Полициското (не)постапување и тортура во Македонија во 2012 година

12.06.2013 11:21
Полициското (не)постапување и тортура во Македонија во 2012 година

Полициското (не)постапување и тортура во Македонија во 2012 година, во рамките на Извештајот од проектот „Поддршка на човековите права “


Коалицијата „Сите за правично судење“ заедно со дел од од своите членки-организации, осум години ја имплементира програмата за поддршка и развој на човековите права, преку која се спроведува проектот „Поддршка на човековите права“. Преку овој проект се обезбедува бесплатна правна помош на потенцијални жртви на тортура или полициска злоупотреба, непостапување и се врши обезбедување на лекарски прегледи и застапување на потенцијалните жртви пред судовите и останатите надлежни органи.

Во текот на 2012 година Коалицијата „Сите за правично судење“ преку националната канцеларија и регионалните правни советници, регистрираше 20 предмети со 23 жртви на полициска злоупотреба на овластувањата и положбите, тортура(бруталност) или непостапување. Од поднесените жалби за полициска тортура од припадниците на МВР, преку проектот се регистрирани 54 сторители, од кои еден е началник на локална полициска станица, а поднесената жалба се однесува на непостапување на овластено лице по поднесена пријава. За регистрираните случаи, Коалицијата обезбеди бесплатна правна помош, преку која жртвите примарно поднесуваа жалби против прекумерна употреба на сила од страна на униформираните полицајци или пак непостапување на полицијата по поднесените пријави или жалби.

Најголем дел од жалбите за полициска тортура или непостапување, се однесуваат на психолошкиот притисок врз жртвите да се откажат од некое нивно право, но евидентиравме и случаи каде е употребена физичка присила врз истите. Додека во претходните години жртвите пријавуваа физичко насилство од страна на полицијата, кое резултираше со лесни или тешки телесни повреди, во 2012 година жртвите најчесто се жалат поради непостапување на службените лица, односно неуспех на Коалиција на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ полицијата да го заштити животот и имотот на граѓаните. Воедно, граѓаните се соочувале со кривични пријави за напад на службено лице, мерка кон која посегнува МВР, скоро секогаш кога овластените лица се соочени со жалба поради употреба на прекумерна сила. Овој инструмент на полицијата премногу влијае на жртвите во процесот на продолжување на започнатата постапка, т.е. отстапување од понатамошниот тек на постапката за евентуална судска разрешница на истата.

Во однос на националната припадност на жртвите, споредбено со фактичката состојба во земјата, како и онаа идентификувна со проектот, констатиравме дека не се совпаѓаат. Така, во текот на минатата година, нема ниту еден регистиран случај на полициска тортура или непостапување за граѓаните од албанската етничка заедница. Најголемиот дел од регистрираните случаи се граѓани од македонска и ромска националност, каде се евидентирани по 10 жртви од двете етнички заедници. Регистриравме и 3 случаи на жртви кои се од турската националност. Овој податок доведува до можен заклучок дека припадниците на албанската етничка заедница не пријавуваат случаи на полициско непостапување или тортура. Во однос на старосната структура на жртвите, и во 2012 година предничат жртвите мажи во однос на жените. Особено загрижува фактот што годишната возраст на жртвите е сè пониска, споредбено со претходните години. Така, најмладата жртва на полициска тортура минатата година имала под 16 години.

Посетата на полициски станици е континуирана активност која што продолжи и во текот на 2012 година. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР им помогна на правните офицери од Коалицијата да посетат некои од полициските станици, но секоја од овие посети беше претходно најавена и одобрувана, а правните советници беа придружувани од страна на службено лице при посетите. Ова говори дека и покрај долгогодишната соработка, МВР и понатаму е недоволно транспарентно и кооперативно со граѓанските организации. Коалицијата ја поздравува успешната соработка со Народниот правобранител, со која институција тесно соработува во спроведувањето на овој проект.

Коалиција на здруженија на граѓани „Сите за правично судење”
ул. Македонија бр. 11/2-10
1000 Скопје, Македонија
тел/факс +389 2 613 9874; email: contact@all4fairtrials.org.mk
www.pravicnosudenje.org.mk www.hrsp.org.mk