Кога светците протестираат

11.06.2013 13:15
Кога светците протестираат

Пред отприлика недела дена, грчките власти не ѝ дозволија на новинарката Ивана Костовска да ја помине границата на нашиот јужен сосед, со образложение дека е закана за безбедноста на нашите комшии.

Денес МАН организира протести пред грчката амбасада. Вчера, од екран, генералниот секретар на ова здружение јавно ги повика ЗНМ, новинарскиот синдикат и сите новинари да се приклучат на протестот.

Убаво. Бидејќи се организира протест за нарушување на правата на наша колешка, а сакајќи секогаш да поддржам бранење на еснафот, реков, ајде да побарам по нетов и социјалните мрежи кај истакнати поддржувачи и членови на ова здружение, очекувајќи да најдам повици за протест и малку повеќе детали и информации за протестот.

На веб страницата на МАН, која е прилично неактивна и несредена, не успеав да најдам ништо, па ниту повик за денешниот протест. На профилот на претседателката на МАН, гледам морска ѕвезда од хрватски Лопуд. Океј, велам, можеби претседателката на ова новинарско здружение е на одмор. Идемо даље. Јанко бурекот гледам ја постирал „Донт лет ми даун“ од Битлси, и нешто за неистребливата билка инка. Козјиот шарпланинец, кој не е член, но е поддржувач и соборец на основачите и „руководството“ на МАН, очекувано, (сè уште) се занимава со кривиот Бранко, Ванковска и лустрацијата. Ништо не најдов за протестот ни кај Сарма и Цаци, луѓето се млади родители и се занимаваат со други, поважни работи. На профилот на нивен колега, истакнат истражувач, кој неодамна зборуваше во име на МАН, последен пост е за изборот на најсекси новинар. Каде и да отворив, повик и информации за протестот денес не најдов.

А јас пустиот, влечејќи се по протести за правата на новинарите во последниве неколку години, мислев дека кога се организира протест се прави и некаква кампања и обиди за да се повикаат, мотивираат и информираат што повеќе луѓе за да дојдат на протест. Ништо од тоа. Во празнината одекнува само повикот на генералниот секретар на МАН, упатен јавно и од екран, пред сè до ЗНМ и ССНМ, да излезат со него на протест пред грчката амбасада.

Најава за овој протест прочитав и видов и на други мејнстрим медиуми, телевизии и весници, кои честопати молчат кога други новинарски организации организираат протести за правата на нивните колеги. Се присетив на „извинувачкиот“ протест организиран од Синдикатот по барањата за извинување од првиот човек на Парламентот, на протестите предизвикани од кршењето на Уставот и бркањето на новинарите од Собранието, на задржувањето на Момироски во полициска станица во Грција, на незаконското затворање на телевизии што остави стотици колеги без работа. Се присетив и на дискредитирањето на раководствата и членовите на ЗНМ и ССНМ, кои токму од оние кои повикуваат на денешниот протест, беа прогласувани за предавници, грчки платеници и шпиони. Ниту еден од овие протести не беше поддржан, ниту пак за него известуваа оние, кои денес повикуваат на солидарност.

Затоа, овој пат јас нема да присуствувам на овој протест, чија цел е очигледна: да се стават ЗНМ, ССНМ и други борци за слобода на медиумите во „небрано“. Ако појдат на протестот, го легитимираат МАН, а ако не појдат, ќе дадат цврсто алиби за продолжување на нападите за „предавство“ и „платеништво“.

Мојата борба кон децениските неправди на грчките власти кон Македонија, вклучувајќи ја и последната кон колешката Костовска, ќе ја продолжам на мој начин. Во Грција не сум бил од 1996-та, кога во еден дуќан не ми продадоа фармерки само затоа што им реков дека сум од Македонија. Не ни мислам да одам, сè додека јужниот сосед продолжува со оваа неправедна политика , не го признава името на мојата земја и става печати на ливчиња, а не во мојот пасош.

А во борбата за правата на новинарите и слобода на медиумите дома ќе продолжам да учествувам жестоко, и ќе бидам присутен во секоја акција и иницијатива која ќе биде организирана од луѓе кои се конзистентни во нивните ставови за одбрана на слободата на новинарството, и кои не ја користат секоја можна прилика за пресметка со колегите кои не мислат исто како нив.

Желим угодан протест.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Цртежи: Роберт Волвертон Јуниор