Надгледување со глобални импликации

12.06.2013 13:54
Надгледување со глобални импликации

На југот на Големото Солено Езеро во Јута, Националната агенција за безбедност (NSA), надворешната разузнувачка служба на САД, чува една од своите најскапоцени тајни. Овде, на 100.000 квадратни метри во близина на военот Камп Вилијамс, NSA гради огромни згради за да ги смести супербрзите компјутери. Вкупно, проектот ќе чини околу две милијарди долари и компјутерите ќе бидат способни да складираат огромна количина податоци, најмалку 5 милијарди гигабајти. Само енергијата потребна за ладење на системот на серверите ќе чини 40 милиони долари годишно.

Поранешните вработени во NSA, Томас Дрејк и Бил Бини, за Шпигел рекоа дека установата наскоро ќе складира лични податоци од луѓе од целиот свет и ќе ги чува со децении. Ова вклучува мејлови, разговори на Скајп, пребарувања на Гугл, Фејсбук постови, банкарски трансфери - електронски податоци од секаков вид.

„Имаат сè за тебе во Јута“, вели Дрејк. „Кој одлучува дали ќе погледнат во податоците? Кој одлучува што ќе прават со нив?“ Бини, математичар кој претходно бил влијателен аналитичар во NSA, пресметува дека серверите се доволно големи за да ја складираат електронската комуникација на целото човештво во следните 100 години - и дека, секако, им даваат на неговите поранешни колеги многу можности за да ги препрочитуваат и да ги преслушуваат.

Џејмс Клапер, директор на разузнувачката служба на оваа држава, го потврди постоењето на програма за надгледување на многу нивоа. Претседателот Барак Обама понатаму објасни дека Конгресот ја одобрил програмата - но дека американските граѓани се исклучени од неа.

Доверливиот документ објавен минатата недела во Вашингон Пост и во британски Гардијан покажува дека NSA можеби добива најголем дел од податоците. Според документот, кој беше пуштен во јавноста од страна на поранешниот вработен во ЦИА Едвард Сноуден, разузнувачката служба почнала да бара директен пристап до серверите во сопственост на американските интернет компании во 2007 година. Првата од овие компании која се согласила е Microsoft. Една година подоцна се придружува и Yahoo, потоа Гугл, Фејсбук, PalTalk, Јутјуб, Скајп и AOL. Последната компанија која изразила подготвеност да соработува е Епл, во октомври 2012, според тајниот владин документ, кој гордо соопштува дека пристапот до податоците е добиен „директно од серверите“ на компаниите.

Компаниите го негираа ваквото тврдење во петокот. Но, ако наведеното во документот е точно, тогаш NSA има потенцијал да знае што прави секоја личност која ги користи услугите на овие компании, а тоа потенцијално вклучува и милиони Германци.

„Тоталното надгледување на Германците е непримерно“

Во понеделникот, германската канцеларка Ангела Меркел преку портпаролот потврди дека планира да разговара со NSA за контроверзната програма за надгледување со претседателот Обама за време на посетата на Берлин следната недела. Портпаролот на германското Министерство за правда исто така изјави дека во тек се разговори со властите на САД. Разговорите ги вклучуваат импликациите на Германија и „можното загрозување на правата на германските граѓани“.

Германскиот министер за заштита на правата на потрошувачите Илсе Аигнер побара „јасни одговори“ од компаниите споменати во документот, а германската Партија на зелените побара владата итно да поведе истрага за Prism.

„Тоталното надгледување на сите германски граѓани од страна на NSA е тотално несоодветно“, изјави во понеделникот Фолкер Бек, секретар на пратеничката група на Партијата на зелените. Партијата предложи темата да биде предмет на разговор на парламентарната расправа следната недела.

Мормонски корени, меѓународен дострел

Комплексот на програмата во Јута е полн со заштитни огради, кучиња-чувари и безбедносни камери, како и со систем за биометриска идентификација. Двајца информатори велат дека локацијата за серверите никако не е случајна. Јута е дом на најголемиот број Мормонци во светот. Оваа значително патриотска религиозна заедница ги испраќа своите млади членови низ светот како мисионери - и многу од нив се регрутирани од Националната гарда на армијата во Јута, во чија 300-та воена разузнувачка бригада се вработени 1.600 лингвисти. NSA постојано има пристап до овие лингвисти, и еден инсајдер смета дека тие се користат „за анализирање на меѓународните телекомуникации“.

Во тајниот документ, програмата за надгдледување на NSA се наведува под името „Prism“ (призма). А призмата е исто така обликот кој ја рефлектира светлината во оптичките фибер кабли - истите кабли кои се ’рбетот на светскиот интернет сообраќај. Документот, кој бил подготвен за интерна презентација пред NSA, покажува дека дури и податоците од стримовите помеѓу Европа и Азија, пацифичкиот регион или Јужна Америка поминуваат преку серверите во САД. „Телефонскиот повик, мејлот или дури и четот ќе оди по најевтиниот пат, не по физички најдиректниот“, стои во документот.

Администрацијата на Буш ја легализирала оваа нова димензија во душкањето на владата, но администрацијата на Обама е онаа која го обновила законот во декември 2012. Законот дозволува, на пример, надгледување на сите корисници на Гугл кои не живеат во САД, како и комуникацијата помеѓу американските граѓани и луѓето од други држави.

Проширена легална основа за шпионирање

Документот исто така покажува дека со програмите како Призма, NSA ја реинтерпретира легалната основа за своето дејствување во одредена пресудна точка. Со децении, разузнувачките служби бараа наредба од посебен суд со прецизно назначување на нивниот осомничен ако сакаа да ја надгледуваат неговата електронска пошта, на пример. Сега, доволно е NSA да има некаков доказ дека некој субјект или живее во странство или комуницира со некој што живее надвор од САД. Ова го проширува кругот на потенцијални осомничени, ги намалува бирократските пречки и ги намалува демократсите проверки и баланси, правејќи го уште полесно и побрзо собирањето податоци за уште повеќе луѓе.

Моќта за собирањето податоци на NSA се проширува далеку над американските интернет сервери. Оваа агенција исто така управува со надгледување околу земјината топка, на пример, со сателити. Исто така, инсталираше моќни антени во различни земји за да ја складира комуникацијата со мобилни телефони. Никогаш порано една влада не собирала податоци на толку многу нивоа.

NSA е моќен партнер на германските власти. Директорот на NSA, генералот со четири ѕвездички Кит Александар, обично прима делегации од Германја во неговиот штаб во Fort Meade. Овие средби генерално се конструктивни, делумно затоа што условите се јасни: NSA речиси секогаш знае многу повеќе, додека Германците се помошници. Разузнувачката служба на Германија, BND, управува со различни тајни операции во соработка со NSA, од кои повеќето се однесуваат на собирање на податоци на многу нивоа. Германските власти исто така им помагаат на американските безбедносни агенции во голем број активности, особено во кризните региони.

За возврат, NSA обично ги споделува со германските агенции за безбедност трагите за осомничените. Во 2007 година, експлозивна направа поставена од исламистичка терористичка трупа, т.н. група од Зауерланд, беше откриена поради мејловите и телефонските разговори кои NSA ги следела и им ги предала на германските безбедносни служби.

Според поранешниот вработен во NSA Бини, американските програми исто така се користат во Германија, иако поранешен висок службеник во земјата тврди дека германските власти не се вклучени во програмата Призма.

Сега е јасно дека она во што експертите се сомневаа со години всушност е вистина - дека NSA ја надгледува секоја форма на електронска комуникација во светот. Овој факт покренува едно важно прашање: како може една разузнувачка агенција, дури и толку голема и одлично екипирана како NSA со нејзините 40.000 вработени, да обработува соодветно таква поплава од информации?

Одговорот на ова прашање е дел од феноменот што во моментов е главна тема и за бизнис заедницата и стои под името Big Data. Благодарение на новите технологии за бази на податоци, сега е можно да се поврзат сосема диспаратни форми на податоци и автоматски да се анализираат.

Еден краток поглед во тоа што можат да направат разузнувачките служби применувајќи го овој „big data“ пристап минатата година направи Дејвид Петреус. Оваа нова форма на анализирање на податоци се однесува на откривање на „неочигледните врски“, кои тогаш ги објасни директорот на ЦИА. На пример, тоа вклучува „пронаоѓање врски помеѓу купување овде, телефонски разговор онде, видео со низок квалитет, обичаи и информации за имиграцијата“.

Целта, според Петреус, е big data повеќе „да води кон автоматизирани откритија, отколку да зависи од тоа дали вистинскиот аналитичар го поставува вистинското прашање“. Алгоритмите автоматски ги бираат врските од неструктурираното море од податоци кое го пребаруваат. „ЦИА и нашите партнери од разузнувачката заедница мора да бидат способни да пливаат во океанот на Big Data. Навистина, мора да бидеме пливачи од светска класа - всушност, најдобрите“, додава директорот на ЦИА.

Држава на надгледувањето

Вредноста big data анализата за американските разузнувачки служби може да се види во износот кој NSA и ЦИА го вложуваат во неа. Не само што ова вклучува мултимилионски договори со провајдерите специјализирани за „копање“ податоци, туку ЦИА исто така инвестира директно, преку нејзината филијала, компанијата In-Q-Tel, во неколку нови помали компании.

Станува збор за правење на луѓето и нивното однесување предвидливи. Истражувачките проекти на NSA имаат цел да прогнозираат, врз основа на податоците од телефонските разговори, Твитер и Фејсбук постовите, кога ќе има бунтови, социјални протести и други настани. Аганцијата исто така истражува нови методи за анализа на видео снимки од камерите за надзор со надеж дека ќе открие одредено препознатливо однесување пред нападот да биде извршен.

Гас Хант, главен технолошки офицер на ЦИА, во март искрено призна: „Во суштина се обидуваме да собереме сè и да го задржиме засекогаш“. Што се подразбира под „сè“, Хант исто така објасни: „Навистина сме многу блиску до тоа да ја забележиме на компјутер секоја информација генерирана од човек“, рече тој.

Тешко е оваа изјава да се усогласи со Четвртиот Амандман од Уставот на САД, кој го гарантира правото на приватност. Веројатно затоа Хант додаде, речиси апологетски: „Технологијата во светот се развива побрзо отколку што владата или законот може да ја следи“.

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото