Карафиндл

06.06.2013 07:58
Карафиндл

Во некој бивш живот, во некои бивши времиња, кога (замислете!) и претставникот на таканаречената средна класа можеше да оди на ручек или вечера во кафеана, еднаш или два пати неделно, еден пријател упорно одбиваше да седне во гостилница каде што келнерот не знаеше што е тоа – карафиндл! Демек, ако не знае келнерот како се вика „она со зејтинот“, тогаш сигурно и кујната не е добра во таа кафеана. Едноствано, тие две работи не одат заедно. Како и да е, оваа практика имаше и свој едукативен учинок – келнерите во посетените, па напуштени кафеани, експресно учеа што е карафиндл, па кога ќе се појавевме следниот пат (ако воопшто се појавевме), веднаш ни беше принесуван – карафиндл. За пријателот тоа беше доволен доказ дека и кујната профункционирала. Или барем дека е на добар пат да го заслужи нашето внимание.

Не ми е познато како денес стојат работите со келнерската едукација, меѓутоа фактот дека каранфиндлот е присутен во образовниот процес во средното угостителско училиште, а келнерите (се чини) сè уште не го знаат називот на еден од нивните најупотребувани прибори, само покажува дека овдешните кафеански газди не го преферираат премногу формалното образование како услов за нечиј ангажман.
Карафиндл е, значи, оној метален предмет, чија основна намена е во комплет да ги држи зејтинот и оцетот, најчесто придружени со сол и црвена пипер. На некои од овие угостителски конструкции постои место и за чепкалки. Во зависнот од навиките, традицијата и поднебјето, зејтинот може да биде маслинов, а наместо црвена пипер, може да има буковка или бибер. Оцетот и солта се задолжителни. Инаку, ова чудно име има италијански корен (caraffa – шише од таканаречено шлифувано, брусено стакло со капаче; carrafina – мало шишенце за оцет или зејтин), што значи дека и таму првпат се појавува. Некои прецизни хроничари забележиле дека неговата појава датира од 1770 година и дека бргу се шири, главно по медитеранските земји. И, се разбира, неговата појава е условена со развојот на градовите, пред сè како транзициони центри, каде што се слеваат патници од најразлични краишта, кои, јасно, имаат потреба од гостилници, односно кафеани во модерната смисла на овој збор. Интересно е дека карафиндлот до ден-денешен е размерно малку застапен по домовите, додека не постои кафеана, која, во најмала рака, служи само салата, а да нема на масата карафиндл.

Што е тоа што оваа класична угостителска опрема ја прави урбан елемент? Токму тоа. Неговата задолжителна присутност. Можете, значи, да имате прекрасна салата или не знам веќе каков гурмански специјалитет, ако карафиндлот не ви е при рака, доживувањето не само што не е целосно, туку е на добар пат да ви ја урне сликата за очекуваниот квалитет. Иако има карафиндли со разно-разни орнаменти и украсни елементи, неговата улога никако не е естетска, туку, напротив, сосема суштинска. Во кафеанско-гастрономската историја постои индекс на милиони чудни забелешки и жалби што ги давале пребирливите гости, ама не е забележена ниту една за естетскиот изглед на – карафиндлот.

Во таа смисла, карафиндлот е класичен пример дека убавината не го движи светот, туку употребливоста на предметите. Тоа, секако, не значи дека квалитетниот дизајн е небитен. Напротив. Токму обратното. Само што во овој случај квалитетниот дизајн е квалитетен, само ако ја истакнува токму употребливоста и, се разбира, трајноста на предметот. Станува збор, значи, за предмет, кој дефинитивно е незабележлив само тогаш – кога го има. И, јасно, дефинитивно е забележлив само тогаш – кога го нема.

Сепак, карафиндлот не е предмет кој докажува дека малите работи го придвижуваат светот, туку дека големите работи можат тоа да го направат само ако на малите им се пронајде вистинската улога. Делува излитено, ама карафиндлот е пракса која силно и јасно ги искажува предностите на мултикултурализмот. Имено, работи кои, во принцип, не можат да егзистираат како мешана средина (оцетот и зејтинот, солта и биберот), и тоа како добро егзистираат едни со други, ако им се најде вистинското место и вистинскиот начин за нивна примена.

