop, кој беше одбележан со доаѓањето на каналот MTV во истата година. Краткиот бран на „новиот романтизам“ - во кој сите се угледуваа на Боуви - само го најави времето на брутално пресметливата поп музика која почна да му парира на блокбастерот. На сцената настапи новиот музички Холивуд која трае до ден-денес.

Но во тој период дури и самата индустрија сè уште беше пресреќна кога пред себе имаше значаен автор на кој бескрајно му верува, а кој истовремено има маса од следбеници чија љубов обезбедува тиражни изданија уште пред авторот воопшто да стапне во студиото. Дејвид Боуви беше златната кокошка на индустријата, но и последниот голем автор којшто таа го пратеше со внимание – барем во англиските кругови. По него дојде... кој? Осамостоениот Фил Колинс? Наскоро потоа, индивидуалноста која ја прославуваше Боуви ќе биде заборавена. Тој свесно ќе се прилагоди на новиот, глобално устроен пазар на поп музиката кој веќе беше најавен од сè повмрежениот свет во кој живееме до ден-денес. Иако неважно за оваа приказна, сепак, од Боуви па сè до денес англиската музичка сцена ќе остане да страда од недостатокот на врвна, светски позната, самостојна, машка поп ѕвезда. Питер Габриел, Џорџ Мајкл, Роби Вилијамс.. никој од нив не стана ѕвезда затоа што се повлече за сопствените пачавици сè до врвот, туку само зашто изронија од некоја веќе позната група, и зашто ги следеа патоказите кои ги постави Боуви.

СТРОГО НЕКОНТРОЛИРАН: Боуви беше првата рок ѕвезда која воопшто не пееше рок. Мислам, рака на срце Мик Ронсон и Каролос Аломар се напрегаа од петни жили и совршено свиреа со него и хард и фанки рок. Боуви го сакаше тоа, и кимаше со главата додека стоеше покрај нив на сцената, но, сето тоа беше само еден вид љубов на далечина која имаше свое место во претставата.

Ако со нешто го најави новото време, Боуви тоа го направи низ претворањето и прилагодувањето на имиџот и настапот во сопствен рок израз – кој, секако, ќе немаше содржина без паралелната, до лудило совршена музика. Сепак, јасно е дека единството помеѓу визуелните и аудио креациите беа основата на неговата уметност. Боуви, всушност е првиот кој откри дека големата уметност се заснова на поигрување со контекстот и со очекувањата на посматрачите. Не помина долго пред и останатите да откријат дека креирањето на контекстот во кој се работи е главната уметничка практика на времето кое доаѓа.

Во тој правец, неговото друго големо откритие беше она што би морале да го наречеме „невербален поп“. За разлика од големите поети на рокот, од Дилан, преку Џегер, Мичел, Рид, Поп и останатите, Боуви ја воведе визуелноста во рок искажувањето на дотогаш невиден начин. Сите негови песни содржат огромен асоцијативен набој и се базираат колку на кажаното, толку и на навестеното и атмосферата. Во таа смисла, Боуви ракуваше со неискажаното и замисленото на начин кој на луѓето им навестуваше дека се остварливи дури и нивните најлуди соништа. Во ерата кога телевизијата го презеде приматот во средствата за комуникација и го најави интерактивното време на интернетот, Боуви беше рокенрол автор во најтесната смисла на зборот. Како човек кој подеднакво инспиративно владееше како со визуелните пораки, така и со телесните движења, гардеробата, држењето на телото, но и со зборовите, Боуви беше совршен уметник за времето во кое зборовите повеќе не беа важни. Иако беше првиот кој сфати дека тој што ги контролира сликите и движењата ги контролира и емоциите, сепак мислам дека од денешна перспектива на овој период во кој преовладуваа ТВ сликите - период кој не дозволуваше многу да се зборува зашто времето стануваше сè поскапо - на Боуви треба да гледаме како на автор кој ја бранеше честа на зборовите и нивната смисла.

На крајот дојде и третиот негов продор низ обликот на машка ѕвезда која се обидува да комуницира со својата друга страна, што и да е таа. За прв пат голем дел од особините кои традиционално ги сметавме како поблиски на жените, Боуви успеа да ги врами во ликот на рок ритамот. Џон Мичел, Џенис Џоплин и Дејвид Боуви создадоа различни видови на рок женскоста, доколку на истата гледаме низ призмата на род наместо пол.
И на крајот, неговиот глас, незаборавен во својата способност да ги натера сетилата да се препуштат самите на себе и да нè однесат во нови светови. Тој глас секогаш имаше нешто ново да ни соопшти.

САМ ВО СОБА СО НЕГО: Постарите зборуваа за интелигенцијата и уметничката одважост која тој ја претставуваше во поп музиката и за неговата непредвидливост и генијалност во изборот на инспирации кои ги вкрстуваше на начин кој дотогаш не беше познат. Зборуваа дека на голема врата го воведе кемп пристапот, но сè што беше важно за нас младите беше дека едноставно, тој нам ни се обраќа. Секој сингл кој го објавуваше го опишуваше нашиот живот и дејствуваше како порака пуштена во море која допловила до нашиот премногу далечен брег. Деликатниот хумор, кој досадните Американци воглавно не можеа да го детектираат, беше негов заштитен знак повеќе отколку што било друго. Преку изразот, во кој не постоеја правила, ни кажуваше дека нашиот живот може да земе било каков облик, сè што треба е да се потрудиме –едноставно сè зависи само од нас.
Колку многу му верувавме во тој момент е доловено низ неговото физичко појавување во филмот Кристијана Ф – поточно, заносниот момент кога Боуви се појавува на сцената на некој концертен простор во Берлин и започнува со песната Station to Station и и` се обраќа на Кристијана навалувајќи се над неа со целиот отуѓен сјај на својата моментална стејџ персона. СИТЕ мислевме дека Боуви ни се обраќа само на нас и зборува само во наше име. Спомнатиот филм како филм и не беше важен, освен затоа што во тој момент сите ние во Белград веќе се облекувавме како децата во филмот. Но, моментот во кој Дејвид Боуви од сцената гледа директно во Кристијана - која успева да се пробие до првиот ред – за нас беше единствениот опис на магичното единство кое рок авторот го воспоставува со својата публика, а кое дотогаш имавме прилика да го гледаме само низ филмскиот јазик. Еднаш засекогаш, помеѓу него и нас, беше споделена тајната дека сите сме ѕвезди.

Наскоро потоа ќе стане очигледно дека ние самите играме во неговите песни и затоа тукушто доаѓаше времето во кое ќе го засакаме... и ќе станеме „херои“.

БЕРЛИНСКОТО НЕБО: Берлин – современата географија ни кажува дека градот и понатаму е неиспитан. Тоа е градот на пријателско заводливата декаденција, која се крие и зад новите градежнички потфати. Често велат дека од поголемите метрополи токму Берлин најмногу личи на Белград. Не знам дали е баш така, но факт е дека станува збор за град кој постојано се гради одново - чиј облик или лик не се толку важни, колку што се важни неговите граѓани; град кој е за нијанса поексцентричен од вообичаениот германски поглед на работите. Берлин има чудесно многу паркови, а самиот град има пет или шест центри, а при тоа ниту еден од нив не доминира. И денес е многу лесно да се загубите во Берлин, и вистински и фигуративно, зашто зафаќа навистина огромна површина. Населбите од кои е составен се буквално како колаж која е нафрлен одозгора; секоја со своја јасна историја и идентитет. Притоа, помеѓу населбите не постои некоја меѓусебна врска. Поделен со ѕид и вратен назад во поп културата со потресниот албум нa Лу Рид (Berlin), сјаен како излог вперен кон комунизмот - западен Берлин во седумдесеттите години беше Дизнилендот на студената војна; место во кое се чинеше дека истовремено сè, и ништо не е можно.

Театарската поп претстава која ја изведуваше во текот на таа деценија, замалку не му дојде до глава на Боуви, а моментот кога побегна во Берлин беше како од куќниот пекол на дрогата да истрчате во паркот полн со дилери. Но, најважна беше промената и релативната медиумска анонимност која Боуви не ја уживаше на ниедно друго место во текот на седумдесетите. Тоа му овозможи да се обиде да направи нешто сосема ново. Трилогијата која ја создаде тогаш заедно со продуцентот Брајан Ено (Low – снимен во Франција, Heroes и Lodger во Берлин) беше неговиот последен голем авторски потфат. Во осумдесетите следеше веќе спомнатиот тестамент наречен Scary Monsters and Super Creeps и уште неколку синглови. И одеднаш, во 1983 свесно безличниот аудио стиропор наречен Let’s Dance на сцена го донесе најновиот Боуви, спремен да позира како оптимистичка ѕвезда пред секојдневниот потрошувач, и да снима спот секој ден, зашто сфати дека во тој момент видео-спотот беше и огледало на поп ѕвездата, но и нејзиниот крај.

