Анкета за СК014 (23)

14.06.2013 12:28
Анкета за СК014 (23)

За имињата во историјата:

Тоа се моќните имиња, другите умираат. - Со името, значи, се мери снагата за преживување. Денес тоа е единствената вистинска форма на преживувањето. Но, како преживува името?

Необичната прождрливост на името: името има канибалски карактер.

Неговите жртви се подготвуваат на различни начини.

Постојат имиња коишто загризуваат дури по смртта на своите носители, пред тоа тие немаат апетит. Постојат имиња кои својот носител го присилуваат да прождира сè што за време на животот ќе му падне под рака, незаситни имиња. Постојат имиња што повремено постат. Постојат имиња што презимуваат. Има имиња коишто долго мораат да живеат скриени за потоа да настапат изгладнети - мошне опасни имиња.

***

Земја во која никој не смее да го подигне погледот кон небото, а секој кој излегува надвор ја ведне главата.

***

Секоја недела поставуваа нови фигури на коишто смееја да им се молат. Сите ваму радо доаѓаа, и сите чувствуваа олеснување. Се водеше сметка за тоа до крајот на неделата фигурите да се однесат и да се заменат со нови. Тие имаа нови имиња. Никогаш ниедно име не се обожаваше подолго од една седмица, и никогаш истото име не се враќаше за да му се клањаат.

***

Портретите на моќниците недоволно често ги ставав на хартија. Колку само ги има со кои не сум се занимавал! Но, наместо да ги резимирам своите впечатоци за нив, јас најчесто ги користев како некој вид извор на енергија. Секогаш одново тие ја предизвикуваа мојата омраза спрема моќта; секогаш одново тие ме опоменуваа против сопствената моќ над луѓето.

***

Најубавиот споменик на човекот би бил коњ што човека го отфрла.

Слики: Свирачиња
Извор: Alle vergeudete Verehrung, Aufzeichnungen, 1949-1960

ОкоБоли главаВицФото