Со креативна индустрија до урбана ревитализација

10.06.2013 10:47
Со креативна индустрија до урбана ревитализација

Денес за белградската населба Савамала се знае дека има големи потенцијали за развојот на градот. Почнувајќи од нејзините златни денови пред Првата светска војна кога била една од најбогатите населби, па сè до неодамна, Савала беше целосно занемарена. Иако беше тема на многубројни урбанистички расправи, а нејзината ревитализација се спомнуваше и во рамките на повеќе политички кампањи, речиси цел век никој немаше направено ништо за оваа област. Така беше сè до појавата на Миксер, платформа при која се собираат професионалците и ентузијастите кои низ најразлични културни проекти го поттикнуваат развојот на креативната економија, како во земјата, така и низ целиот регион. Тие најпрво го развија проектот Young Balkan Designers, а потоа во рамките на фестивалот Миксер се роди и т.н. Mikser House, еден простор отворен пред неколку месеци, кој пружа можност за целогодишна програма, и кој во своите продажни салони им нуди на заинтересираните купувачи дизајнерски производи од целиот Балкан.

Идејата за примена на креативната економија како придвижувач на ревитализацијата на Савамала е поддржана и од страна на Институтот Гете, кој и самиот планира да се приклучи на оваа акција, низ проектот „Урбан инкубатор: Белград“. Потенцијалите со кои располага Савамала благодарение на нејзината положба и архитектонското наследство не се искористени поради недостигот од средства и непостоењето на правни рамки за нејзиниот урбанистички развој. Меѓутоа, токму поради ова, во Савамала постојат можности за алтернативен урбанистички развој, кој не се темели на ресурсите и на пазарот за недвижности, туку на целосно поинакви средства, знаења и вештини. Според зборовите на Тим Ријентитс, урбанистот кој го води „Урбан инкубатор“, тие се надеваат дека со овој проект ќе придонесат за ревитализација на зоната преку ангажманот на граѓаните и креативната индустрија.

Во рамки на низата активности кои преку „Урбан инкубатор“ ќе бидат спроведени во Белград во текот на шест месеци, ќе гостува архитектонското списание Camenzind, односно истражувачката платформа на бирото BHSF од Цирих, од кое доаѓа и Тим Ријентитс. Тие сакаат да организираат работилници на кои учесниците ќе ги предложат своите решенија на темата за Савамала во облик на текстови или аудио-записи. За да имаат простор кој би можеле да го користат за работа, младите архитектки Тамара Поповиќ и Ива Бекиќ дизајнираа еден ентериер во стариот складиштен простор кој се ноаѓа на приземјето на една зграда од првата половина на XIX век, која му припаѓала на едно еврејско трговско семејство.

Просторот со кој се соочиле двете архитектки се состои од две приземни простории со сводни отвори и ниши. Историски гледано, во простор со сводови не е секогаш потребна купола. Но при неговата пренамена од складиште во простор за креативна работа, архитектките сепак се одлучиле да воведат купола во ентериерот. Имајќи го предвид буџетот, но и архитектонските ограничувања, куполата морала да биде илузионистичка. Функционално, просторот е поделен на работен и салонски дел, а е исполнет со импровизиран и случајно пронајден мебел, како и со други, поинакви куполи.

Не менувајќи ја самата структура на зградата, односно користејќи претежно рециклиран мебел, авторките покажале на кој начин просторот може функционално, но и естетски да се пренамени со минимални средства. Па така и самиот простор во кој треба да се донесат новите решенија за Савамала сега го претставува она што креативната индустрија може да го направи за ревитализацијата на населбата.

Факт е дека ваквите проекти за ревитализација неминовно водат кон гентрификација. Институот Гете кој ја покрена идејата за проектот „Урбан инкубатор“ е свесен за тоа, а Ријентитс смета дека гентрификацијата е неизбежна во овие случаи. Интересно е дека Институтот Гете планира да го напушти овој проект во моментот кога ќе воочи дека започнал процесот на гентрификација. Ќе биде интересно да се види дали во тој случај новосоздадените креативни индустрии ќе бидат загрозени на отворениот пазар за недвижности.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото