Господ демантира: нема да го казнам Жерновски

07.06.2013 12:48
Господ демантира: нема да го казнам Жерновски

Ексклузивно во писмо до Пара вести, Господ Бог демантираше дека ќе го казни Андреј Жерновски поради најавената ревизија на деталниот урбанистички план. Прочитајте го божјето обраќање во целост.

Почитувани верници и неверници,

Деновиве во повеќе медиуми блиски до власта беше пренесен ставот на група граѓани дека наводно ќе го казнам градоначалникот на Општина Центар, господинот Андреј Жерновски, затоа што најавува промена на деталниот урбанистички план. Казната, како што наведуваат загрижените мои чеда, би требало да уследи затоа што промената на ДУП-от ќе доведе до уривање на црквата Свети Константин и Елена која веќе е во изградба.

Драги мои, ве известувам дека немам намера да го казнам градоначалникот Андреј Жерновски, затоа што со последните макрокосмички и религиски реформи, повеќе не сум надлежен за тоа. Жерновски може да биде награден или казнет исклучиво од гласачите во Општина Центар (молете се за душите на увозниците на гласачи од Пустец), но дури на следните локални избори. На последното гласање, тој беше награден, а казнет беше неговиот противкандидат.

Од горе гледам сè - но и вие може да се информирате ако следите барем еден или два медиуми кои не се режимски - па знам дека промената на деталниот урбанистички план се однесува само за објекти или за маркици каде не започнало градење или градењето е во раните фази.

Бидете спокојни. Црквата ќе се догради, а ќе се изградат и уште многу храмови во моја чест. Знам дека повеќето кои се изградени до сега најчесто зјаат празни, но ќе му се појавам на сон на градителскиот пастир ваш и ќе му порачам да изгради и верници во нив, за да бидат полни.

Во меѓувреме, сакајте се, плодете се, множете се и почитувајте ја власта, но и ближните од опозицијата.

Искрено ваш,

Господ Бог +

Како доказ за автентичноста на писмото, во пакетот адресиран до редакцијата на Пара вести, Господ приложи и неколку громови од ведро небо, торнада, силни ветришта и виулици и шумливи таблети кои водата ја претвораат во вино.