1984

06.06.2013 14:23
1984

„Додека не станат свесни, никогаш нема да се побунат, а додека не се побунат, нема да можат да станат свесни.“

Оваа реченица, помисли тој, како да е препишана од некој партиски учебник. Се разбира, Партијата тврдеше дека ги ослободи пролите од ропство. Пред Револуцијата капиталистите бесрамно ги злоупотребуваа, тие гладуваа, беа камшикувани, жените присилувани да работат во рудници (жените всушност сè уште работеа во рудници), шестгодишните деца беа продавани да работат во фабрики. Но во исто време, држејќи се до принципот на двомислата, Партијата учеше дека пролите по природа се пониски суштества кои со примена на неколку едноставни правила мораат да се држат во покорност, како животни. Всушност, за пролите се знаеше многу малку.

Не беше ни потребно да се знае многу. Сè додека работеа и се размножуваа, останатите нивни активности беа неважни. Оставени сами на себе, како стока пуштена на аргентинските рамници, тие се беа вратиле на начинот на живот кој како да им беше вроден, како да е преостанат од искони. Се раѓаа, растеа на улица, во дванаесеттата година почнуваа да работат, поминуваа низ краткиот процут на убавината и сексуалната желба, се венчаваа во дваесеттата, стануваа средовечни во триесеттата, најчесто умираа во шеесеттата.

Тешката физичка работа, грижата за домот и децата, ситните кавги со соседите, филмовите, фудбалот, пивото и над сè, коцката, го исполнуваа нивниот духовен хоризонт. Не беше тешко да се држат под контрола. Меѓу нив секогаш се движеа неколку агенти на Полицијата на мислите, ширејќи лажни гласини и ликвидирајќи ги оние малку поединци за кои се сметаше дека можат да станат опасни, а немаше ни обиди да се задојат со идеологијата на Партијата.

Не беше пожелно пролите да имаат цврсти политички погледи. Од нив се бараше единствено извесен примитивен патриотизам на кој можеа да се потпрат кога ќе затребаше да се убедат на подолго работно време или намалување на следувањата. Дури и кога постоеја незадоволни, како што понекогаш се случуваше, нивното незадоволство не водеше никаде, затоа што, немајќи општи претстави, можеа да се сосредоточат само на ситните поединечни несогласувања. Поголемите зла по правило не ги забележуваа. Значително мнозинство од пролите дури немаше ни телекран дома.

Дури и обичната полиција ретко се мешаше во нивните работи. Во Лондон имаше неверојатно многу криминал; постоеше еден цел подземен свет на крадци, разбојници, проститутки, продавачи на дрога и измамници од секаков вид; но сето тоа беше неважно затоа што се случуваше само меѓу пролите. Во поглед на моралот им беше дозволено да се држат до обичаите на своите предци.

Сексуалниот пуританизам на Партијата не им беше наметнуван. Промискуитетот не се казнуваше, разводот беше дозволен. Што се однесува до тоа, ќе беше дозволена и религијата ако пролите покажеа каков било знак на потреба или желба за неа. Беа надвор од секаков сомнеж. Како што гласеше партиската парола: „Пролите и животните се слободни.“

Слики: Маргарита Ермолаева