Црквата ги прифаќа и хомосексуалците

10.06.2013 11:43
Црквата ги прифаќа и хомосексуалците

Католичката црква не е позната по нејзината борба за правата на хомосексуалците. Но, постојат и исклучоци. Еден католички свештеник во јужноафриканскиот град Јоханесбург основаше група за хомосексуалците. Таа се состанува еднаш неделно.

„Кога државите како САД го поставуваат условот дека хомосексуалците мораат да бидат еднакви пред законот за да дадат парични донации, тоа е еден нов вид ропство“, изјави Вилфрид Фокс Напие, католичкиот надбисуп на Дурбан во Јужноафриканската република.

Но, католичкиот свештеник Расел Полит не се согласува со неговата изјава, па наместо тоа тој отишол во својата црква „Пресветото Тројство“ во центарот на Јоханесбург и снимил видео со следната порака: „Во оваа црква, ние создаваме место во кое срдечно ги покануваме сите луѓе. Ние овде имаме група за хомосексуалците, бисексуалците, трансексуалците и интерсексуалците, која редовно одржува состаноци.“

Ваквата изјава на еден католички свештеник во Јужноафриканската република е навистина храбра. Иако хомосексуалците имаат еднакви права пред законот како и хетеросексуалците, а од 2006 година е дозволена и регистрацијата на хомосексуалните парови, општеството и понатаму не многу наклонето кон нив. Тоа го знае и свештеникот Расел Полит: „Многумина ги малтретираат хомосексуалците, тие стојат на работ на општеството. Тие често пати се жртви на насилство, а еден пример е т.н. „лекување низ силување“, кога група мажи силуваат лезбејка. Теоријата позади овој пристап вели дека жените кои ќе доживеат такво искуство, наводно ќе бидат вратени на вистинскиот пат. Значи, не можеме да зборуваме за општествена прифатеност.“

Хомосексуалноста не е пречка

„Ние се обидуваме да им помогнеме на луѓето така што им кажуваме дека можат да бидат дел од католичката заедница. Хомосексуалноста не е пречка за тоа. Се обидуваме на луѓето да им пружиме место во кое ќе можат да живеат како хомосексуалци и каде што ќе можат да ги разменуваат своите искуства. Многу од оние кои ни се обраќаат имаат доживеано страшни нешта и се трауматизирани. Отфрлени се од своите семејства, протерани од своите земји, само затоа што рекле дека се хомосексуалци. Доаѓаат овде за да разговараат за тоа, за да добијат поддршка и за да си помагаат едни на други“, вели Полит.

Свештеникот Полит добивал навредливи писма, членови на заедницата ја напуштале неговата црква. Дури и некои од другите свештеници не ги доживуваат пријатно ваквите негови обиди: „Некои нè поддржуваат, но има и свештеници на кои тоа не им одговара и кои велат дека хомосексуалците се добредојдени во секоја католичка црква и дека не би требало да имаат посебна установа само за нив. Но, ние сите знаеме дека тоа не е точно. Сум слушнал и приказни според кои на некои од неделните миси се зборувало за тоа дека хомосексуалноста е лоша работа, а тоа секако не им овозможува на овие луѓе да се чувствуваат добредојдено.“

Не се грижи за кариерата, туку за луѓето

Во неговата заедница сите се добредојдени, тоа го напишал и на својата интренет-страница, на која зборот „СИТЕ“ е напишан со големи букви. „Јас се обидувам да ги променам ставовите на луѓето. Многу од луѓето кои не познаваат ниеден хомосексуалец или пак некој кој е ХИВ-позитивен, имаат одредени предрасуди. Кај нас тие ги запознаваат хомосексуалците, работат и разговараат со нив, и така стануваат свесни дека не постојат разлики помеѓу нив, дека и тие се луѓе, кои имаат поинаква сексуална ориентација, но кои можат да им бидат пријатели“, вели овој свештеник.

На прашањето дали со овој став за хомосексуланоста може да се напредува во католичката црква, свештеникот со насмевка одмавнува со главата: „Веројатно тоа и не е најдобро за мојата кариера во црквата, но тоа не ми пречи. Среќен сум што сум овде кај што сум. Среќен сум што можам да бидам свештеник за луѓето. Не морам да бидам бискуп или нешто слично.“ Тоа што го прави тој и не е толку невообичаено. И во Лонодн и во Сан Франциско постојат слични групи, заклучува свештеникот Расел Полит.

Извор: dw.de