Написи „без автор“

06.06.2013 10:09
Написи „без автор“

Готови вести, без посветеност, без континуитет, но со некоја намера, се сервираат често и со леснотија од медиумите. Вести каде што не се проблематизира настанот или појавата, каде што не се покренуваат прашања и не се бара отчетност, каде не се изразува загриженост во име на јавноста… Тие го зголемуваат бројот на вести, но повеќе личат на „известувања“ за стоки и услуги, а помалку на „новинарски вести“.

Оваа констатација се заснова на неколку примери кои беа забележани во текот на еден ден, и тоа на 14 мај 2013 година. Оваа категорија на вести може да се квалификува како што е направено подолу, меѓутоа тие тешко можат да се сметаат за вистински вести.

Триумфална вест

Првиот пример е веста „Хилтон влегува официјално во Македонија“ објавена на порталот Журнал, „Хотел Хилтон влегува во Македонија“ објавена на Алмакос и „Хилтон влегува во Македонија“ објавена на Курир. Оваа вест, е напишана и објавена во стил на соопштение за печат, се чини, онака како што е пратена од засегнатата страна. Написот не е потпишан од некој автор-новинар на ниту еден од гореспоменатите медиуми. Веста е објавена „оригинално“. Истиот текст, без измени во содржината, со неколку параграфи повеќе или помалку, е објавен во трите медиуми.

Во текстот се навестува влегувањето на познат бренд, давајќи ги истите основни информации, како во описна, така и во статистичка форма, и се останува на тоа. Единствената конкретна информација за читателот се наоѓа во реченицата:

„Хотелот, којшто ќе се гради во населбата Аеродром, покрај Вардар, [...] треба да почне со работа во почетокот на 2016 година“.

Оваа реченица е оставена недопрена од сите овие медиуми (освен во Журнал, каде зборот „покрај“ е заменет со зборот „на работ“).

Може да се констатира дека недостасува другата страна на оваа вест, критичкиот осврт, дел барем кој се очекува новинарите да го направат сами, во случај на вести како овие, коишто „доаѓаат во редакцијата“. Недостасува придонесот на новинарите, за да им понудат на читателите податоци коишто влијаат врз нивните животи и коишто тие би сакале подобро да ги разберат, како на пример, колку сериозно е новото претпријатие, кој е изведувач на работите, дали има информации за условите за работа на работниците (имајќи ја предвид меѓународната актуелност) итн.

Алармантна вест

Вториот пример, веста од Фондот за здравствено осигурување е насловена „Секој граѓанин троши по десет кутии лекови годишно“ од Порталб и „По 10 кутии лекови за секој граѓанин“ од Курир (веста е прочитана на 14.05.2013, а од 15.05.2013 веќе не е достапна на сајтот на Курир). Оваа вест е објавена целосно во стил на соопштение за јавност, испратена од канцелариите за односи со јавност на институциите (во овој случај Фондот за здравствено осигурување).

На текстот не му е придодаден ниту еден контрааргумент за информацијата којашто произлегува од канцелариите на Фондот, институција којашто начелно е група од интерес. На оваа вест можеше да ѝ се придодаде и другата страна на медалот, којашто може да се види во реченицата:

„Бројот на издадени лекови со рецепт, во последните три години е зголемен значително, особено на лековите за кардиоваскуларните болести“.

Новинарот можеше да се води од оваа реченица за да покрене, не едно, туку неколку прашања:
-Зошто има пораст на кардиоваскуларните болести?
-Што се случува со граѓаните во последните три години, што се случува со стандардот на живеење, со безбедноста, со правосудството, со здравствениот систем?
-Зголемувањето на употребата на лековите не е решение за луѓето туку потреба; тогаш зошто Фондот објавува ваква вест, дали го чини многу ова зголемување на употребата на лекови?
-Дали можеби оваа вест навестува некое барање за ограничување на лековите што се издаваат со рецепт?

Со малку иницијатива, со неколку прашања новинарот/уредникот на секој медиум би можел да отвори една широка дебата за тоа што се случува со луѓето коишто не можат да земаат лекови со рецепти. Дали тие добиваат медицинска грижа, дали имаат шанси да живеат без болки? А тие што имаат потреба од скапи лекови, дали можат да ја пребродат партиципацијата за нивно купување и што вели Фондот за овој проблем? Ниту едно од овие прашања, или други прашања за Фондот не се додадени во овој напис, односно за зголемување на употребата на лековите од осигурените граѓани.

