1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Пон, 11.11.2024 23:59
Знаев како можам лесно да го предизвикам за расправија Никола Мартиновски, кога ќе ми дојдеше таква мисла. Ќе почнев тогаш да ги фалам нашите апстракционисти и нивните постигања. Тврдев, на пример, дека најпосле и до нас стигнала една свежа струја што ни ја открива самата сушност на сликарството.
Мајсторот брзо ќе пламнеше од таквите некомпетентни зборови. „Тие треба прво да научат да цртаат“, велеше тој, мислејќи на своите млади колеги. „Раката, раката - тоа е најважното. Дури не свикнала раката, нема ништо од сета работа!“ Притоа неговата десна рака ќе се стиснеше неволно како да е готова да ја повлече непогрешно потребната една единствена линија. „Дури потоа можеме да редуцираме, дури потоа можеме и да деформираме како што сакаме“.
Ваквите искажувања се повторуваа повеќе пати и мене ми стануваше сè појасно дека во нив раката не се спомнува само метафорично, ами ѝ се дава важност како на еден автономен орган, во кој е сместен и на кој е пренесен добар дел од сликарската вештина. Како сликар, мајсторот можеше место раката да го истакнува и окото, но тој веројатно таквиот избор им го препушташе на колористите. За него лично поважна од нагледаноста на окото беше извештеноста на раката, силата на концентрацијата пренесена на неа. Сето ова јас можев да го насетам не само со опсервација, ами користејќи го и својот сопствен опит од поезијата. Човек го гледа тоа што го знае, рекол приближно Гете. Но за тој личен опит ќе кажам нешто не сега, ами понатаму.
Темата за раката на мајсторот, на која мислата често ми се враќаше, доби нова и силна побуда од еден настан минатата пролет. Во рамките на 40-годишниот јубилеј на Уметничката галерија во Скопје беше организирана мала но импресивна ретроспектива на Никола Мартиноски којшто ја водеше Галеријата од почетокот па сè до својата смрт. Во округлата сала на Даут-пашиниот амам, обиколени од неговите молчаливи платна по ѕидовите, следевме програма со пригодни говори и настап на артисти и музичари. Од говорите посебен впечаток ми направи живата импровизација на Димитар Кондовски. Во еден момент тој почна да зборува за раката на мајсторот, за нејзината извонредна способност да се движи и да дејствува некако самостојно. Говорникот го придружуваше кажувањето и со импресивна гестикулација, како да го гледа и да го имитира Никола во еден миг на занесот во сликањето.
Така добија неочекувано поткрепа моите стари претпоставки. Се решив, и најдов добар случај за тоа, да го замолам Кондовски за поблиско објаснување. Тој ми кажа дека, сосредоточен на моделот, Никола и не гледал на подлогата врз која го правел цртежот, ами раката сама ги повлекувала потезите. Само одвреме-навреме ќе се спуштел кратко долу неговиот поглед за проверка и веднаш потоа пак ѝ се оставала на раката истата слобода на дејствување. Очевидно дека во раката на мајсторот имало сконцентрирано големо знаење, усет и опит. Затоа самиот тој толку ја истакнуваше улогата на раката во сликарскиот занает.
Во меѓувреме јас разбрав нешто за тоа дека раката се смета за орган со посебна интелигенција, во кој човечкиот мозок, така да се рече, деташира дел од своите способности. Како пример ми го даваа тоа дека најдобрите револвераши не нишанат во целта, ами силно се сконцентрирани на раката што беспогрешно ја насетува потребната позиција. Од други чув дека самураите и не го следеле наредниот удар на противникот, ами раката како по сопствена команда веќе го пречекувала таму каде што бил управен. Не знам колку е ова навистина така, па и колку точно го предавам јас кажаното, но во секој случај тоа за мене ја потврдува големата автономна улога на раката во некои дејности.
