Подрум

13.06.2013 09:09
Подрум

Во периодите на циклични најави на пропаст на светот и во во времето на пречекување на Новата година, улогата на подрумот, за олеснето функционирање на човекот во градот, е (или, барем, беше) многу битна. Тоа можат да ви го потврдат сите оние што живееја во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, значи во време на перманентна студена (и не толку студена) војна (од Куба, преку Виетнам, па сè до Авганистан), а истовремено и во еден „весел“ период на економски просперитет на тогашната Југославија (економската реформа Крајгер – Глигоров), што овозможуваше ентузијастички пречек на секоја следна година.

Со други зборови, подрумите и скривниците беа задолжителен дел на ситемот на општонародната одбрана и цивилната самозаштита и важен чинител во оние, веќе заборавени, циклични вежби „Сите во одбрана и заштита“, односно „Ништо не може да нè изненади“. Неисчистените скривници и приодите до нив, на пример, беа сериозно казнено дело. Тоа, можеби, не важеше за припаѓачките подруми на индивидуалните станови, но затоа, пак, економскиот напредок овозможуваше тие да бидат претворани во простории за складиштење на сè побогатата зимница, која во себе ги вклучуваше задолжителните туршија и кисела зелка, а со појавата на фрижидерите за длабоко замрзнување, и синдикалните свински половинки, канти со сирење, сувомеснати производи и други волшепства неопходни за преживување во услови на зимска хибернација и атомски напад. Поамбициозните од подрумите правеа свои универзални работилници, ама место за полиците за туршија и ајвар и, особено, за кацата со зелка, мораше да се обезбеди. Оние што немаа амбиции да ги преживуваат зимските и воените катаклизми, подрумите ги претвораа во остави за оној мал милион „некогаш ќе ми затреба“ непотребности.

Сепак, голем број од подрумите беа простори што сè уште ја бараа својата вистинска намена, а таа намена им ја обезбедија надоаѓачките генерации, гледајќи во нив – излез во големиот свет. Подрумите, на евтин, ама приближно волшебен начин, се преобразуваа во своевидни клубови, места, на почетокот, замислени како супститут за скапите кафеани, а потоа како вистински оази на слободата на здружување, разменување идеи и – слушање музика! Доволно беше ѕидовите да се опблепат со станиол, покривите со оние картонски гајби за јајца (акустика!), да се обезбеди некој стар кауч и две-три столчиња, па со заеднички собраните пари од џепарлакот да се купи најевтиниот грамофон и, на пример, вечниот тинејџерски проблем – каде да се слави Нова година – долготрајно да биде решен. Иако, подрумите беа освојувани, наводно, без знаење на родителите, сепак, гледано од денешна перспектива, се чини дека повозрасната генерација премолчено ги одобруваше овие излети на своите наследници. Ем беше обезбедено соодветно и релативно безбедно празнење на насобраната тинејџерска енергија, ем децата им беа безбедно згрижени во непосредната близина на домот.

Колку од денешен аспект да изгледа наивно, сепак улогата на подрумите во создавањето на урбаните генерации беше уникатна и незаменлива. Освен оние искуства што влегуваат во сентименталното патување на секој човек, значи од првите бакнежи до првите љубовни разочарувања, подрумите беа вистински кружоци за генерациско вообличување на идеите и вредностите на западната цивилизација. Тие беа линк меѓу овдешните генерации и нивните врсници од Западот. Се разбира, најмногу преку музиката, но и преку весниците (моментот кога ќе сфатиш дека голите девојки не се доминантниот дел на „Плејбој“), а, се разбира, и преку размената на информациите со широк дијапазон – од новите технолошки чуда до светската глобална политика.

Падот на економскиот стандард значеше и пад на подрумите, онакви какви што ги познаваме. Клупчињата полека се развиваа во комерцијални институции, а тие што први се досетија да ги комерцијализираат и денес се селф-мејд бизнисмени (скопјани се сеќаваат на „Алпина“, на пример). Дел од нив се претворија во соби за изнајмување, а дел се пренаменија во малостопански или малопродажни објекти. Се разбира, поневештите им ја вратија првобитната функција на складишта на храна и сè и сешто.

