И хамбургерите се свртеа против Жерновски

11.06.2013 10:45
И хамбургерите се свртеа против Жерновски

Одлуката за промена на ДУП-от во Центар ги револтираше хамбургерите и другите сендвичи, кои вчера во голем број се појавија пред општинската административна барака.

Според извори блиски до сендвичарата Власт-фуд, сендвичите по своја волја се појавиле на протестот против уривање на црквата која нема да се урива.

Неколку медиуми блиски до опозицијата забележале дека наводно на секој сендвич му бил поделен по еден човек од страна на припадници на владејачката партија, но неколку сендвичи го отфрлија таквото тврдење како шпекулација.

„Дојдовме овде затоа што не сакаме да се руши црквата за која што беше потврдено дека нема да се руши. Жерновски прави голем грев! А здружувањето со луѓето се случи сосема спонтано, затоа што протестираме за иста работа“, изјави Хамбургер Сокечап.

Освен сендвичите, дознаваме дека промената на деталниот урбанистички план изреволтирала и многу запалки, маички, капчиња, шишиња зејтин, вреќи брашно и други прехранбени производи, за кои се очекува дека допрва ќе се појават на протестите пред зградата на Општина Центар.

Текстот е напишан според твит на @Goran_Man, кој е автор и на сликата.