Но, во периодот за кој зборуваме, додека се криеше заедно со другарите меѓу кои, секако, беше Иги Поп во овој секогаш пограничен град со скромна препознатливост, Боуви најверојатно беше обземен од необврзаноста да угоди, а и можноста постојано да истражува и да пронајде нешто ново во себе. Па дури и да го сретне својот двојник.

И иако бесконечната серија шокови на кои ја изложуваше јавноста и своите обожаватели одеше надалеку во откривањето на нови страници, испитување на расцепеноста, одвоеноста и празнотијата; и иако тој самиот некако успеваше да ги премости сите јазови, и веќе беше познат низ целиот свет, макар само и како уште еден од плејадата електрични англиски ексцентрици, Боуви прерасна во име кое ги надрасна сопствените претензии дури откако пристигна во Берлин и го сними Heroes - албумот кој се издига над времето кое го опишува како триумфална капија на малите, со живот исполнети луѓе, и пред самиот живот да им се случи.

Во тие денови, во ветрометот на политичката пресметка наречена студена војна во западен Берлин (свесен за социјалните разлики уште од мали нозе, а и поради многу болниот банкрот кој самиот го преживеа во средината на седумдесеттите), после многу години јаз помеѓу поп ликот кој го создаде и себството кое се обидуваше да го пронајде, а кое бараше мир за да може да се изрази, Боуви повторно можеше да испее песна и албум за себе на начин кој делуваше како метафора за останатите. Целокупната драма и единствената можна победа на таканаречениот мал човек се состои во надминувањето на границите, а најголемата победа која може да му биде дадена на човекот е победата над однапред зададените правила. Затоа албумот Heroes зборува за разликите кои нè делат и нè условуваат. Како што сите знаеме: ние сме предодредени и омеѓени, а количината на границите и ограничувањата кои ни ги диктираат местото на раѓање, културата, поднебјето, дури и страната од улицата на која сме родени е толку фантастично голема што станува јасно колку голем злосторник е секој кој на постојните граници додава нови. Измислувањето на границите е бизнис за некои, но сосема сигурно е дека на обичниот човек не му се потребни повеќе, зашто и со постојните не знае како да излезе на крај.

Химната на храброста, толку многу потребна за барем на момент се прескокне расцепот, е снимена во студиото кое го нарекле Ханс покрај ѕидот. Студиото навистина било на домет на пушките на советските воени посматрачници, од кои низ двоглед музичарите биле пратени во нивната работа секогаш кога ќе ги помрднеле завесите. Од прозорецот на студиото не само што можеле да се видат, туку можеле и да се помирисаат пушките...Покрај ова, се работело во простории чиј паркет ги памети чизмите на Гестапо. Салата во која се снимало некогаш служела како сала за забави на полицијата. Зар може да се посака подобра подлога за креирање на ослободувачката фантазмагорија за рушењето на границите?

И ден-денес, кога ќе го погледнете слабиот, затегнат човек во рудиментираниот ТВ спот кој ја пее песната додека стои во место и се ниша полека, небаре ќе се откачи од сопствените нозе во следниот миг, знаете дека Heroes е моментот кога Дејвид Боуви изникна од уметничката магма (која не им е разбирлива на сите), за да каже нешто толку вистинито и тривијално што се врежа во свеста дури и на оние кои не слушаа музика, освен попатно. Законите на новото време и нашата идна судбина беа содржани во желбата да се биде херој на еден ден, па макар и само играле во песната чие правилно име – нималку случајно – е во наводници („Херои“, а не Херои).

Многу нешта се кажани, но никогаш доволно точно, за последниот период од неговата сè уште актуелна кариера на светски суперстар пејач и професионална ѕвезда; главно за површниот дел од кариерата кој трае до денешен ден, кој тој го наплати повеќе од заслужено. Но, зарем токму Боуви не ја исцрта најубаво судбината на сите жители од предградијата на потрошувачките надежи, кога го склопи епитафниот рефрен во име на целата генерација: „Можеме да бидеме херои – барем на еден ден“: мислеше на себе, но секогаш кога мислеше на себе, зборуваше за нас.

Во својата последна, веќе спомната, важна песна, Ashes To Ashes од 1980, додека се збогува, Боуви повторно се коментира самиот себеси. Тој се симнува од боженствената непревидливост во профаната очекуваност и се повикува на својата мајка, која наводно му велела дека не се шегува околу мајорот Том (Major Tom), зашто навистина е junkie. Станува збор за првиот лик или глумец во неговата песна (и прв хит: Space Oditty од 1969). Ваквата иронична искреност кон себеси ги разоружа критичарите и сè уште е ретко видено јавно општење на авторот со самиот себеси. На сцената тој самиот се коментира преку ликовите кои ги создал (а потоа дозволува ликовите да се коментираат меѓу себе и генерално да продолжат да водат свој сопствен живот): целокупниот театар, кој му беше потребен на Боуви да ја преживее сопствената сатирична амбициозност и потребата да каже нешто – фала богу, му успеа. И како одеше сè понапред и подалеку, сите тие ликови на крајот се враќаа во него, додека повторно не остана само тој, Боуви: кобајаги херојот.

PAST FUTURE: Во годината во кога беше издаден (1977), Heroes беше албум на годината според NME и „Мелоди Мејкер“, двата највлијателни музички часописи во Англија; тоа не беше секојдневно.

Во седумдесеттите Берлин беше идеален симбол на декадентниот безизлез во кој западна светот, а во кој ние заспавме, без надеж дека некогаш ќе излеземе.
„Хероите“ или љубовниците единствено што можеа е само да ги обноват романтичните митови за врските кои ги држат заедно заљубените. А јас и понатаму верувам дека само тоа може вистински да нè спаси сите. Таа година Боуви заложи сè на таа карта и доби нешто што никогаш претходно го немаше. Покрај љубовта од оние кои веќе му беа верни, кои поради ситните слабости во неговата наводна отуѓеност од себе си и човештвото кои им ги откриваше го сакаа уште повеќе, тој се стекна и со разбирањето од страна на мнозинството за неговата поетика на криење позади маските. Но, тоа не беа маски, туку серија на фацијални грчеви претворени во поза на човек кој едноставно само сака да се одмори од сите притисоци.

Плочата "Heroes" е всушност social fiction анализа инспирирана од атмосферата на моќните антиутопијски книги од Орвел до Замјатин, преку Бароуз, до Гибсон кој тогаш се појавуваше на сцената (што веќе беше најавено на постариот албум Diamond Dogs,1974). Енки Билал сигурно ги гледа пределите опишани на оваа плоча додека ги црта своите стрипови во кое бунилото од сивата Источна Европа се претвора во вертикални бајки за вонземјаните кои влијаат на нашите животи. На сличен начин, по епохалното откривање на внатрешноста на СССР (кој го пропатува заедно со Иги Поп во пролетта 1976) во Берлин Боуви се најде во препознатливата квечерина на градката реалност, замачкана со неможноста: познат му беше тој вкус на зелка со кој започнува песната 1984 која се наоѓа на албумот Diamond Dogs, a која ја претставува најблиската точка до која успеа да ни пријде и која истовремено го афирмираше рокенрол погледот.

Доколку постои рокенрол поглед на работите, тој беше запечатен и пратен во вселената на 21 век во форма на порака со песната Heroes. Нејзината химничност е во склад со привидноста на славата за која што зборува, а која денес е судбина на многумина. Класична во својата грандиозна, повторлива гласност, Heroes е моторична верзија на историјата на целокупната рок култура. Нејзниот основен музички мотив постојано се повторува, сè додека минималните разлики во пеењето не почнат да ни ги доловуваат разликите големи како од небото до земјата.

Останатите песни со текст на албумот Heroes, зборуваат за љубовните приказни во изгубените времиња. Секоја од нив во себе ги содржи мотивите за достигнувањето на љубовта и надворешното насилство кое прети да го загрози животот на заљубените. Но насилството не е именувано, а не е ни љубовта – насилството во песните се појавува како постојано присутна тензија со низок интензитет која може погубно да експлодора во секој момент, додека љубовта се појавува во облик на серија од страстни слики.
Добредојдовте во зоната во која живееме денес – во која нема коли, нема девојки и соништа од предградијата - тие некогашни силни слики на наивниот рокенрол. Воведната Beauty And The Beast вели: "Thank god heaven left us, standing on our feet", и со тоа го диктира расположението до крајот на оваа сага за непознатите јунаци поразени од сопствените страсти.

