Градови без ветер

14.06.2013 10:02
Градови без ветер

ГРАДОВИ БЕЗ ВЕТЕР


Во градовите без ветер
напразно ги оптегнуваме едрата
(не се придвижуваме ни милиметар).
Во нив знамињата не се веат
а фризурите ни се секогаш наместени.

Во градовите без ветер
празните кесички од Смоки лежат како
мртви гулаби на улиците.
Испраните алишта не се откачуваат од штипките,
а очите не ни солзат од правта во воздухот.

Во градовите без ветер,
никој не го краде мирисот на розите,
во нив постојано ги сонуваме истите соништа
и до нас не стигнуваат гласови
ниту од минатото, ниту од иднината.

Во градовите без ветер,
го молиме небото само за една работа:
никако да не се судрат топлите и студените
честички во воздухот.


КНИГИ

Од ден на ден купчињата книги сè повеќе растат.
Се извишуваат нечујно како Јадранскиот брег
или врвот Еверест. (Барем така велат некои.)
Книга по книга,
градат скалила од симболи и знаци,
целото човеково постоење збрано,
нашкрабано, извезено, испечатено.
Бавно се креваат нагоре да изградат
нова вавилонска кула,
да му направат преврат на јазикот,
да ги одраскажат сите приказни,
да се вратат на почетокот
кога јазикот бил еден,
или уште поназад,
во примордијалната тишина,
во исчекување
првиот Збор да одекне низ вселената.


( )

Ги закопавме старите радија на
нашите баби и дедовци.
Ги потрупавме со земја
заедно со чудните бранови должини
и имињата на непознати градови.
Бандерите ги обложивме со најмеки перници,
а на дождот му забранивме да тропа
врз лимените покриви и настрешниците.
На нозете навлековме топлинки
во облик наживотни со меки крзна.
Го повикавме снегот со неговата тишина,
а на стаклата им забранивме да
се кршат со трескот.

Еве има неколку дена
како без престан вслушнуваме и чекаме,
не би ли некако го слушнале
биењето на нашите срца.


ПРЕД ПОЛНОЌ

Пред полноќ
ги покривам децата и проверувам
дали е исклучен шпоретот.

Пред полноќ
погледнувам низ прозор и гледам како
соседот го шета кучето
иако ноќта е зимска и студена.

Пред полноќ по навика ја тргам завесата
и со поглед го скенирам небото
барајќи ја Месечината.

Пред полноќ ненајавени и којзнае од каде
излегуваат сите стравови и надежи
и како лути самураи со остри мечеви
неуморно се борат с
è додека сонот
не ги проголта и смири.

Слики: Естер Ен Вилхелм

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото