Латинската империја го возвраќа ударот

05.06.2013 10:11
Латинската империја го возвраќа ударот

Во 1945 година, францускиот филозоф и висок државен службеник, Александар Кожев, го напиша есејот „Латинска империја: скица за француската политика“. Овој есеј (всушност допис до претседателот на привремената влада Шарл де Гол) е толку актуелен што и денес привлекува големо внимание.

Покажувајќи одушевувачка моќ на предвидување, Кожев тврдеше дека Германија наскоро ќе стане најмоќната европска економија, а Франција ќе игра споредна улога во западна Европа. Луцидно го предвиде крајот на националните држави кои дотогаш го даваа главниот тон на европската историја. Како што модерната држава произлезе од крахот на феудалните политички институции, така и националната држава ќе го отстапи местотот на нешто што тој го нарекува „империи“, кои ќе ги надминуваат националните граници.

Овие империи нема да бидат засновани, тврди Кожев, на апстрактните категории рамнодушни кон вистинските културолошки, животни и конфесионални врски. Империите - како англосаксонската (САД и Велика Британија) или советската - мораат да бидат „транснационални политички ентитети сочинети од меѓусебно слични нации“.

Во таа смисла, тој предложи Франција да одигра водечка улога во „латинската империја“, која економски и политички би обединила, со согласност на католичката црква чија традиција би ја наследила, три големи нации чии што јазици водат потекло од латинскиот јазик (Франција, Шпанија и Италија), со отворен пристап за другите медитерански нации. Според него, протестантска Германија, која наскоро ќе стане најбогатата и најмоќната нација во Европа (што навистина и стана), неизбежно ќе подлегне на своите воневропски склоности и ќе се сврти кон англосаксонската империја, за која Франција и другите латински нации ќе бидат туѓо тело со предодредена улога на периферен сателит.

Денес, откако ЕУ е создадена со игнорирање на длабоките културолошки врски помеѓу некои од нејзините нации, би било корисно - и неопходно - да се оживее предлогот на Кожев. Неговите прогнози се остварија. Денешна Европа која се обидува да опстане само на економски основи, заборавајќи ги своите длабоки врски помеѓу начинот на живот, културите и конфесиите, постојано ги покажува своите слабости, и тоа посебно токму на економски план.

Таканареченото единство на ЕУ почнува да пука по шевовите и имаме прилика да видиме што остана од него: наметнување на интересите на богатото малцинство на сиромашното мнозинство. Во повеќето случаи овие интереси се во склад со интересите на само една нација, што во историјата не се покажало како добро решение. Не е само бесмислено да се бара од Грците и Италијаните да живеат како Германците; дури и кога такво нешто би било можно, тоа би довело до деструкција на нивното културно наследство. Политичкиот ентитет склон кон игнорирање на различните начини на живот е не само осуден на кратко траење, туку, како што на примерот на Европа јасно видовме, тој воопшто не може да се конституира до крај.

Ако не сакаме Европа да се дезинтегрира, иако многу знаци укажуваат дека тоа е сосема можно, мораме веднаш да пристапиме кон преформулирање на европскиот устав (кој за сега е само некој вид меѓудржавен договор, кој не беше секаде поднесен на референдум, а таму каде што беше, како во Франција, беше мнозински отфрлен).

Треба да се обидеме да ја обликуваме политичката стварност во нешто слично на она што Кожев го нарекува „латинска империја“.

Извор: Libération/PressEurop
Слики: Екарт Хан

ОкоБоли главаВицФото