Градскиот трговски центар

07.06.2013 08:47
Градскиот трговски центар

Направићемо лепши и старији Дубровник – извика во деведесеттите еден офицер на ЈНА и го повлече чкрапалото на топот. Да го најдам денес би му рекол: џабе друже, не е така, пробаа да направат још лепше и старије Скопје ама срање направија, за црвлива слива не вреди.

Последниот (хронолошки, а не последниот како краен, оти ќе има уште којзнае колку) напад на 2014-от баталјон на барокоманската армија на глупоста е насочен кон Градскиот трговски центар. Овој пат нападот не доаѓа директно од генералштабот, туку од неговите квислиншки единици на теренот кои со ова сакаат да се потпикаат, да се умилкуваат, да покажат колку се лојални (демек во турско лојални биле само оние што јале лој , лој-јал-ни). Копирачите на непознатото (бидејки не верувам дека партијата на Амди Бајрам која го води ГТЦ се разбира од барок или што и да е слично) мислат дека генералите повеќе ќе ги сакаат ако со барокни орнаменти го нападнат и освојат ГТЦ. Прости им боже, тие всушност не се ни свесни што прават, не се свесни дека од утре секој во градов којшто ќе сака да догради, прегради, изгради, надгради во 100 чекори, а за тоа нема да има дозволи, ќе може тоа да го направи во барок избегнувајќи ги сите закони и процедури. Дуќанџиите внатре молчат нокаутирани, не знаат ниту што им се случува ниту што тоа значи, не знаат дека барокизацијата на ГТЦ ќе значи катанизација (затворање со катанци) на нивните дуќани, ако се затвори ГТЦ со скелиња и мајсторски дребулии заради преуредување, нека не се надеваат Мобимак, Оне, Вип, Стопанска и другите банки и бројните бутици и продавници дека реки луѓе ќе се чичкаат во нивните дуќани.

Новиот ГТЦ (недао бог да се направи) нема да биде дел од градот, нема да биде премин од еден дел кон другиот, нема таму да се проаѓа без потреба, да се крати патот. Ќе биде тоа стерилен сити мол ист како и сите други, без содржина, без душа, без ништо, обична симулација на розовата реалност на консумеризмот (што би рекол Бодријар).

Ако спомениците и кулисите на Скопје 2014 се направени со политичка одлука, со иста таква може и да се однаправат, но ГТЦ не може, трговскиот е жива материја интерактивна творба која комуницира со своите граѓани, ГТЦ е многу повеќе од трговски центар. Тој е чадор за дожд низ центарот на градот во дождливите денови, тој е премин под сенка во летните горештини, тој е велосипедска патека, тој е свратилиште и чекалиште, тој е срцето на Скопје кое секојдневно чука и ги дисперзира граѓаните насекаде низ центарот, исто како што срцето ја пумпа крвта низ целото тело. Затворањето (заради барокизација) на ГТЦ со врати и прозорци ќе предизвика инфаркт на градот, инфаркт со смртни последици по градот и граѓаните.

Одбраната на ГТЦ не е прашање на политика, на за и против новиот идентитет или СК014, одбраната на трговскиот е одбрана на огништето, исконска реакција на загрозеноста (и згрозеноста од дрскоста) и желбата да се има простор кој ќе биде наш. Одбраната на ГТЦ е одбрана на сопствениот идентитет, на сопствената личност, на сеќавањата и на интимната историја на секој од нас.

Се сеќавам, како деца велевме „ќе одиме во град“, а неминовен дел на одењето во град тогаш беше и да се прошета низ трговски, да се протрча по неговите странични вртени рампи за велосипеди и инвалиди, да се повозиме по единствените ескалатори во тоа време. Во дождливите денови на лизгавите мермери на трговскиот научивме како доаѓа умот в глава (после паѓање, секако). Одењата во трговски беа и нашите први чекори кон независноста: кога на некоја возраст од 10-12 години за прв пат сами со велосипеди без да поминеме ниту една улица покрај Вардар ќе успеевме да отидевме до трговски без разлика од кој дел на градот доаѓавме, бевме пресреќни . Тогаш како врв на триумфот гордо ќе прошетавме низ трговски и ќе гледавме филм во кино центар, а потоа одевме во подрум во Шехерезада на еклер и боза после кино. Што вика Неле Карајлић: „Сви смо ишли пешке кући после кина с рукама у џепу глумећи Џемс Дин-а“. Тоа се моментите на нашите лични истории кои не смеат да се избришат, туку треба да се негуваат, а преку тоа ќе се негува и граѓанското во нас.

