Екстремен туризам: Македонија ќе привлекува туристи со каменување возови

08.06.2013 12:37
Екстремен туризам: Македонија ќе привлекува туристи со каменување возови

Скопје, 8 јуни 2013

Македонската агенција за промоција и поддршка на туризмот ја претстави новата стратегија која предвидува привлекување странски туристи преку алтернативниот туризам. Имено, целна група се зависниците од адреналин кои треба да се возат во македонските возови на линиите на кои тие најчесто се каменуваат.

Агенцијата побара поддршка од МВР, кое треба да воспостави контакт со лицата кои ги каменуваат возовите, со цел подобра координација и кршење на возовите во кои сигурно има туристи. Исто така, Македонски железници треба да обезбедат што побавни возови со лесно кршливо стакло, за да го направат патувањето што поопасно, а шансата за повреди поголема.

Интерес за ваквиот вид туризам покажа и од ЈСП, од каде што најавија дека сакаат во проектот да вклучат и некои од своите линии во градскиот превоз.

„Иако е постигнат напредок во каменувањето возови во однос на минатите години, сепак резултатот е далеку под посакуваното ниво. Повторно организацијата се покажува како главен проблем. Имено, поради недостигот на методичност во каменувањето, не секогаш се погодуваат возовите во кои патуваат лицата од целната група - странските екстремни туристи“, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Каменко Угостителовски, додавајќи дека полека но сигурно, ќе се работи на унапредување на каменувачките капацитети.