Што се случува во Истанбул?

07.06.2013 12:27
Што се случува во Истанбул?

До сите мои пријатели кои живеат надвор од Турција:

Ви пишувам за да знаете што се случува последните пет дена во Истанбул. Морам да го напишам ова, затоа што во меѓувреме, додека ви пишувам, владата ги исклучи повеќето медиумски извори, а усниот пат и интернетот се единствените начини да нè слушнат и да повикаме за помош и поддршка.

Последната недела мала група луѓе кои не припаѓаат на ниту една специфична организација или идеологија, се собраа во истанбулскиот парк Гези. Меѓу нив имаше многу мои пријатели и ученици по јога. Причината беше едноставна: да се протестира и да се спречи уривањето на паркот заради изградба на уште еден трговски центар во самиот центар на градот. Постојат голем број трговски центри во Истанбул, најмалку еден во секоја населба. Сечењето на стеблата требаше да почне во четврток наутро. Луѓето отидоа во парк со ќебињата, книгите и со децата. Поставија шатори и ја поминаа ноќта под дрвјата. Рано изутрина застанаа пред булдожерите кои почнаа од земјата да ги извлекуваат стотина години старите стебла.

Не правеа ништо друго освен што стоеја пред машините.

Ниту еден весник или телевизиски канал не беа тука да известуваат за протестот. Во тек беше комплетна медиумска блокада. Полицијата стигна со солзавец и возила на кои имаше водени топови, па ја избркаа масата од паркот.

Напладне на 31 мај, како што бројот на демонстранти се зголемуваше, така се зголеми и бројот на полицајци околу паркот. Тогаш локалните власти во Истанбул ги затворија сите патишта кои водат кон плоштадот Таксим каде што е сместен паркот Гези. Метрото запрено, пловидбите откажани, а патиштата блокирани. И покрај сето тоа сè повеќе и повеќе луѓе доаѓаа пеш во центарот на градот.

Тие дојдоа од сите краишта на Истанбул, од различни професии, различни идеологии, различни религии. Сите се собраа за да го спречат демолирањето на нешто поголемо од паркот: ПРАВОТО ДА ЖИВЕАТ КАКО ЧЕСНИ ГРЃАНИ НА ОВАА ЗЕМЈА.

Се собраа и продолжија да седат во паркот. Полициските одреди за разбивање демонстрации во текот на ноќта ги запалија шаторите на демонстрантите и ги нападнаа со млазови вода и солзавец. Двајца млади луѓе се прегазени со автомобил и убиени. Уште една млада жена, моја пријателка, е погодена во главата со гасна граната. Полицијата ги испукуваше директно во масата. После три часа од операцијата таа сè уште е на интензивна нега и во критична состојба. Додека го пишувам ова, не знам дали ќе преживее. Овој блог ѝ е посветен нејзе.

Тие луѓе се мои пријатели. Тие се мои ученици, мои роднини. Тие немаат „скриен план“ како што државата сака да каже. Нивниот план е таму. Многу е јасно. Целата земја владата ја продаде на корпорациите за изградба на шопинг центри, луксузни згради, автопатишта, брани и нуклеарни електрани. Владата бара (и создава ако е потребно) каква било причина да ја нападне Сирија против волјата на Турците.

За да биде работата полоша, владината контрола на животите на сопствените луѓе стана неиздржлива. Државата изгласа многу закони и регулации кои се однесуваат на абортусот, царскиот рез, продажбата и користењето алкохол, дури и бојата на шминката која ја носат стјуардесите.

Луѓето кои маршираа во центарот на Истанбул го бараат своето право да живеат слободно и од државата да имаат загарантирана правда, заштита и почит. Тие бараат да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки за градовите во кои живеат.

Она што го добија наместо тоа е прекумерна употреба на сила со големи количини солзавец испукани директно во нивните лица. Тука луѓето ги изгубија своите очи.

Но тие сè уште маршираат. Стотици и илјадници граѓани од сите сфери на животот им се придружија во знак на поддршка. Неколку илјади луѓе пеш го преминаа мостот на Босфор за да го поддржат народот на Таксим. Тие се дочекани со уште повеќе водени топови, повеќе солзавец и повеќе непријателство. Четворица луѓе загинаа, додека илјадници се повредени.

Ниту еден ТВ канал или весник не беа тука да известат за тоа. Тие беа презафатени да емитуваат вести за мис на Турција и „најчудните мачки на светот“. Полицијата продолжи да ги прогонува луѓето и да ги прска со солзавец во толкава мера што мачките и кучињата умираа од тоа.

Училиштата, болниците, дури и хотелите со пет ѕвезди околу Таксим ги отворија своите врати за повредените. Докторите ги исполнија училниците и хотелските соби за да пружат прва помош. Некои полициски службеници одбија да ги прскаат недолжните луѓе со солзавец и ја напуштија својата работа. Околу плоштадот се поставени уреди за попречување на интернет конекцијата, а 3g мрежите се блокирани. Зградите и деловните простори дозволија користење на бежичниот интернет за луѓето на улиците, а рестораните нудеа бесплатна храна и вода.

Луѓето во Анкара и Измир се собраа на улиците за да го поддржат отпорот во Истанбул. Демонстрациите се проширија и во другите градови каде што граѓаните се соочија со уште поголема полициска бруталност и непријателство. Стотици илјади луѓе продолжија да се придружуваат. Комерцијалните медиуми продолжија со прикажување на Мис Турција и „најчудните мачки на светот“.

Го пишувам писмово за да знаете што се случува во Истанбул. Масовните медиуми нема да ви кажат ништо за ова, барем не во мојата земја. Ве молам да објавите што повеќе статии за ова што го гледате на интернет и раширете ја веста. Како и многу други во Турција, уморна сум и исфрустрирана од поларизацијата помеѓу секуларистите на Ататурк и исламистите.

Не припаѓам ниту на едните ниту на другите. Верувам во оттргнување од поларизацијата кон нов облик на односи. Знам дека многу луѓе кои се на улиците на Истанбул го делат моето мислење и ние не сме единствените. Само сакаме да ги живееме своите животи со човечко достоинство.

Додека на Фејсбук објавував текстови со кои објаснував што се случува во Истанбул, некој ми го постави прашањето: „Што мислиш да постигнеш жалејќи им се на странците од својата држава?“

Овој блог е мојот одговор: „Жалејќи се“, се надевам дека ќе постигнам:

Слобода на мислењето и говорот

Почитување на човековите права

Контрола над одлуките кои ги носам, а кои се однесуваат на моето тело

Право на собирање во кој било дел од градот, а да не ме сметаат за терорист

Но најмногу од сè ширејќи ја приказната со вас, моите пријатели кои живеете во други делови од светот, се надевам дека ќе го добијам вашето внимание, поддршка и помош.

Ве молам споделете ја мојата приказна и овој блог.

Ви благодарам!

Извор: defnesumanblogs.com

ОкоБоли главаВицФото