Иако карафиндлот нема ритуална, туку, речиси, исклучиво употреблива вредност, не смее да се потцени ритуалот во неговата употреба. Токму „карафндлскиот“ ритуал ѝ ја дава хуманата димензија на човековата анимална потреба да си го наполни желудникот. Секогаш има нешто во начинот на кој што се тура зејтинот или оцетот во салата и начинот на кој таа се меша, нешто што ја открива, ни помалку ни повеќе, туку општата култура на конзументот, па дури и неговиот општествен статус.

Сликарот Илија Пенушлиски често има обичај да раскажува една анегдота за негова познаничка, Американка, која своевремено работела како новинарка, а подоцна поминала на некаква административна позиција. Според неа, нејзиното откажување од новинарството се должи на фактот што извесен новинарски бард заминал во пензија. Тој, имено, бил последниот од плејадата, кој секогаш нарачувал дупло виски и бифтек, палел томпус и, без да го проба бифтекот, секогаш обилно го посолувал. Со неговото исчесзнување од новинарската сцена, познаничката на Пенушлиски проценила дека е тоа крајот и на вистинското новинарство. Зошто? Затоа што ритуалот ја покажува истрајноста кон принципите и волјата да се истера сопствениот начин на живот. Со еден збор, токму тоа е хуманата димензија на животот. Спротивно на овој боемски инает, прилагодливоста кон дадената ситуација (што, кога и како да се јаде) и очекувањата дека оброкот ќе ни биде и нам и на сите околу нас „потаман“ не значи компромис, туку најординарен опортунизам. А, новинарството, како впрочем и секоја друга професија, ја објавува својата смрт тогаш кога опортунизмот ќе го востоличи како прва и првенствена парадигма.

Карафиндлот, сепак, ја дава, ако не реалната варијанта, тогаш барем илузијата за сопствена креација. Барем во еден важен момент од денот, моментот на исхрана, сте господари над сопствената судбина и можете сосема суверено да владеете со креирањето на објектот што служи за задоволување на вашите потреби. Значи, не зависите ниту од скараџијата, ниту од шефот на кујната, па ни од директниот кувар. Сами господарите со својата судбина. Ете, токму во таа (навидум) ноншалантност при одредувањето на количество сол и оцет што ќе го ставите во вашето јадење, вие, всушност ја демонстрирате вашата индивидуалност, вашето (неопходно) право на избор.

Токму затоа карафиндлот е задолжителен дел на угостителската опрема, а не е наменет за употреба во домашната кујна – затоа што претпоставка е дека дома сте суверен владетел и немате потреба да интервенирате во вашата веќе подготвена салата или во вашето омилено јадење. Значи, карафиндлот е симболот за односот со надворешниот свет. Во суштина, станува збор за покажување став кон нештата и работите. Јавен став, се разбира, затоа што гостилницата е јавен објект, пар екселанс.

А јавното искажување мислење, јавниот однос кон нештата, е една од најдрагоцените особини на урбаниот човек. Затоа и карафиндлот е знаменит и силен дел од урбаната орнаментика. Тој е вечен резултат на уживањето во индивидуалноста, од една страна, и во она што денес се нарекува соживот, од друга страна. Карафиндлот, едноставно, поднесува само употреба и имун е на секој вид злоупотреби. Дури и претерано развеселеното друштво во кафеана ќе крши чаши и чинии, ама ќе има, речиси, вродена блокада кон уништување на една толку корисна алатка како што е карафиндлот.

И на крајот, нешто што е дефинитивно битно – карафиндлот, во целата своја скромност, е монументален претставник на толеранцијата, да не кажеме на демократијата. Едновремено е децентно повлечен, а моќен со своето делување. Неколку капки од неговата содржина драстично ја менуваат реалноста на просторот и квалитетот на живеењето, а тој е доволно достапен на секој социјален слој што има желба да го употреби. Карафиндлот е урнек, тој е пример за интелектуална, расна, па и етничка меѓутрпеливост.

Тој е дискретната убавина на секоја микросредина.

Извор: Граѓански

ОкоБоли главаВицФото