Спас за игралиштето на Мексичка!

05.06.2013 08:48
Спас за игралиштето на Мексичка!

Пред точно една недела, на 29 мај 2013, на детското игралиште помеѓу куќите на ул. Мексичка и ул. Хелсинки во општина Карпош, пред Мексиканскиот споменик, дојдоа градежни работници да копаат темели на сè уште непознат, за нас жителите, објект. Градежни активности се вршат веќе шест дена, а табла не е поставена на градилиштето, иако тоа претставува законска обврска.

Многу нешта оттогаш останаа непроменети, нашите возила се на влезот на игралиштето, нашиот мирен протест трае, но и багерот копа. Она што се измени, покрај големината на дупката за темели, е и интензитетот на нашата решеност да го сочуваме игралиштето, нашата сплотеност, сложност и подршка која од ден на ден расте. Ако тој грозен ден немаше медиум кој сака да го регистрира нашиот револт, денес јавноста знае за нашиот проблем, за проблемот кој им се наметна на децата на Тафталиџе, за проблемот кој ја мачи општина Карпош и нејзините жители.

Од неколку соседи кои спонтано ги наредија автомобилите еден до друг, прераснавме во Граѓанската иницијатива Мексичка. Сакаме јавно да им се заблагодариме на сите медиуми, интернет портали, дневни весници, невладини организации, граѓани, кои дојдоа овие неколку дена да нè поддржат во нашите напори да го сочуваме детското игралиште Дрвени, да ја информираат јавноста и да дадат придонес во решавањето на оваа апсурдна ситуација. Оваа сабота, 8 јуни, во 12 часот, повторно ги повикуваме сите граѓани кои сметаат дека нема место за каков било објект на кое било детско игралиште и на кое било зеленило, да ни се придружат во протестот по вторпат. Багерот тропна на нашата врата, утре можеби ќе тропне и на вашата!

Ние имаме само една цел, да го зачуваме игралиштето пред Мексиканскиот споменик. Уништување на детско игралиште и зеленило за изградба на објект за нас е недопустливо. Да не дозволиме Тафталиџе да стане новото Дебар маало! Да не дозволиме детско катче каде веќе 45 години се собираат деца од разни возрасти да изчезне! Да ја почитуваме солидарноста на Мексико и да го сочуваме мексиканскиот подарок! Со овој обид да се уништи ова богатство, не само што се соочуваме со непочитување на јавниот простор, негрижа за природата и зеленилото, за децата, маалските традиции и начин на живот, во пресрет на педесетгодишнината од земјотресот во Скопје, ние се соочуваме и со подмолно непочитување на жртвите, донациите и хуманоста!

Ние жителите на ул.Мексичка и Хелсинки не само што имаме право, туку имаме и морална одговорност, пред самите себе и пред нашите деца, да се бориме за ова игралиште и спомен-одбележје. Ние ќе сториме сè, ние ќе спиеме со мирна совест, но со каква совест легнувате вие, Г. Јакимовски?

Не ја наследуваме земјата од нашите предци, ја земаме на заем од нашите деца!

 

Граѓанска иницијатива Мексичка

ОкоБоли главаВицФото