Сега веќе можеме да ги вклучиме и опсервациите од мојот личен опит од една друга гранка на уметноста, за што патем веќе споменав. Се работи за поезијата. Во едно интервју, дадено многу одамна, јас кажав нешто за откривањето на „сладоста на јазикот“. Таа сензација ја доживеав прво сосем јасно при преведувањето на „Лирски интермецо“ од Хајнрих Хајне. Често преводот на кратките лирски песни го сочинував напамет и дури потоа правев запис. Бев свесен дека не смеам навидум простиот исказ на Хајне да го спуштам до рамништето на нашиот фолклор полн со изгор од севда. Во еден момент почувствував некаква сладост од стиховите што ми успеале, небаре ги жвакам, како што оној градоначалник во расказот на Алфонс Доде, разнежен во природата, почнал да ги жвака темјанушките. Тоа чувство и го нареков за себе „сладост на јазикот“. Заклучив дека во него имам едно средство на контрола дали сум ја погодил самата звучна душа на поетската порака. Таа моќ кај мене лично се пренесла делум на чулото на вкусот. Затоа и можев лесно да сфатам дека не е само метафорично искажување, ами дека од едно живо чувство произлегува тоа што Никола го велеше за раката. Тоа што се работеше за различни органи не можеше да претставува суштествена пречка за моето разбирање.
Се разбира, сето ова беше првобитно уште недоволно разложена чувствена сензација. Но не требаше да чекам многу, за да дојдам и до поосновано објаснение на појавата. Прво се сетив дека јас, иако не сум надарен со слух, необично лесно сум ја совладувал фонетиката на туѓите јазици. Како говорните органи, пак водени од чулото на вкусот, да го изнаоѓале местото и начинот на изговор на оние гласови што не му се својствени на нашиот јазик. Потоа ми дојде до рака и една солидна психо-физиолошка студија, во која експериментално се докажува дека ние, иако ги примаме со слухот говорните бранови, не можеме да ја разложиме таа звучна низа без учество и на говорните органи. Уште го паметам доводот дека поради големата мера на таков напор нам ни се суши грлото, дури слушаме некој досаден говорник, одвај чекајќи кога ќе заврши. Сето тоа ми даде потребна основа да си објаснам како можело на органите на вкусот, што се едновремено и говорни органи, да се пренесе моќта на проверка на стихот.
Сега можеме да пристапиме и кон извесна синтеза. За да стекне рутина во занаетот поетот треба да биде начитан, музичарот наслушан, а сликарот нагледан. Во нивните сфери се вкрстуваат ритми, звуци, преливи на бои и кинетички стимули, се разбира - не случајно и не смешано, ами во широкиот тек на традицијата, во која живее уметникот. Сето тоа големо знаење неговото сеќавање може, зависно од психо-физичките одлики на уметникот, да го пренесе делумно на некои за тоа пригодни органи што тогаш полесно ќе ја активираат насобраната информација. По еден повод, во Москва, познатиот поет Јуриј Левитански ми рече: „Мене рускиот јазик ми дозволува сè“. Тоа значеше за мене дека тој располага во своето сеќавање со толку пригодни обрасци од прозодијата и синтагматиката, што не му е тешко да ја изнајде и најсоодветната комбинација за текстот што го преведува. Се разбира, тоа бара голема концентрација и способност за контрола. Инаку може да се случи да се активира стереотипно еден стар образец и со тоа една современа творба да зазвучи како текст од некој девтнаесетвековен поет. Тоа станува и при создавањето на нови песни. На авторот може во моментот да му се стори дека открил невообичаен ритмички тек и нова изненадувачка каденца, а дури подоцна да се сети дека заправо само копирал еден од моделите притаени во неговото сеќавање. Тоа се замките што ни ги поставува самата наша извештеност или рутинираност. Но само во присуство на стариот фон може најсигурно да се насети просторот за новото. Тоа не може да се изнајде лесно и само со декларативно прифаќање на една поетика што ни ветува непречен достап во дотогаш неоткриени предели. Раката на мајсторот треба да биде чувствителна докрај за сите оние стимули што ги подвлекувале линиите во цела една богата сликарска традиција, за да може да го погоди правецот и засекот на новите потези. Никола Мартиноски не беше свикнат да ја експлицира својата мисла, но ми се чини, токму ова го имаше на ум кога толку емфатично ја истакнуваше улогата на раката.
Слики: Никола Мартиноски