Празнична вест

Третиот пример е веста за магичната кутија на енергетската услуга. Насловот на веста во Журнал e „ЕВН ја промовира услугата ’Говорен апарат‘“, на Aлмакос е „EВН Македонија: ’Говорен апарат‘ проверете ја состојбата на вашата сметка преку телефон!“, а на Курир „EВН Македонија ја промовираше новата услугата ’говорна кутија‘“. И овие написи не поминале низ критичкиот филтер на медиумот.

Насловот на Aлмакос, е повеќе повик отколку вест, а насловот на Курир, со зборовите „ја промовираше“ се обидува да импонира впечаток дека услугата говорна кутија била многу очекувана и ете, на крај пристигна. Насловот на Журнал е без силни тонови.

Верзиите на написот во Журнал и Курир се структурирани. И покрај ваквиот коректен формат, во нивните написи без автор, недостасува алтернативен пристап при пишување на веста. Информацијата е врамена како настан каде во центарот на вниманието е леснотијата којашто сега им се нуди на потрошувачите на електричната енергија.

На пример, реченицата: „ЕВН Македонија постојано работи на унапредување на услугите коишто им ги нуди на потрошувачите“ се наоѓа во написите на сите три медиуми, со таа разлика што Журнал го става во наводници како цитиран дел од соопштението на ЕВН, додека Aлмакос и Kурир со оваа реченица го почнуваат последниот параграф на написот. Ова е илустрација дека не е занемарен стилот од соопштението за јавност, па следствено во оригиналниот напис не се ни наведени проблемите коишто ЕВН можеби има потреба да ги реши.

Една вест напишана од самите новинари во медиумите, би можела да се обработи од друг агол и да се постави во друга рамка, на пример колку ќе помогне оваа новина за да се забрза наплатата на сметките и какво влијание се очекува тоа да има врз новите инвестиции, вработувања итн.

Овие написи имаат недостатоци не само во поглед на пристапот туку и во поглед на стилот; тие се наоѓаат некаде помеѓу информацијата и промоцијата. Во еден параграф се вели:

„Отсега па натаму, корисниците во секое време ќе имаат можност…“, „ тоа што корисникот треба да го направи“, „доколку корисникот заборавил“ и други слични форми, а во друг параграф се вели „јавете се“, „вашата сметка“, „во секое време ќе имате можност“, „вие да добиете“ итн.

Во вакви написи, читателот добива впечаток дека информацијата, многу повеќе се обидува да го убеди отколку да го информира. Таму читателот не наоѓа новинар којшто го брани неговиот интерес како обичен читател, туку наоѓа портпарол кој прави пропаганда за некоја стока или услуга којашто тој треба да ја купи како обичен корисник.

Повеќе новинари-автори на вести

Поголемиот дел од овие написи не се потпишани со име на автор којшто би ги имал напишано (освен некој со иницијали). Такви вести, познати како ПР-вести, се секојдневен оброк за информативните медиуми, но тоа што медиумот треба да го извлече од нив е веста и проблематиката којашто ја придружува. А се случува обратното: Не медиумот, туку службите за односи со јавноста на стопанските субјекти или на администрацијата, го извлекуваат од медиумот „добриот збор“ за себе. Се случува процес во кој медиумот станува портпарол на портпаролите. Медиумите не ги ставаат вестите во своја рамка за да го задоволат јавниот интерес, туку ги сервираат во истата рамка за промовирање каде што ги ставаат и групите од интерес, коишто според интересот, може да бидат, некогаш триумфални, некогаш алармантни, некогаш празнични рамки итн.

ПР-вестите или вестите за промовирање, не се информации коишто треба да се занемарат. Често тие се осврнуваат на секојдневниот живот на луѓето и зад нив се кријат големи вистини. Често тие се само врв на ледениот брег на длабоки проблеми на коишто, доколку новинарите им посветат внимание, може да ги трансформираат во интересни вести, како за читателот-потрошувач, така и за медиумот.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Мишел Блек