Хронологија на протестите на младите во Европа

05.06.2013 12:25
Хронологија на протестите на младите во Европа

Во текот на минатата деценија во голем број земји во Европа, но и во светот, беа забележани големи масовни протести, главно организирани од млади луѓе и имигранти, поради големото незадоволство и несогласување со политичките, економските и културните неправди во наведените земји.

Додека едни велат дека овие протести се одраз на напредокот на демократијата во овие земји кои му овозможуваат на секој слободно да се изјасни, други тврдат дека се работи за групи млади и мрзливи луѓе кои „на тој начин го пополнуваат своето слободно време“.

Најактуелниот пример е Турција, каде што во последниве неколку денови се случуваат протести во Истанбул, но и во уште неколку други турски градови. Протестите започнаа пред неколку денови кога група демонстранти бараше да се зачува турскиот парк Гези на плоштадот Таксим кој во последно време постепено се намалува поради новите градежни проекти. Но, навидум безопасните протести добија сосема поинаква димензија, а демонстрантите започнаа да ја напаѓаат полицијата со камења, додека полицијата интервенираше со солзавец и водени млазови.

Според последните податоци, материјалната штета по протетстите се проценува на повеќе од 35 милиони евра.

Вицепремиерот на Турција, Булент Аринч упати извинување до сите кои беа повредени во текот на протестите, а чија цел била заштитата на животната средина, па ги повика граѓаните да се оддалечат од маргинаните групи, насилниците и вандалите.

Најголемите опозициски партии CHP и MHP се оградија од насилството и ги замолија своите членови да се однесуваат достоинствено. Турските службеници ги потврдија дејствата на 11 нелегални огранизации во земјата кои поттикнуваат насилство. Премиерот Реџеп Таип Ердоган ги повика демонстрантите на достоинствено однесување, па изјави дека за десет месеци во земјата ќе бидат оддржани парламентарни избори на кои секој ќе има еднакво демократско право да избере свои претставници во владата.

Пред случувањата во Турција, и во Франција беа забележани неколку големи немири помеѓу младите, посебно помеѓу имигрантите и полицијата. Во Франција избувнаа големи нереди во ноември 2005 година откако двајца тинејџери загинаа додека се обидуваа да избегаат од полицијата во едно предградие на Париз. Оттогаш, тие се проширија во повеќе француски градови. Во текот на немирите, младите демонстранти запалија околу 9.000 воизла, а беа приведени околу 3.000 лица. Неколку полицајци беа повредени за време на судирите со демонстрантите. Во тој период, за време од неколку седмици во многу француски предградија беа запалени многу автомобили и згради, ограбени голем број продавници и беа нападнати повеќе полицајци. За време на нередите беа убиени три лица, и повредени повеќе од стотина.

Само две години по овие немири, во 2007 повторно дојде до бунт на младите во Франција. Поводот беше речиси идентичен со оној од 2005 година. Двајца млади луѓе од муслиманско потекло ги загубија своите животи, за што беше обвинета полицијата, а тоа предизвика бес помеѓу граѓаните од муслиманска вероисповед и африканско потекло. Освен употребата на камења и молотови коктели, овој пат беше користено и огнено оружје. Во текот на целата таа година, секоја ноќ во повеќе градови низ Франција во просек беа палени околу 90 автомобили, а само во 2005 година наводно биле запалени повеќе од 28.000 автомобили.

Исто така, во јуни 2009 година во делови од Франција, младите луѓе, главно од имигрантско потекло одржаа масовни протести кои траеја речиси еден месец откако 21-годишниот Мохамед Бенмоун беше хоспитализиран со тешки повреди нанесени од страна на полицијата. За време на немирите полицијата користеше солзавец за да ги растера младите луѓе кои палеа автомобили и уништуваа продавници во многу француски градови.

Велика Британија е уште една европска земја во која во текот на последниве неколку години дојде до големи немири и судири помеѓу младите и полицијата. Според одредени информации, сè започнало поради сè помалите шанси за напредок на младите луѓе, но и поради зголемените мерки за штедење воведени од страна на британската влада, која на тој начин сакаше да преземе нешто околу економската криза. Исто така, во последните неколку децении во оваа земја значајно се зголеми разликата помеѓу богатите и сиромашните. За време на нередите, бесните демонстранти ги ограбуваа продавниците, ги удираа граѓаните по улиците, палеа автомобили, продавници и куќи.

Според податоците од британските медиуми, помеѓу демонстрантите имало и деца и млади луѓе на возраст од 10 до 14 години. Во еден дел од земјата беше запален цел ред куќи, а пламенот гореше речиси цела ноќ. Сведоците известуваат дека во Ливерпул стотици маскирани лица ги запирале автомобилите, ги присилувале возачите и патниците да излезат, а потоа ги палеле возилата. Судирите помеѓу полицијата и демонстрантите, разните грабежи и нереди, се одвиваа во неколку британски градови. Според податоците од британските медиуми, за време на нередите биле преведени повеќе од сто лица, а околу 40 полицајци биле повредени.

