Шпионажа преку Гугл и Фејсбук

07.06.2013 13:33
Шпионажа преку Гугл и Фејсбук

Директно од серверите на девет големи американски компании, NSA (Државната безбедносна служба) и FBI (Федералното истражно биро) извлекуваат аудио и видео разговори, фотографии, мејлови, документи и податоци за активноста на мрежите, со помош на кои нивните аналитичари си следат странските државјани.

Програмата, кодирано наречена PRISM досега не ѝ беше позната на јавноста. NSA се гордее со разоткривањето на тајните и разбивањето на шифрите, кое често го изведува во соработка со корпорациите кои ѝ помагаат при пренасочувањето на сообраќајот на податоците и при заобиколувањето на препреките.

Но досега меѓу нив не се наоѓаа и Гугл и Фејсбук (или барем не се знаеше за тоа), иако е малку веројатно дека постојат бази кои се побогати со податоци од оние во Силиконската долина.

Во документот кој го објави Вашингтон Пост се открива дека податоците биле директно преземани од серверите на Microsoft, Yahoo, Google, Facebook, PalTalk, AOL, Skype, YouTube и Apple. Помалку познатиот PalTalk одиграл значајна улога во текот на арапската пролет и за време на војната во Сирија.

Во документите се вели дека наскоро би требало да им се придружи и Dropbox.

Наводно, PRISM е развиен од тајните програми за домашен надзор без судски налог, на кои работел тимот на претседателот Џорџ Буш од 2007 година, а кои потоа биле откажани поради притисокот од медиумите, тужбите и судовите.

Мајкрософт прв се согласил на соработка, по што прибирањето на податоците набрзина се зголемило, со поддршката на законодавните и судските тела. Вниманието било посебно насочено кон комуникациите во странство, кои често се овозможени преку американските сервери, иако се одвиваат надвор од границите на САД.

До 2007 година, властите морале да докажат дека постои оправдано сомнение дека некоја цел или објект се поврзани со тероризам и шпионажа за да добијат одобрение за надзор. Но ова било променето откако адвокатите во администрацијата на Буш успеале да го уверат судот дека огромните бази со податоци треба да се третираат како објекти, и дека властите се погрижиле да постојат разумни процедури со цел што помалку податоци кои се однесувале на американските државјани да бидат прегледувани без надзор.

Џејмс Р. Клапер, советникот за национална безбедност во администрацијата на претседателот Барак Обама вели дека информациите кои се добиени на овој начин се помеѓу најважните и највредните странски известувања кои ги добиваат и дека тие се користат за одбрана од многубројни закани. Тој тврди дека неовластеното објавување на информациите за оваа легална програма ги загрозува мерките кои се важни за сигурноста на Американците.

Активистите за заштита на граѓанските права и слободи се загрижени бидејќи се работи за суд кој се состанува тајно, пред кој се појавуваат само претставници од власта и кој речиси ништо не објавува за својата работа, па затоа и не се смета за ефективно средство за надзорот кој го врши владата.

Наведените компании тврдат дека не знаат ништо за оваа програма и дека не им овозможиле пристап на властите до своите сервери. Тие велат дека реагирале само во случаите при кои на законски начин се барал пристап до информации, односно кога постои судски налог за тоа.

Од документите е очигледно дека NSA смета дека идентитетот на нејзините приватни партнери треба да остане тајна која треба строго да се чува, бидејќи тие би можеле да се повлечат од проектот ако некој ги разоткрие. 98% од собраните податоци наводно доаѓаат од три извори – Јаху, Гугл и Мајкрософт, а во документите се вели дека NSA својата работа сè повеќе ја заснова на податоците и информациите кои се добиваат на овој начин.

Извор: Washington Post

ОкоБоли главаВицФото