Да се разбереме, подрумот е исклучиво урбан, градски феномен. Во селата нема подруми. И тоа барем од два фактора, простор и индустријализација. Имено, појавата на подрумите, онакви какви што ги знаеме, како подземни или сутеренски простори, се врзува со развојот на индустријализацијата и можноста, наместо човекот, моќни машини да ја копаат земјата. Моќните машини, како впрочем и индустријата, се во градовите. Булдожери не копаат подруми по селата. Од друга страна, за разлика од градските семејства, селските домаќинства поседуваат доволно простор своите придружни објекти, вклучувајќи ја тука и оставата, да ги градат над земја, односно во сопствениот двор.

Оној момент кога селата ќе добијат подруми, тоа ќе биде знак дека тие, всушност, го добиле градскиот статус. По некаква аналогија, оној момент кога градовите ќе ги изгубат подрумите, тоа значи дека тие деволуирале во села. Зградата во која живее авторот на овој текст нема – подруми. Впрочем, речиси сите скопски новоградби немаат подруми. Тој подземен простор, веќе во стартот, се планира за подземни гаражи, пазарчиња, па и цели трговски центри. Наводно, новото време ја исклучува потребата од класичен подрум. Чувањето зимница во едно конзумерско општество ја губи својата смисла, а, благодарам на прашањето, и ладната војна е одамна завршена. Ја загубивме, без оглед на целиот систем на скривници и нивната функционалност во ладно и топловоени услови.

Но, исчезнувањето на подрумите врежува длабока лузна во опстојувањето на кревката урбана маса на овие простори. За разлика од Западот, каде што подрумот се врзува за готската традиција на страв и ужас и каде што секоја појава на подрум во кое било уметничко дело (слично како со пиштолот на Чехов) значи и појава на некој вампир или барем некој фрик што со електрична пила во рацете черечи тела на, по дефиниција, невини тинејџери и, по правило, по еден дедо и баба, кај нас подрумот никогаш ја немал таа симболика. Во нашите подруми никогаш не спиеле вампири. Можеби по некој стаорец, почесто тавтабити, и по некоја мачка што ѝ е време да се омачи, ама чудовишта и масовни убијци никогаш не го бирале ова место за свое засолниште. Ако веќе и се појават, вампирите кај нас живеат по шумите, по пештерите, на гробишта, па дури и по самите куќи, ама подрумите, сепак, го задржувале статусот на своевидна слободна територија.

Токму така, кај нас подрумот секогаш симболизирал благосостојба – и слобода. Ако имаш подрум, тоа значи дека си богат човек – имаш со што да го наполниш. Дури и по овдешните соновници се наведува дека ако сонуваш полн подрум, тоа значи дека те чека изобилство. Во подрумот се крие семејното азно. И да не заборавиме тука една сериозна институција која во својот назив го има терминот „подрум“ – винскиот подрум, за чија улога во зачувувањето на националниот идентитет и националната самосвест треба да се напише еден сосема друг текст.

Од друга страна, во подрумите секогаш се криеле (живееле) добрите момци, илегалците што го ослободувале народот од окупаторот. Во подрумите се печатени книги и весници. Таму луѓето се описменувани. Од темнината на подрумот се направени идеалните планови за посветлата иднина. Таму, на крајот на краиштата, е создаван и никулецот на западната урбана култура во овие краишта.

Не знам од каде потекнува зборот „подрум“. Претпоставувам и сакам да верувам дека можеби има логика она наивно објаснување дека станува збор за нешто што е под друмот, нешто што не е на ачик, невидливо за минувачот и за околината. Значи, нешто што може да ја обезбеди таа, толку посакувана индивидуална слобода, непопречувана од власта на кој било авторитет.

Во таа смисла, исчезнувањето на подрумите од овдешните урбани простори може да биде премиса за разни заклучоци – од тоа дека луѓето се осиромашени, па немаат потреба за подземен простор за криење на сопственото азно, до тоа дека индивидуалната слобода е непотребен и непожелен луксуз на денешното време. Слободата, конечно, се остварува само како слобода на колективот, на нацијата, на партијата, на толпата..., а толкав подрум за практикување на колективна слобода сè уште не е изграден. Освен ако целата држава не е претворена во подрум.

Извор: Граѓански
Слики: Panagis Antypas

ОкоБоли главаВицФото