Слични нереди и протести се одвиваа и во 2011 година во САД на Волстрит под слоганот „Окупирај го Њујорк“, а на овој начин беа познати и протестите против богатите и социјално недопирливите профитери, кои доведоа до голема економска криза. Многумина ги опишуваа протестите како незадоволство од постојниот економски систем во светот и од зголемената глобализација која дополнително ја зголеми разликата помеѓу сиромашните и богатите.

Протестите на Волстрит траеја неколку недели, додека бранот на незадоволство се прошири и во дел од другите градови во САД, пред сè во Лос Анџелес, Бостон, Чикаго, Денвер, Сиетл. Водечките медуми во САД речиси целосно ги игнорираа овие случувања, нагласувајќи дека се работи за „група мрзливи момци кои сакаат на лесен начин да дојдат до богатство и напредок“. Меѓутоа, снимката на која е прикажано апсењето на едно девојче во Њујорк привлече големо внимание во американската јавност.

Исто така, во последниве неколку години во Грција се одвиваа сериозни масовни протести, организирани од страна на незадоволните граѓани, а посебно од младите луѓе кои на тој начин сакаа да го изразат својот гнев и незадоволство поради високата стапка на невработеност, како и поради тешката економска состојба во земјата. Па во текот на нередите во 2008 година, демонстрантите фрлаа запаливи бомби на полицијата пред зградата на парламентот во Атина, додека општ штрајк ја парализираше Грција. Јавноста беше незадоволна од политичките скандали, сè поголемата стапка на невработеност и сиромаштија, но и поради убиството на еден тинејџер.

А откако грчкиот парламент во 2011 година го усвои ригорозниот пакет со мерки за штедење беа одржани протести на кои беа повредени неколку десетици полицајци, додека беа приведени над сто демонстранти. За време на демонстрациите младите ги гаѓаа припадниците на полицијата со камења и со шишиња со запалива течност, а полицијата одговори со солзавец и водени млазови. Нередите во оваа земја продоложија и во 2012 година, кога 40.000 луѓе се собраа во Атина и Солун на протести против острите мерки за штедење воведени од владата.

Поради големата економска криза во септември 2012 година Шпанија беше средиште на судирите помеѓу полицијата и демонстрантите кои бараа решавање на економските проблеми во земјата. Во текот на протестите кои во еден момент се претворија во вистински улични нереди на кои присуствуваа повеќе од илјада луѓе, шпанската полиција ги тепаше демонстрантите со пендреци, а некои од нив ги буткаше и во полициските возила. Полицајците ги тепаа демонстрантите поради тоа што тие се обидуваа да ја срушат металната ограда околу зградата на државниот парламент. Судирите избувнаа кога полицијата која беше задолжена за разбивање на демонстрациите, заедно со полицијаците на коњи, им забрани на демонстраните да се приближат до зградата на парламентот.

При крајот на мај оваа година, во неколку предградија на Стокхолм во Шведска млади демонстранти се судрија со полицијата во нереди кои траеја околу една седмица. Во сиромашните имигрантски предградија, младите палеа автомобили, училишта, автобуски станици и станбени згради. Според податоците од противпожарната служба, биле забележани околу 200 пожари.

Нередите во една од најбогатите европски земји го шокираа целиот свет кој започна да се прашува дали Шведска како земја на благосостојба навистина падна на испитот во однос на интеграцијата на доселениците во земјата. Се верува дека нередите биле поттикнати од убиството на еден 69-годишен имигрант извршено од страна на полицијата, откако тој се шетал по улиците на предградието Хусби во мачета во рацете, на почетокот на мај. Ова предизвика многубројни поплаки во однос на полициската бруталност.

Исто така, во последниве неколку години, неколку арапски зејми се соочија со вистински револуции, кои во најголем дел беа покренати од младите луѓе кои беа незадоволни од дологодишните авторитарни режими во овој дел од светот. Па така протестите во арапскиот свет беа наречени и „арапска пролет“, поради многубројните демонстрации во претежно арапските земји од Блискиот Исток и Северна Африка, кои започнаа во декември 2010 година, а траат до денес.

Тие најпрво започнаа во Тунис, па во февруари 2011 година и во Египет, а потоа и во Либија. Освен во овие три земји, големи протести во кои се бараше пад на дотогашните владејачки партии, беа забележани во Бахреин, Јемен, Алжир, Јордан, Оман, Џибути и Ирак, додека помали инциденти беа забележани во Саудиска Арабија, Кувајт и Мароко. Во овие протести беа убиени повеќе од сто лица, но и полицајци.

Извор: 6yka.com

Слични содржини

Општество / Свет
Активизам / Фотографија
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото