Како да се бориме со монструмите

11.06.2013 10:55
Како да се бориме со монструмите

Како СДСМ да му се спротистави на ДПМНЕ? Како опозицијата да се постави наспроти власта? Како прогресивните вредности можат да се борат со конзервативните вредности?

За дел од прашањава одговор нуди Џорџ Лакоф, когнитивен лингвист и професор на Беркли. Првата поука на Лакоф вели: секогаш мисли на рамката, на врамувањето. На студентите тој им задава вежба: не размислувајте за слонот! Што и да правите, не размислувајте за слонот. Се разбира, никогаш не се појавил студент кој можел да не мисли на слонот. Секој збор ја привикува сопствената асоцијативна рамка - слоновите се крупни, имаат големи уши, сурла, потсетуваат на циркус итн. Зборот е релативно дефиниран со рамката. Кога ја негираме рамката ние всушност ја привикуваме.

Лакоф го дава примерот со Ричард Никсон. Кога по аферата Вотергејт Никсон бил принуден да се повлече, тој ѝ се обратил на нацијата преку телевизија. Започнал со зборовите: „Јас не сум измамник“. Во тој момент сите го сметале за измамник. Ова укажува на основниот принцип на врамувањето: кога сте во спор со спротивната стана, не го користете нејзиниот јазик. Тој јазик е одреден од рамката која нема да биде по ваш терк.

Втор пример: несомнено дека Буш лажеше кога ја започна војната со Ирак. Дали е корисно и умно на граѓаните да им се зборува за лагите? Се разбира, тоа мораме да го правиме. Но, исто така, смета Лакоф, самата вистина нема да нè ослободи. За многумина Американци приказната дека Садам Хусеин и Ал Каида се една иста работа - е дел од нивната рамка. Садам Хусеин е одговорен за 11 септември. Тоа е лага и манипулација, но тоа не значи дека луѓето што веруваат во тоа се глупи. Тие си имаат сопствени рамки и ги прифаќаат фактите во согласност со тие рамки.

Лакоф исто така тврди, потпирајќи се на истражувањата на когнитивните научници Даниел Канеман (има Нобелова награда за економија) и Амос Тверски, дека луѓето многу често не се водат врз основа на сопствениот интерес. Просветителството велеше дека е ирационално да се оди наспроти сопствениот интерес и дека поради тоа нормалната рационална личност резонира врз основа на личниот интерес. Но, Канеман и Тверски докажале дека тоа не е така.

Лакоф дава пример: „Како која било сиромашна личност може да гласа за Буш кога неговата политика им прави штета на сиромашните?“ Во текот на изборите во 2000 година Ал Гор упорно повторувал дека Бушовото намалување на данокот ќе се однесува само на еден процент на луѓето од самиот врв и дека мнозинството граѓани ќе го отфрлат тој концепт следејќи си го сопствениот интерес. Меѓутоа, сиромашните конзервативци, оние 99 проценти, сепак и понатаму биле за Буш бидејќи верувале дека моќниците што главно ги имаат парите се „добри“ луѓе и заслужуваат да ги задржат парите зашто се дисциплинирани. Се смета дека 35% од популацијата веруваат дека еден ден ќе влезат во тој еден процент на врвот. Тоа ги објаснува ставовите засновани врз надежите во подобра иднина. Но, за Буш гласаа дури и значаен дел од оние 65 проценти кои не ни сонуваат дека ќе бидат ослободени од данок. Тие луѓе сосема извесно не гласаат за сопствениот интерес, ниту за подобра иднина.

Значи, според Лакоф, наместо за својот интерес, луѓето гласаат за својот идентитет, за своите вредности и за она со што можат да се идентификуваат. Не дека луѓето никогаш не водат сметка за личниот интерес. Но, главно го прават тоа кога нивниот идентитет се поклопува со личниот интерес.

Голем проблем на прогресивниот табор е немањето идеи, тврди Лакоф. Кога сметате дека немате само зборови, она што стварно ви фали се идеите. Идеите доаѓаат во форма на рамка. Кога постојат рамки, зборовите само навираат.

Еве и други совети од Лакоф, како либералите поефикасно да им се спротистават на конзервативците:

Прво, препознајте ги добрите страни на конзервативците и обидете се да ги лоцирате грешките на прогресивците. Признајте ги нивните успеси и нашите неуспеси.

Второ, „не размислувајте за слонот“. Ако се држите до нивниот јазик и нивните рамки и само ги оспорувате - ќе изгубите, зашто само ги засилувате нивните рамки.

Трето, самата вистина нема да ве ослободи. Изложувањето факти не е доволно. Потребно е ефектно да ги користите вистините од сопствена перспектива.

Четврто, потребно е секогаш да зборувате од својата морална перспектива. Прогресивните политики следат од прогресивните вредности.

Петто, размислувајте стратешки во рамките на проблемот. Размислувајте за големите морални цели, не само за програмите.

Шесто, размислувајте за последиците на предлозите, за лизгавите удолници.

Седмо, запомнете дека гласачите гласаат за сопствениот идентитет и своите вредности, кои не мораат да се поклопуваат со нивните лични интереси.

Осмо, обединувајте се и соработувајте! Луѓето од прогресивниот табор често се разединети околу мали разлики. Констатирајте ги разликите, тоа е мошне полезно, но издигнете се над својот модел и почнете да размислувате и зборувате за прогресивните вредности што ви се заеднички.

Девето, бидете проактивни, не реактивни. Играјте напад, не одбрана. Секој ден вежбајте го врамувањето за разни проблеми. Немојте само да го зборувате она во што верувате. Користете ги своите рамки, а не нивните.

Десетто, обраќајте ѝ се на прогресивната база така што ќе го активирате моделот на родител-старател кај нестабилните гласачи. Десничарското движење двократно штети: ја отуѓува прогресивната основа и им помага на конзервативците меѓу нестабилните гласачи да го активираат својот модел (строг татко наместо родител-старател). Затоа, не се помрднувајте во десно.

Џорџ Лакоф смета дека метафората е централно место на човечкото мислење и на политичкото однесување. Затоа ќе завршиме со метафора од еден роман на Џон Берџер: „Шарките беа развалени, прозорците испокршени, а сепак во него имаше пркос, како точно да знаеше, налик на ловец на благо што живее во запустена шупа, кај е златото.“

Извор: George Lakoff, Don't Think of an Elephant: Know Your Values and Frame the Debate. Chelsea Green Publishing, 2004

Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото