Кога не знаеш што - само удри

08.06.2013 10:50
Кога не знаеш што - само удри

Во Франкфурт за време на викендот дојде до насилни судири помеѓу полицијата и антикапиталистичките демонстранти. Според тврдењата на организаторите, имало околу 200 повредени. Тоа е помалку отколку во Истанбул, каде за време на протестите против турскиот премиер Ердоган се повредени повеќе од 1.000 луѓе. Меѓутоа, образецот во двата случаи е ист: полицијата насилно ги задушува граѓанските протести и со сликите на насилство се обидува да ги дискредитирa демонстрантите. Но тоа повеќе не поминува.

Во Франкфурт полицијата од поворката од околу десет илјади луѓе изнесе 900 од нив уште пред да стигнат до својата цел - Европската централна банка. Демонстрантите се опколени. Frankfurter Allgemeine Zeitung пишува: „во текот на предвечерјето полицијата конечо ги растури демонстрациите, така што влегоа во масата и изнесуваа луѓе надвор“. Началникот на франкфуртската полиција, Ахим Тиел, кревајќи ги рамениците тврди дека однесувањето на неколку „пореметувачки“ фактори на неговите луѓе не им оставило друг избор освен да ги уапсат демонстрантите за да го утврдат нивниот идентитет. Истиот легализам, само со уште повеќе насилство, го застапува и премиерот Ердоган. Нема „неколкумина случајни минувачи“ да му наредуваат што да прави.

Франкфуртската полиција во 2012 веќе се истакна со прекумерната употреба на сила за време на антикапиталистичките протести. Во февруари оваа година, соопштено е дека на учесниците од протестот Blockupy мораат да им исплатат по 500 евра за претпрпена душевна болка, бидејќи со часови незаконски ги држеле во притвор. Оваа пресуда ја донесе окружниот суд. Тоа е германската правна држава во полниот сјај на својата ефикасност. Луѓето сакаат да протестираат, а државата им го забранува тоа. Демонстрантите се апсат. А потоа како отштета, затоа што ги лишиле од основните права - добиваат пари.

Сè по закон. Сè има свој поредок. Но тоа е чуден поредок, бидејќи тој гледа закана таму каде што луѓето ги остваруваат и бараат своите права, а кои тој сака да ги откупи. Затоа основните права можат да се купат за 500 евра. Како „повод“ за апсењето, франкфуртската полиција во својот извештај го наведе „антикапитализмот“.

Но, сеедно е дали државата ги купува или тепа демонстрантите, главното е дека таа не ги почитува. Таа не им верува. Ги дискредитира. Американскиот етнолог, Дејвид Грабер, опиша како демонстрантите од Сиетл се омаловажувани како деца на богати родители или како насилни анархисти. На државата ѝ е сомнителен секаков отпор. Законот мора да се почитува. Законот е во право. Кој сака да го смени, на располагање му стојат одредени постапки. Но тоа е неволно признато право. Тоа е противречно на идеологијата на послушноста, која е сè уште посилна од идеалот на одговорноста.

Притоа и за Франкфурт и за Истанбул важи едно: државата греши кога мисли дека сликите од насилството ги дискредитираат демонстрантите. Тие пред сè ја дискредитираат државата која предизвикува насилство, наместо да го стави под контрола. Сликите на крвавиот 66-годишен инженер Дитрих Вагнер, тешко повреден со воден топ за време на демонстрациите Штутгарт 21, имаа големо влијание на поразот на тогашниот покраински претседател на изборите.

Бруталните слики од Истанбул штетат на имиџот на Турција како економски џин од Левант. А сликите на полицијата од Франкфурт ја дискредитираат заедничката економска валута, која сè повеќе ги гледа луѓето не како спојувачки, туку како разединувачки елемент на Европа.

Државата која како одговор на протестите може да понуди само насилство, во очите на јавноста ја губи легитимноста. Насилната држава е слаба држава - и во Франкфурт и во Истанбул.

Извор: Spiegel, 03.06.2013

ОкоБоли главаВицФото