Сетете се од каде ви го купиле првиот велосипед, првите Адидас патики и скии од Словенија спорт, првата трска за по риби од Ловец на 2-ри, првата книга или деловите за автоматик од Технометал. Вие постарите сетете се на Искра што гледа на кеј, сетете се каде ги купувавте првите логаритамски антени пред секое светско првенство во фудбал или пред олимпијадата, сетете се каде купувавте подароци, каде за своите внуци и деца купувавте топли јакни за студените зими, каде го купивте првиот колор телевизор. Сетете се на првиот драгстор кој работеше до 24 часот во златарското уличе во трговски. Сетете се на подароците за повојници, крштевки и раѓања купени во златарна Целје и во Рубин. Драги госпоѓи, мајки, тетки, баби, сетете се каде ги купувавте лакованите штикли, капути и чанти. Драги работници, рибари, ловци, сетете се колку пати со работнички или риболовни униформи сте поминале низ ГТЦ и никој не ве ни загледал. Мислите дека сето ова ќе биде можно во иднина? Тешко – бричените глави од портирниците на барокниот ГТЦ нема да нè пуштаат внатре со кучиња, трски, тесли и мистрии...

Денес ни се закануваат сето ова да го избришат, сакаат да ни ја избришат личната историја, сеќавањето, емоцијата, сакаат да не можеме на децата да им кажеме „и мене дедо ти и баба ти ми ги купија првите скии од оваа продавница од кај чичко Ѓоко у Словенија спорт“ , или „овде кај дедо Јорде у Пеко и мама и тато купуваа кондури кога беа колку тебе“. Решил некој на сила да избрише сè. Дојдоа дивите ги избркаа питомите.

Го избришаа плоштадот, го киднапираа градот, го збрлавеа Вардар од мостови и бродови, но премолчевме, беа наши тие места, нo изгледа не доволно, малкумина се обидувавме да ги одбраниме, а многумина нè тапкаа по рамо демек така требало. Но драги сограѓани, ГТЦ е друго, нема тука простор за тапкање по рамо, туку за застанување рамо до рамо во одбраната на ГТЦ, со него сме интимно поврзани, нашите лични истории се исплетени таму, во него на неговите 3 ката и во неговата околина, таму ни се скриени првите бакнежи по клупите на кејот и првите тепачки пред Мусандра. Вие постарите уште по фиоките имате гаранции од производите купени во трговски, сè уште одиме во трговски за „шпацирунг“ ако сакаме да видиме што има по продавници затоа што единствено во трговски трговците се навикнати на тоа да влеземе и погледнемe, а да не купиме ништо.

Ако не знаете како би изгледало запустувањето на трговски во барок, јас ќе ви кажам. Замислете си некое место кое сте го сакале и каде често сте оделе и за кое ве врзуваат убави спомени, но сега го нема... Обидете се да се сетите што било и како било порано таму, нема да ви текне. Еве нека ми каже некој каде беше пазарчето во Аеродром или Ратко Митровиќ, на пример?

Од друга страна, размислете за некое место кое го сакате, каде сте поминувале многу време и убави мигови - прекрасно е она чувство кога по подолга пауза ќе дојдете на такво место и ќе видите дека сè е таму, дека ништо не е сменето, ви се враќаат сеќавањата и емоциите, можете да ги слушнете звуците од минатото, па дури и да ги почувствувате мирисите на некогашнината чувствувајќи исполнетост и мир во душата - добро е, дома сум, на свој терен, на познато. Помогнете ГТЦ да биде тоа и понатаму.

Немојте да дозволите да бидеме бездомници, ги имаме нашите куќи, станови, но тие го изгубија својот дом, зградите го изгубија градот, го изгубија тлото на кое лежеа, го изгубија контактот со своите темели, контекстот со своето постоење. Нашите домови и згради нè колнат, нè молат, нè преколнуваат, аман доста, аман до кога, ние сме ви куќи, згради, не ни требаат силиконски барокни гради, антички затегања на задникот, бродарски липосукции и мостови од ботокс. Ние сме вашите згради и домови, варосајте нè, исчистете нè, служиме 40 години, можеме најмалку уште толку, оставете нè да комуницираме меѓу нас, подземно, оставете ни ги дрвата и калдрмите да си шепотиме ноќе кришум, оставете ги костените и јаворите... оставете ја природата во градот. Ако толку сакате урбани силикони одете во силиконската долина, таму карши мајчина ви во сончев град, таму зад Водно правете силиконска долина на барокот, таму ѝ е местото, таму градете ги градовите од имагинацијата на хеленизмот.

Скопје е грд бетонски град, со расипан саат на железничка, со една улица на партизаните и 2-3 на Германците, Американците и Мексиканците, но за нас скопските куќи се од чоколада, а прозорците од мармелада (што би рекол Коцкица) и тоа од мармелада направена од кајсиите кои некогаш беа скопското овошје. Затоа Скопје е сладок град за оние кои го знаат и познаваат. ГТЦ е црешата на таа наша торта која не смееме да дозволиме да ја унередат. Скопје без ГТЦ онаков каков што е, е како велосипед со дупната гума - ниту си да го возиш, ниту да го оставиш.

Да не го оставаме Скопје, битката ни претстои, придружете ни се. Ако сме многу, барокните армии на ужасот ќе избегаат од страв.

Или сте за нормалниот ГТЦ во Скопје или не сте за во Скопје!

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото