Новинарите, законите и можноста за поставување вистински прашања (2)

08.06.2013 08:55
Новинарите, законите и можноста за поставување вистински прашања (2)

Прв дел од анализата

Поставен камен-темелник на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Вевчани

Во медиумите се појави информација дека: Премиерот Никола Груевски во понеделник присуствуваше на поставувањето камен-темелник за возобновување на црквата „Свети великомаченик Ѓорѓи” во Вевчани.

На сликите е покажано и активно учество на премиерот во поставувањето на каменот темелник на новиот верски објект. И во ниту еден медиум не се постави прашањето за соодветноста на една ваква активност на премиерот.

Имено, доколку во Република Македонија доследно се почитува уставната одредба според која „Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско – Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон“, тогаш мора да се постави прашањето како да се толкува членот 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (Службен весник бр. 113/2007) според кој „Црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон“, доколку премиерот активно учествува во активности поврзани само со една верска заедница?

Ништо спорно со гласачите од Пустец

Министерката за внатрешни работи даде интервју во кое негира каков било проблем со гласањето на луѓе од Пустец на локалните избори во 2013 год. Таа дури застанува во одбрана на правото на секој македонски државјанин да го даде својот глас на кои било избори:

„Тие права се гарантирани и луѓето имаат можност да ги уживаат тие права, односно да партиципираат во изборот на власта во Република Македонија и на централно и на локално ниво“.

Она што недостасува во прашањата на новинарот е токму инсистирањето на законските одредби. Прашањето не е дали секој државјанин на Република Македонија има право да гласа на локалните избори, туку:

-Која е разликата во определувањето на начинот на гласање на државјани на Република Македонија на привремена работа и престој во странство кога станува збор за избор на власта на централно и на локално ниво (став 1 и став 2 од чл. 6 од Изборниот законик) и зошто во законот е направена оваа дистинкција меѓу членовите 1 и 2?
-Дали тој што гласал има постојано живеалиште во општината во која гласал за избор на локална власт (член 6 и 41 од Изборниот законик, Службен весник на Република Македонија бр. 40/2006 год.)?
На кој начин го добил документот со кој се потврдува постојаното живеалиште?
-Дали избирачкиот список е навремено и на соодветен начин заклучен согласно чл. 52 и 53 од законот и предаден со направените промени согласно чл. 89 од истиот закон?

Транспарентност или изигрување на законот?

На страната на Владата и во повеќе медиуми се појави отворен конкурс за раководни места во повеќе државни органи. Во најголем дел од медиумите е пренесена изјавата на портпаролот на Владата:

„Апелирам сите лица што имаат верба во себе и кои поседуваат одредени перформанси, капацитети, знаења и вештини, кои силно веруваат во себе и се високо мотивирани да придонесат во извршувањето на позициите од извршната власт, реализација на мерките и политиките, реформите на владата, да аплицираат на овој оглас со цел да бидат ангажирани и да придонесат во извршувањето на работите што се од интерес на сите“.

Посебно внимание во веста привлекува можноста на конкурсот да се пријават и лица заинтересирани за амбасадорски места, односно, 19 извршители (дипломати) кои би биле ангажирани надвор од државата.

Навидум, целата постапка претставува уште еден доказ за транспарентноста на Владата и чин за пофалба, затоа што на најтранспарентен начин може да се изберат најдобрите и најсоодветни кадри.

Она што недостасува во медиумите е поставување на прашањето за законитоста на еден ваков конкурс (посебно во делот кој се однесува на дипломатските назначувања):

-Зошто е заобиколен Законот за надворешни работи и критериумите и процедурите предвидени со овој закон?
-Дали во натамошната постапка за селекција ќе се води сметка за овие критериуми?
-Зошто се заобиколени претседателот на државата и министерот за надворешни работи кој според чл. 37 од Законот за надворешни работи ја поведува постапката за именување амбасадор врз основа на претходно усогласување со Претседателот на државата?
-Дали на овој начин не се прави дискриминација на вработените во Министерството за надворешни работи (кои со актот на вработување мораат да исполнуваат одредени услови) и сите останати можни кандидати кои нема потреба да ги исполнуваат овие услови?
-Дали овој начин на ангажирање раководни лица, значи иницијатива за менување на Законот за надворешни работи?

Заклучок

Законите, правилата, критериумите и процедурите треба да бидат дел од листите за проверка на секој новинар кој прави интервју на политичар/претставник на власта, кој пренесува нивни изјави, информира за нивни активности или прави анализа на одредена ситуација во која се инволвирани политичари/носители на власта.

Законите и прописите го претставуваат првото скалило на контролата на власта и едноставен начин да се добијат конкретни одговори на конкретни прашања.

Новинарите не се правници и не може да се очекува севкупно познавање на правната материја од страна на новинарот. Меѓутоа, она што може и треба да се очекува, тоа е правна писменост, знаење каде да се побараат соодветните информации и познавање на правилата на играта на кои ги повикуваме и потсетуваме политичарите и посебно носителите на власта.

Доколку бараме политичарите/носителите на власта да ги почитуваат и применуваат демократските принципи втемелени во владеењето на правото, новинарите не можат да бидат нивни контролори без познавање на овие принципи.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).