Кит

05.06.2013 12:55
Кит

Во гратчето Малецко постоеле општинче, школиче, домче на културиче и рекиче. Во тоа Малецко стигнала голема пратка. Малецканскиот иселеник Петар испратил жив кит. Нека види родниот крај до каде дотуркал Петар во туѓиот свет.

Среќниот претседател на малецканската општина, во рекичето, во вода до појас, го дочекал китот си китка цвеќе. Свеченоста успеала иако претседателот едвај испливал од надојденото рекиче.

Рекичето нагло пресушило. Китот им се смешкал на присутните. Граѓаните биле замолени да ја напуштат работата и со расположливите средства да носат вода.

На брегот поставиле табла:

ОПШТИНСКИ КИТ.

ПОД ЗАШТИТА НА ДРЖАВАТА.

СЕ МОЛАТ ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ПЦУЈАТ БИДЕЈЌИ ЖИВОТНОТО Е МОШНЕ ОСЕТЛИВО.

По два дена китот побелел.

Во присуство на претседателот го прегледал ветеринар.

Водава му е слатка. Освен тоа, му пречи музиката.

Утредента излегла наредба општинските службеници секој ден од 7 до 9 да ја солат реката.

Музиката ја протерале од градот.

Пожарникарите чувале стража крај китот.

Три дена подоцна китот позеленел.

Ја запреле работата на новата солана што работела за китот.

Ветеринарот се сетил дека китот е цицач.

Подигнале млекара. Млекото го солеле на цуцла и го давале на китот.

Китот пожолтел.

Ветеринарот го отпуштиле.

Во фабриката за цуцли за китови ја прекинале работата.

Претседателот ја послушал сопругата. Го хранеле китот со желе од дуњи.

Китот поцрвенел.

Претседателот се потпрел на себе: на китот му е потребно море.

Со пресметките заминал во главната управа. Барал пари за одржување на најголемиот објект на својата комуна - општинскиот кит.

Според пресметките, Јадранско море би требало да се влева во Малецканската река.

Пари дале.

Сè било потрошено за основање Институт за проучување на китот во копнени услови.

Вовеле општински морски придонес.

Граѓаните биле предупредени да штедат вода.

Освен тоа, замолени се да не викаат дење - китот тогаш обично спие.

Претседателот и трите потпредседатели се увериле во тоа на лице место.

Потоа тројцата заплакале.

Од солзите рекичето надошло. Китот се помрднал. Му годела солената вода.

Од тој ден граѓаните на смена ронат солзи во рекичето.

На китот му е добро.

Владимир Булатовиќ Виб роден е на 8 март 1931 година во селото Сопотско, кај Ресен, каде што мајка му била учителка. По големата матура (средното училиште го завршил во Крагуевац), Виб дошол во Белград и таму останал до крајот на животот.

Објавил пет книги: Будилник (1963), Менувачница за идеали (1965), Големото спремање (1971), Чекор назад (1976) и избраните сатири, Што сакал писателот да каже (1981); постхумно се објавени неговите Избрани дела во четири книги (1994), како и збирката есеи и патеписи, Дежурното уво на времето (1998).

Починал во Нови Сад на 1 септември 1994.

Слики: Chris Buzelli

ОкоБоли главаВицФото