1033 hPa
52 %

6 °C
Скопје - Чет, 06.02.2025 19:59
Деновиве во јавноста е актуелна желбата на власта да протурка или да наметне два крајно режимски закони, законот за медиуми и законот за абортус.
Со овие закони, режимот на Груевски планира да ја зацврсне својата контрола врз слободата во општеството и слободата на индивидуата, односно, да го поништи и она малку што ни преостанува.
Во случајот на медиумите, сакаат да зададат конечен удар врз последното прибежиште на критичната мисла и слободната информација кои преживуваат речиси единствено на интернет медиумите.
Со законот за абортус, кој спаѓа во нивниот „демохристијански пакет“ за демографски инженеринг и зголемување на наталитетот, на удар се правата на жената, нејзината слобода, правото на самоопределување, нејзиното здравје, достоинство и улога во општеството.
Но, најинтересно е што власта за овие закони глуми отвореност, наводно дозволува некаква јавна расправа.
Дебатата е толку отворена што во случајот со медиумите власта ги уфрли своите платеници, Мирка и Миленко, за да ни покаже дека, ете, имало и поддржувачи на законот.
Кај абортусот, пак, ја искористуваат „религиозната јавност“ каде главни ширители на пораката и поддржувачи на власта се срамните „качавенди“ од типот на владиката Петар и митрополитот Иларион.
Со вакви личности се глуми отвореност, но и поделеност во општеството каде, да бидеме искрени, целата стручна и експертска јавност, па дури и обичните граѓани, се спротивставуваат на убивањето на слободите.
Ако им беше до јавноста, ако им е до пулсот на народот, требаше веднаш да ги повлечат овие срамни предлог закони.
Но, знаеме како одат работите; на крај, како и секогаш, закониве ќе се донесат на сила.
Жално е да се констатира, по којзнае кој пат, дека само професионалните категории јавно реагираат и протестираат. Тоа се млаки протести, за почит и за пример, но недоволни да се спречи насилието.
За протестите и какви тие треба да бидат, повеќе утре!
Слика: Свирачиња