Силни протести, слаба опозиција

11.06.2013 10:16
Силни протести, слаба опозиција

Протестите кои во последниве недели ја преплавија Турција ги изненадија дури и оние кои, како мене, отсекогаш остро ја критикувале авторитарната власт на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Она што започна како мал собир против планираното уништување на ретките зелени површини во центарот на Истанбул прерасна во голем број насилни судири ширум целата земја, со поддршка на десетици илјади незадоволни Турци од сите политички опции.

Непосредниот повод за тоа беше полициската бруталност. Турците веќе беа навикнати на грубото однесување на полицијата, но сликите кои започнаа да кружат по социјалните мрежи овој пат предизвикаа општ гнев. Зачестеноста на повредите во пределот на главата укажа на тоа дека полицајците ги гаѓаат демонстрантите со солзавец директно во главите. Меѓу жртвите беше и Ахмет Сик, храбриот новинар кој претходно беше затворан под лажни обвиненија, па сликата од неговата закрвавена глава брзо се рашири низ целата земја.

Реакцијата на Ердоган само ја влоши ситуацијата. Како и обично, тој истапи прилично грубо, заканувајќи се дека ќе ги изведе и своите поддржувачи на улиците, нарекувајќи ги демонстрантите „маргиналци“, а социјалните медиуми „најголемото зло на ова општество“. Демострантите протестираа и против големите медиуми, кои се покажаа неподготвени да известуваат од улиците, без сомнение под притисок на владата. Турскиот CNN се одлучи за време на најголемите судири да емитува документарен филм за пингвините.

И покрај обидите на Ердоган да ги претстави како екстремисти, очигледно е дека повеќето од демонстрантите ги бараат своите основни права: правото на собир и на мирен протест, правото да кажат што мислат за огромната комерцијализација на јавниот простор и правото на достоинствен третман без полициска бруталност. Не се работи за судир помеѓу секуларистите и исламистите, иако повеќето од западните медиуми сакаат токму на тој начин да ги претстават овие протести. Едноставно кажано, демонстрантите се обединија поради злоупотребата на власта од страна на владата на Ердоган.

Истовремено, протестите се и показател за слабоста на опозициските партии. Организирани околу сè понезначајните поделби кои традиционално го раздвојуваат турското општетсво, опозициските партии не успеаја да го канализираат и да го искористат незадоволството кое долго време се таложеше. Турската либерална интелигенција во најголем дел е диксредитирана, бидејќи продолжи да го поддржува Ердоган уште долго откако неговите антилиберални тактики станаа очигледни.

Многубројни западни мислители сметаат дека Ердоган е заслужен за успехот на турската економија, за фактот дека турската војска се врати назад во касарните, како и за неодамнешниот мировен процес со курдските бунтовници. Меѓутоа, ако внимателно се разгледа кое било од овие прашања, неговиот сјај брзо ќе избледи.

На економски план, најмногу што може да се рече е дека неговата влада ги избегна големите грешки. Развојот е занован на неодржливо ниво благодарение на странските кредити и не е посебно импресивен во однос на стандардите на земјите во развој. Јавната администрацијата е обележана од распространета корупција.

За тоа време, цивилната контрола над војската беше постигната со низа монтирани судски процеси, преку големо нарушување на правните постапки и преку употреба на подметнати или измислени докази против офицерите. Наместо да го затвори военото поглавје, Ердоган со своите тактики отвори нови рани кои нема толку лесно да зараснат.

Конечно, отворањето на прашањето за Курдите е многу повеќе поврзано со обидите на Ердоган да го преправи уставот и да си обезбеди себеси (по)моќна претседателска положба, отколку со сериозната желба за помирување. Како што покажуваат и неговите поранешни чести промени на ставот за судирот со Курдите, тој ќе си го промени мислењето ако тоа е дел од неговите краткотрајни политички калкулации.

Најголема корист од слабостите на Ердоган можеби ќе има движењето на Ѓулен, односно моќната мрежа на чие чело се наоѓа исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен. Ердоган и ѓуленистите неодамна имаа заеднички непријател, војската и старата гарда на секуларистите. Но откако тој проблем беше совладан, тие се почесто меѓусебно се судираат. Движењето на Ѓулен не сака Ердоган да добие преголема моќ, додека Ердоган се плаши од ѓуленистичките махинации во полицијата и судството. Движењето обично го поддржува претседеталот Абдула Ѓул, кој е потолерантната и подемократската алтернатива на Ердоган.

Навистина е парадоксален фактот дека движењето на Ѓулен гледа како Ердоган ја презема одговорноста за протестите, бидејќи е познато дека ѓуленистите се посебно застапени во полицијата. Наводно умерено, ова движење е блиско поврзано со најлошите полициски и судски злоупотреби од времето на Ердоган.

За жал, не постои организиран политички проект кој би можел им обезбеди соодветна политичка репрезентација на демонстрантите кои јасно и гласно ги истакнаа своите намери во последниве неколку дена. Затоа идинината на турската политика ќе го одреди исходот од судирот помеѓу Ердоган и движењето на Ѓулен, како и развојот на настаните на курдскиот фронт.

Бидејќи го пропуштија авторитарниот пресврт во Турција (или пак, не сакаа ни да го забележат), пријателите на оваа земја треба да знаат дека никој од познатите учесници во оваа драма нема силни демократски аспирации. Треба да го избегнеме постоењето на уште еден лекомислен наратив за демократизацијата и јасно да им се спротивставиме на политичките и судските злоупотреби и на кршењето на човековите права во Турција, без оглед на тоа кој е виновен за нив.

Извор: rodrik.typepad.com

ОкоБоли главаВицФото