1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Сара Бернар во историјата на театарот ќе остане запаметена како второ име за актерството. Кога денес се зборува за оваа француска актерка, се спомнуваат нејзините извонредни театарски улоги. И притоа никој не се сомнева дека оваа генијална уметница, или пак Величествената Сара, како што ја нарекувале, некогаш можела да има некакви проблеми. Барем не на сцената. Уште од првиот момент оваа талентирана девојка родена во семејство на унгарски Евреи се погрижила да им објасни на сите дека никој нема да може да ја надмине. Но вистината е поинаква. И поучна. Сара не започнала како „чудо од дете“. Сосема спротивно. Со својата вредност и талент таа постепено ја градела својата уметничка личност.
Во 1864 година, кога имала дваесет години, Сара Бернар, односно Хенриета Розин Бернар го посетила ателјето на познатиот париски фотограф Феликс Надар. Надар бил многу познат, не само како фотограф, туку и како карикатурист, новинар, книжевник, и како човек кој изработувал летечки балони, и се разбира, летал со нив. Во неговото ателје во 1860 година била одржана изложба на импресионистите. Четири години подоцна во неговата работилница влегла една девојка со кадрава коса и со светли очи. Не е запишан точниот датум на кој биле снимени историските фотографии, но се знае дека Сара тогаш не била позната актерка. Се чини дека дури не била ни сметана за многу надежна актерка. Но била редовен студент на Парискиот конзерваториум за музика и актерство, а завршните испити ги положила како втора во нејзината класа. Се зборувало дека станала членка на Comédie Française само поради влијателните врски на нејзината мајка која била куртизана.
Невообичаен карактер
Според зборовите на Корнелија Отис Скинер, авторката на нејзината биографија, кога Сара за прв пат се појавила на сцената не оставила добар впечаток. Глумела под притисок на неподносливата трема, страв кој ја следел до последниот ден на сцената. Но, во тој прв момент, тремата владеела со Сара, а не Сара со тремата. Во улогата на Ифигенија на Расин, госпоѓицата Бернар покажала дека има добра дикција, но ништо повеќе од тоа. „Таа е висока млада личност, со складна градба и пријатен израз на лицето. Горниот дел од нејзиното лице е прекрасен. Зборовите ги изговара јасно. Но ништо повеќе од тоа“, напишале критичарите.
Значи, кога била снимена познатата фотографија, Сара била присутна на сцената веќе две години. Таа глумела во делата на Молиер и на Расин, како и во драмите на тогаш познатите автори. Била позната по својот необичен стил, но пред сè по скандалите. Добила отказ од Comédie Française, но не поради тоа што била лоша актерка, ниту поради некои проблеми, туку затоа што имала тежок карактер, често била груба, дрска и многу амбициозна. Нејзиното необично однесување дошло до израз и многу пати претходно. Кога имала петнаесет години, купила мртовечки ковчег. Понекогаш сакала да спие во него. Подоцна напишала дека смртта не ја плаши. Сосема напротив, сакала да игра улогите на хероини кои на крајот на делата умирале. Сакајќи што подобро да ја одигра улогата, „вежбала“ спиење во ковчегот.
Кога имала дваесет години, останала бремена и родила син. Семејството на нејзиниот љубовник, еден белгиски благородник, не ја одобрило венчавката. Сара воопшто не се грижела за тоа. Во декември 1864 година, го родила нејзиното единствено дете – синот Морис. Кога слушнал што се случило, професорот на Сара од Конзерваториумот запишал: „Оваа млада девојка или ќе се упропасти себеси, или биде запаметена како гениј!“
Се чини дека бил единствениот кој погодил.
Наспроти сè
Да се вратиме на моментот во кој Сара влегла во ателјето на Надар. Тој не бил обичен фотограф, ниту пак неговото ателје било само обична фотографска работилница. Феликс Надар уште во 1838 година започнал да се занимава со театарска критика. Потоа пишувал и раскази, се занимавал со издаваштво, цртал карикатури, бил уредник на неколку книжевни списанија. Потоа дошол до замисла да направи збирка од литографии наречена „Пантеонот на славните современици“.
Започнал со работа во 1851 година, привлекувајќи голем број следбеници и поддржувачи. Тогаш започнал да се интересира за фотографијата, уметноста која штотуку се појавувала. Таа била и поедноставна за изработка и поевтина од литографијата. Започнал да ги фотографира истакнатите уметници и јавни личнсти: Бодлер, Росини, Ежен Делакроа, Берлиоз... Станал многу познат. И ликовните критичари говореле за портретите на Надар како за уметнички дела.
„Господинот Надар“, пишувало во Списанието за убави уметности, „своите фотографски портрети ги претворил во уметнички дела. Посебно треба да се истакне начинот на кој ги осветлува лицата на своите модели, слободата на нивните движења, а пред сè изразот на лицето кој успева да го долови. Секој портрет е книжевно/драмско/политичко дело. Цела една генерација на славни современици го пронајде патот до неговото ателје.“
И покрај пофалбите, на Надар му се здосадила фотографијата по некое време. Но не толку многу за да ја одбие младата актерка која сакала токму тој да ѝ направи портрет. Се чини дека Сара знаела што прави. А и Надар бил свесен кој стои пред него.
Таа го посетила ателјето на Надар и две години пред тоа, веднаш откако ги завршила своите студии на Конзерваториумот. Овој портрет бил направен на вообичаениот начин. Не бил особено убедлив. Делувал едноставно и не предизвикал големи реакции. Но фотографијата од 1864 година како да го открива вистинскиот карактер на Сара. Прикажува една личност која не е едноставна, а во истиот момент е подготвена на сè, потврдувајќи го животното мото на славната актерка кое гласело: „Наспроти сè!“
Ликовните критичари и денес истакнуваат дека фотографиите на Сара од ателјето на Надар се неговите највпечатливи дела. Младата уметница е обвиена со сомотска наметка. Косата ѝ е пуштена, природна и кадрава. Единствениот украс е обетката на нејзиното лево уво и... разголеното лево рамо. Сите сметаат дека фотографијата потсетува на скулптура. Претставува еден вид споменик. Како и Надар да знаел дека Сара ќе стане позната актерка. А кога набрзо дошло до тоа, тој веќе воопшто не би заинтересиран за позната актерка. Живите легенди не биле дел од неговата страст. Но Сара претставувала голема инспирација за еден друг уметник – Алфонс Муха, станувајќи хероина на неговите плакати. Тоа се случувало три децении подоцна, во 1894 година. Во наредните шест години актерката со „златниот глас“ била главниот лик на сите негови плакати. Сара и Надар веќе никогаш не се сретнале.
Одбиена од Тесла
Надар летал со своите балони, а Сара блескала на светските театарски сцени. Нејзиниот глас ги возбудувал и ги полудувал сите, пишувале критичарите. При една посета на Њујорк се запознала со Томас Едисон кој ја снимил нејзината изведба на „Федра“ на Расин. Меѓутоа Едисон не е научникот кој најмногу ја интересирал познатата актерка. Нејзиното внимание било сосредочено на личноста и делото на Никола Тесла. Навикната на тоа дека никој не ги одбива нејзините покани и шансата да ја види, била многу изненадена кога Тесла рекол дека присуството на актерката го вознемирува и го одвојува од работата, па заклучил дека е подобро да не се видат.
Необичното однесување било својствено за познатата уметница. Каде и да патувала, носела куфер куфер исполнет со љубовни писма кои ги добивала од мажите кои биле „смртно“ заљубени во неа. Понекогаш ги местела писмата на креветот и спиела преку нив. Таа имала и многу љубовници. Меѓу нив бил и Гистав Доре, познатиот француски графичар и сликар. Но во 1882 година сепак одлучила да се омажи за актерот Арести де Дамала, кој бил единаесет години помлад од неа. Но нејзиниот млад сопруг бил зависен од морфиум. Умрел на возраст од 34 години. Од 1896 до 1919 година се допишувала со италијанскиот писател Габриел д’Анунци. Марсел Пруст ѝ се восхитувал. Го инспирирала при креирањето на ликот на Берма од романот „Во потрага по загубеното време“. Мажите ја бранеле нејзината чест во многубројни двобои, но таа не се грижела за тоа. Еден од оние кои биле многу заинтересирани за Божествената Сара бил и принцот од Велс, подоцнежниот крал Едвард VII.
Иако била навикната да го привлекува вниманието на јавноста, храбрата Сара ги презирала новинарите. Се чинело дека ни најмалку не се грижи за она што го пишувале за неа. Останало запаметено дека при една средба со еден новинар, таа го прашала: „Вие сакате да бидете токму новинар?“ Кога не ѝ одговорил во истиот момент, таа додала: „А зошто не сакате да бидете свињар? Тоа е многу почиста работа!“
Сладок, но тежок
Ги презирала новинарите, но многу ги сакала животните. Со себе носела мала зоолошка градина. Кучињата, мачките, птиците и желките биле нејзина задолжителна придружба. Се грижела дури и за еден лав, а имала и шест камелеони. Го молела својот личен лекар да ѝ пришие вистински опаш од тигар. Кога тој ѝ објаснил дека тоа едноставно не е можно и дека таа не може да има опаш од тигар, била многу разочарана. Помеѓу нејзините обожаватели се истакнувал и Александар Дима Помладиот. Растргнат помеѓу љубовта и омразата тој ја нарекувал Сара „озлогласената лажливка“.
Оваа актерка која отсекогаш ѝ била страсно и верно предана на својата професија, го основала театарот „Сара Бернар“, кој по нејзината смрт го водел нејзиниот син Морис. Познатата актерка успешно се занимавала и со вајарство и сликарство. Учела да слика кај познати мајстори, а ги изложувала своите дела и на многубројни изложби. Сочувани се околу дваесет и пет скулптури од Божествената Сара. По една несреќа во 1915 година, ѝ била ампутирана десната нога. Во истиот момент кога закрепнала, се вратила на сцената и дури и ги играла улогите на неколку фатални хероини. Се разбира, не станувајќи од столовите. Умрела пред деведесет години, на 26 март 1923 година, од уремија.
Кога гостувала во Данска толку многу ја воодушевила публиката, па освен со стоечки овации ја наградиле и со тоа што во нејзина чест бил направен еден колач кој и денес е познат под името Сара Бернар. Колачот има бадеми, путер и чоколадо, истовремено е сладок, но и многу тежок. Како и сеќавањата за славната актерка. А сеќавањето е единствениот рај од кој не можеме да бидеме прогонети, како што еднаш одамна напиша еден писател.
Извор: Политикин Забавник