Occupy ГТЦ ... пред Груевски да го анектира и Отпорот

07.06.2013 11:50
Occupy ГТЦ ... пред Груевски да го анектира и Отпорот

Во јавноста деновиве проструи информацијата дека Асоцијацијата на архитекти планира серија на настани, па дури и протест против барокниот фејслифтинг и суштинското менување на концептот на ГТЦ. Планираат да се држат за раце, да го гушнат ГТЦ и бараат споделување на искуства.

Еве им еден предлог! Баталете држење за раце, окупирајте го ГТЦ! Кога ќе дојдат машините и ќе се наместат тарабите, соберете се, отспијте една вечер под отворено небо и надевајте се на солидарност! Можеби и народот ќе излезе?!

Таму е паркот, оној истиот каде што вмровската младина кампуваше и јадеше во шатори за да нè направат гомно од држава. Што е проблемот со нас што не можеме истото да го направиме за да ги исчистиме нивните срања?!

Да се разбереме, евентуалното окупирање на ГТЦ не е должност само на архитектите и јас сум првиот што се спротивставува на досегашното цепкање по категории на протестите. Сепак, во овие години на лудило, ниту една категорија не била толку навредена и омаловажена, до тој степен не било погазено нејзиното достоинство, како што е случајот со архитектите.

И настрана исклучоците како што се Грчев, Константовски, Муличковски (се извинувам ако некого заборавам), не сум чул некој друг нешто јавно да проговори или да направи. Еве ви ја шансата, искористете ја, дајте пример и чекајте да ви се приклучат останатите. Ова особено важи за помладите.

Или така, или некој ќе даде пример за останатите; или, пак, да го оставиме Груевски да ја стави јаготката на шлагот од својот монументален проект, да го финишира СК014 и со тоа де факто да го анектира целото градско подрачје.

Груевски деновиве се обидува да анектира и нешто друго, односно, отпорот! Додека народот, оној вистинскиот, спие, и остава професионалните категории да ги водат заедничките битки, режимот си организира прецизни и масовни протести против Жерновски. Вчера еден протест, утре друг, за некој ден ќе се најдеме во ситуација власта да протестира против заспаниот народ.

Но, една работа треба да ни биде поука за сите, особено за власта. Кога-тогаш пука тиквата, и некогаш ќе пукне и кај нас како што се случи во Турција. Нема да пукне поради општи наративи за демократија и слобода, туку ќе пукне заради неслободата, злоупотребите, политичкиот притисок, немањето права и простор, егзистенција и надеж во секојдневниот живот.

Со еден збор, дајте да го окупираме ГТЦ!

Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото