Нека остане сè по старо

13.06.2013 11:53
Нека остане сè по старо

Секоја побуна или востание има нешто привлечно, опивачко, без разлика дали станува збор за Истанбул, Франкфурт, Мадрид, Атина или Лондон. Ја славиме страсната борба за правда, затоа што како граѓани на државата на благосостојба го сметаме светот за неправеден, иако, како што е тоа случај во Германија, повеќе не живееме во репресивен режим ниту сме загрозени од сиромаштијата. Сите сме подложни на герила-романтизмот. „Демонстрантите на плоштадот Таксим носат маички со ликот на Че Гевара“, одушевено известува еден германски репортер, упатувајќи нè на погрешна трага.

Набрзо по одушевувањето настапува фрустрација. Немирите во Грција, Шпанија и Англија се распливнаа како движењето Окупирај го Волстрит. Им недостасуваше револуционерен гламур, жар, сила. Она што навистина недостига е објективна проценка. И во 21 век герила-романтизмот се потпира на клучната година: 1968.

Не е лесно да се одолее на ова. 1968 навистина е симбол, бидејќи оваа година сублимира сè, од клупските концерти на Боб Дилан, преку борците низ џунглите на Јужна Америка, до париските барикади и наводниот групен секс во германските комуни, значи сето она возбудливо што се случувало помеѓу 1954 и 1973. Копнежот по револуционерното време ја обликува поп културата до денес, а фактот дека движењата за граѓански права од тој период навистина го променија светот и понатаму има голема политичка тежина.

Клучната разлика помеѓу 1968 и 2013 е правецот на промените. ’68 ја обележаа соочувањето и прекинот со минатото и промената на општествените односи. Во 2013 станува збор за зачувување на минатото, напорот тоа што помалку да се промени. Во Европа и Америка се води борба за зачувување на достигнувањата на 20 век. Во ’68 не сакавме да бидеме како нашите родители, а во 2013 го сакаме токму спротивното, да живееме удобно како тие, но ако може во посебна куќа. Тоа е судбината која ја делат многу млади луѓе на кои им се ускратени урбаните патеки на претходните генерации. Кога доаѓа кризата, слободата на номадскиот професионален живот по скратен пат води во сиромаштија.

Ова не се случи одненадеж. Уште таканаречената Генерација Икс се жалеше на тоа што нема да може да живее како нејзините родители. Тоа беше во почетокот на деведесеттите. Праксата, приправничкиот стаж, работата на одредено време, па и тогаш славената start-up култура беа знаци на рапидно осипување на буржоаските привилегии, чиј дел беа и работите кои шеесетиосмашите ги сметаа за репресивни окови на слободниот живот: пензија, сопствена куќа, осигурување, работа на неодредено време, синдикати. Значи, сите оние малограѓански работи кои пружаат сигурност, за кои работниците и буржоазијата се изборија после вековна борба.

Во Шпанија и Грција ваквиот живот едвај е можен, а во Англија и САД е загрозен. Немирите во Турција се далеку посложени отколку во другите медитерански држави. Освен маичките со Че Гевара, можеа да се видат и знамињата на конзервативните кемалисти. Но и овде станува збор за зачувување на постоечката состојба, а не за рушење на системот.

Паралелите со Штутгарт 21 не се случајни. Драмата на структурните промени сè уште не ја зафати Германија. Колатералната штета од еврокризата сè уште е под контрола. Но и овде полека сфаќаме дека револуционерниот полет е чист очај, дека побуната не е преврат, туку битка за опстанок. Лишена од освојувачкиот триумф, одбраната е секогаш послаба од нападот.

Извор: Süddeutsche Zeitung/PressEurop, 11.06.2013.
Слики: Марк Мелон

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество / Активизам
Општество / Европа / Став
Општество / Свет
Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото