Бајати информации – нови содржини

05.06.2013 07:23
Бајати информации – нови содржини

Размавтаното copy-paste новинарство деновиве на страниците на македонските весници и портали донесе едно интервју на Џони Штулиќ во кое тој говори за своите чувства кон Југославија, го изразува неговиот протест кон состојбите на Балканот, неговата одлука повеќе да не свири на овие простори… Рокерот кажува дека има само југословенски пасош, дека е затворен во себе и така натаму.

Текстот што во многу македонски медиуми е преземен без потпис и извор го прочитав на МКД-њуз, а таму само се наведува дека автор на истиот е Петар Поповиќ. Дел од македонските медиуми наведоа од каде го презеле интервјуто (српскиот таблоид Курир), дел гледаме дека не, и сето тоа се случи во некаква трка во која нараснатиот број на извори на информации некритички и лицемерно – ќе видиме и невнимателно – влегува во трката по ексклузива.

Она што е важно за ова пренесено интервју е дека тоа е навистина на Петар (Пеца) Поповиќ и старо е четири години. Објавено е на 15 октомври 2009 година во белградски НИН. Сè во него како содржина е секако старо исто толку години. Ама кој би проверувал… Така македонскиот читател без да сака деновиве прочита стар весник, или стана страстен читател на „бајата стока“, толку што можеби и веќе е расиплива. Дали Џони Штулиќ сè уште носи долга коса, игра фудбал, дали воопшто е здрав, живее ли уште во Утрехт?

Основен проблем на македонското новинарство денес е што има повеќе редакции отколку читатели и што квалитетот е апсолутна жртва на квантитетот. Ништо не се проверува, бидејќи, редакциите се сведуваат на неколку членови, па се нема време за каква било темелност, а преземањето стории еден од друг без усул е просто правило секое утро.

Таквото однесување е дел и од една друга појава, а тоа е речиси комплетното пожолтување на медиумите кај нас, што секако го препознаваме и низ ова интервју – не е лошо ако се чита белградски печат, па секако и да се презема, ама барем да се читаше НИН место Курир?! Ете како доаѓаме до уште една карактеристика на жолтиот печат, а тоа е да се потпира на извори кои се слични како и тој самиот, односно „жолтото си го бара жолтото“.

Точно е дека Петар Поповиќ, кој е автор на интервјуто е веројатно најпознат рок новинар на подрачјето на екс-Југославија, ама некои работи биле индикативни. Значи кога веќе се презема еден таков текст неопходно e да се направи проверка (најпрвин и заради изворот, нели). Во текстот на пример се кажува дека „министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ му понудил пасош“ на рокерот. Ете една нелогичност – Дачиќ е сега премиер, па оној кој го превел текстот од српски додал во заграда дека „Дачиќ е сега премиер“. Зошто тоа не било повод за сомневање во изворот, односно нели ако денес Дачиќ дава пасош тоа пред сè би го сторил како прв човек во владиниот кабинет, иако е тој воедно и министер за внатрешни работи?! Таа временска дискрепанција не принудила никого да се замисли над веродостојноста на објавеното?

Да земеме и еден друг пример од тој текст како можело да се препознае „бајатиот вкус“?

Секогаш треба да се видат податоци од Википедија, на пример, која е лесно достапна за херојот од сторијата. Тоа некогаш дава повод за некаква интерна оригиналност, која би ја збогатила приказната и би ја направила почитлива! Да споменеме дека Џони Штулиќ е роден во Скопје на 11 април 1953 г. Тој растел во нашиот град и тоа за новите читатели може да биде дури интересен факт. Ама и би ја открила измамата со интервјуто. Имено, во него пишува дека Џони Штулиќ сега има 56 години, а тој, ако се види од датумот на раѓањето, има полни 60 години.

Џони Штулиќ последниве години во една креативна смисла е опседнат со Крале Марко, што е одново една допирна точка со нас, ама тоа бара проверки, работа, преслушување на музички материјали… Воопшто, добро е да се види и музичката биографија на Штулиќ. Па, така, лесно би се открило дека тој во една продукциска смисла баш „се размавтал“ – има направено 16 обработки на народни песни од југословенските краеви и тие ги објавил на Јутјуб. А тоа е сè лесно достапно, мора да се признае, но целосно отскокнува од атмосферата која ни го дава интервјуто и пораките што преку него ни се испраќаат! Музиката на Штулиќ е далеку од тоа да е клинички мртва! Нешто за тоа лани имаше на порталот МКД.мк, колку за да не се прелистуваат „туѓи“ весници.

Една од карактеристиките на жолтиот печат е медиумите да не се извинуваат кога очевидно ќе згрешат или кога ќе бидат фатени во лага. Курир, дури и на изречно барање на НИН не го стори тоа и две недели после интервјуто, а треба да видиме дали македонските пренесувачи ќе го потврдат правилото и дали ќе им се извинат за бајатата стока на своите читатели кои се исто така измамени, сеедно од кого и по кој повод.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).