И јас го сакам ГТЦ...толку многу што би го окупирал

14.06.2013 10:41
И јас го сакам ГТЦ...толку многу што би го окупирал

Не знам дали љубовта кон еден објект, кон еден концепт и идеја, односно, кон објект кој е мултидимензионален како ГТЦ, се изразува буквално со прегрнување. Но, добро, битно е да се сака.

Пред неколку дена отворено изразив сомнеж кон ваков вид искажување на несогласување, па затоа и ми е тешко ова што ќе се случува денес да го наречам протест.

Ова повеќе потсетува на некое амбиенталистичко-пацифистичко другарување за спасување на дрва и езера, а не израз на несогласување против естетското и идентитетското уништување на главниот град.

Сè некако проаѓа премногу во знакот на љубовта, во знакот да сакаме нешто, а не како протест насочен кон лудите политики кое тоа нешто сакаат да го уништат. Ние ќе го сакаме ГТЦ, но нашата љубов сама нема да го спречи неговото уништување. Можеби грешам, можеби тоа е вистинскиот пристап, но нешто не ме убедува.

Не верувам во пасивна одбрана на нешто, не верувам во гушкање објекти, верувам во врзување со синџири и трајно окупирање на местото кога машините ќе дојдат.

Како и да е, сакам да верувам дека овој денешен гест ќе допре до граѓаните и, ете, од тој аспект, можеби и е добар почеток. Но, ова е само почеток.

Без разлика на моето мислење, одбраната на ГТЦ е поважна и поголема работа. Затоа сакам и лично да ги поканам сите граѓани кои се во можност да се појават, да се ослободат од етикетите и денес да бидат навистина гласни за да се чуе нивниот глас.

Гледам на Фејсбук дека преку 3.000 илјади луѓе веќе се најавиле дека ќе дојдат. Се надевам дека овој пат ќе се држат до дадениот клик. Но, кој денес држи до кликовите!
Половина ако се појават тоа ќе биде одличен почеток и фантастична вест.

И јас го сакам ГТЦ, ама можеби поинаку го покажувам тоа!

ОкоБоли главаВицФото