Страста во темнината е она што го воздигнува албумот Heroes до височините од кои нема враќање назад во просечноста од која било врста. Врелата тишина која ја нуди не е забележана во содржината на ниту еден друг албум. Ритмовите во албумот – јакото и гласно бело свирење помешано со ѕверските синкопи на црнечката, опуштената гитара на Карлос Аломар, ги голтаат недоумиците на Боуви и ја изоструваат неговата визија за светот по кој чекорат луѓе проколнати од местото во кое живеат, а кои и покрај тоа се полни со силни, животински страсти. Оттука, не треба да чуди што во материјалистичките осумдесетти, првиот голем хит сингл на новоизмислениот straight pop Боуви беше за Cat People – саундтракот за филмската хорор симфонија која ги опишува луѓето кои им робуваат на сопствените страсти кои се толку многу појјаки од нив што им го бришат сеќавањато на нормалното однесување (по некоја случајност опишаните ликови во филмот потекнуваат од нашите –балкански - простори).

ЈУГОТ НА ТАГАТА: Боуви ги навести сите видови панкерски претерувања и неумерености. Тоа е повеќе од документирано (сите го сакаа Зиги Стардаст, а ако го погледнете Били Ајдол во Сијукс Сијукс, веднаш го знаете тоа) сè до Нирвана (погледнете го омотот на The Man Who Sold The World на кој Боуви носи фустан, исто како и Кобејн многу години подоцна). Сепак, длабокиот впечаток кој го остави на белградскиот ноќен живот (на часописот „Изглед“, група Козметика) најверојатно не е најдобро објаснет.

Во еден период во бивша Југославија, некаде после 1974 година, кога партиската диктатура за последен пат сонуваше за потполна контрола на општеството и кога пресметката со секој вид на опозиција беше еден вид дневна обврска која ја исполнуваа оние чие деца денес се на власт, тогашниот режим свесно ги подбутнуваше потрошувачките импулси. Поволни кредити, бесплатни станови, патувања во странство за џабе... невозможно е да се набројат сите начини со кои се корумпираше населението. Токму пактот кој Тито го склопи со народот, а кој почиваше на лажниот стандард до кој се дојде без мака и работа (патем, тоа е најголемиот трик кој Тито некогаш го изведе) ги препозна желбите на овдешните трудбеници. Тие, како и самиот Тито некогаш одамна, сакаа леб без мотика-и тоа им го даде. Затоа, дури и денес на тој период - во кој очевидно живееле во лага - многумина гледаат како на златниот период во нивното постоење. Зарем не го прави тоа Тито еден вид „перформинг артист“?

Најверојатно.

Но нему му беше лесно, зашто во сферата на политичкото изразување не беше дозволено никакво организирање, ниту некој смееше да каже или направи што било без дозвола од Партијата. Оттука, неопходната критика се појавуваше исклучиво во вид на каков-таков метафоричен јазик. Партијата интервенираше помеѓу масите со делење материјални богатства кои беа набавени со странски кредити и на тој начин, со поткупување, ја минимизираше моќта на метафората и ја задушуваше секоја можност за побуна. Во тие моменти кога – само наизглед – сите можеа да си дозволат кола, стан или отидат на летување, беше необично тешко да се разликувате од толпата, зашто разликите беа релативизирани. Домашните рок групи уредно можевме да ги видиме на фестивалите за забавна музика и на работничките акции. Што тогаш му остануваше на човек како доказ дека не припаѓа на милјето?

Боуви ветуваше гламур со став. Тој, многу лесно достапен гламур кој се заснова само на идејата на сопствениот визуелен израз и инвентивно облекување беше револуционерен насекаде – се чинеше дека секој може да се измисли себеси. Во Белград тоа наиде на запаливо тло кај ситуираните деца од Дедиње кои можеа да си дозволат приватни журки на кои се пресоблекуваа, шминкаа и креваа рок галама, а притоа беа оддалечени од музичко-работничкиот штимунг на поголемиот дел од рокенролот. Неконтролираните интелектуални претензии се подразбираа, (кои, во денешниот површен свет, никој повеќе не ги поседува) и овој град во времето на албумот набргу се наполни со глумци во неговите песни; разни „херои“.

Во Боуви, заштитените деца го здогледаа светецот кој им ветуваше дека животот е нешто повеќе, понежно и посветликаво од она што го гледаа околу себе. Но, не беше.

Извор: Vreme (текстот е објавен во декемрви 2007 година – по повод 30 години од излегувањето на Heroеs).

превод: Ана Ангелова

Слични содржини

Култура / Музика / Историја
Уметност / Теорија / Музика / Историја
Графички Дизајн / Уметност / Музика / Историја
Книжевност / Музика / Историја
Музика / Историја

ОкоБоли главаВицФото