Чудовиштето е пред вратата

15.06.2013 09:49
Чудовиштето е пред вратата

Како што вели една песна, иднината нè учи да бидеме сами, а сегашноста да бидеме студени и исплашени. Песната не ни кажува што нè учи минатото, наспроти клишеизираната мантра за историјата како за учителка на животот. Сепак, песната зборува за Шпанската граѓанска војна, а со тоа, макар и имплицитно, одговара и на прашањето, што нè учи минатото. Минатото нè учи за вредноста на надежта, односно важноста на отпорот кон безнадежноста. Дефиницијата на Џојс за џентлменот како човек што се бори за однапред загубеното нешто е убава и поетична, но надвор од убавината и поезијата, однапред загубените битки се бесмислени. Најпосле, Џојс за разлика од неговиот земјак, и според нашиот извор познаник, Гоулд Верскојлс, не го интересирале Шпанија и тамошната војна. Шпанската граѓанска војна ги интересирала Вистан Хју Одн, Ернест Хемингвеј, Егон Ервин Киш, Џон Дос Пасос, Џорџ Орвел, како и оној велшки рудар кој заминал да се бори на страната на шпанските републиканци, а кој на прашањето на сопствениот брат, зошто оди во таа далечна војна, одговорил: „Ако веќе убивам зајци, можам да убивам и фашисти“.

Реката Манзанарес

Шпанската граѓанска војна е последната „романтична“ војна во историјата на човештвото. Таа била војна која во исто време била и локална и глобална, но не благодарение на сателитската телевизија. Се чинело дека од исходот на таа војна може да зависи судбината на целиот свет. Пораката од плакатот на шпанската републиканска влада, според која шеесет години подоцна песната го доби своето име, гласи: „Ако го толерирате ова, следни се вашите деца“. Тоа не биле празни зборови и било јасно дека тоа не биле празни зборови. Луѓето кои доаѓале да се борат во интернационалните бригади не се бореле само за „вистинската работа“, туку се бореле за себе и за своите деца. Како што вели Ками, се разбира дека Шпанија како „прекрасна и бездушна“ земја, самата од себе има силна митолошка црта. Емил Сиоран ѝ посвети неколку убави „горчеливи силогизми“: „Обожував и проколнував голем број народи, никогаш не ми падна на ум да го негирам Шпанецот, каков што би сакал да бидам...“ или „Католицизмот ја создаде Шпанија само за да ја загуши подобро. Тоа е земја во која патуваме за да ѝ се восхитуваме на црквата и за да почувствуваме дел од задоволството што би можеле да си го дозволите себеси кога таму ќе убиете некој свештеник“. Меѓутоа, на таа вечна шпанска митологија се накалеми клучен историски момент. Во Шпанија, како во „Господарот на прстените“, се судрија силите на доброто и злото во генерална проба за битка за светот и за човечките души. Борбата помеѓу силите на доброто и злото не значи дека на страната на доброто се бореле светци. „Убивањето на свештеници“ на Сиоран не им било непознато на сите републиканци. Но, погрешно е тука да се потегне идеологијата на Хашкиот трибунал. Шпанската граѓанска војна не била постмодерна војна на навивачки паравојски и платенички одреди за пљачкосување. Таа била војна во која постоела свест дека борбата се однесува на нешто поголемо. Има еден стих од Чедомир Миндеровиќ кој ефектно го „фаќа“ тој поттекст на Шпанската граѓанска војна. „Реката Манзанарес тече по целиот свет“. Реката што тече низ Мадрид во песната, и не само во песната, се разлеала по целиот свет. Постојат многу книги, филмови и човечки судбини кои го илустрираат тоа. Сите ја знаат песната „Шпанија“ на Одн, книгата „Во чест на Каталонија“ од Орвел и „За кого бијат камбаните“ на Хемингвеј. Тоа не е прашање само на современиците и класиците, „Војниците од Саламина“ на Хавиер Серкас е одличен модерен роман на оваа тема. Суштината е нешто друго. Имено, сржта е во идејата дека постои можност за триумф, дека иднината зависи од нас самите. Со таа идеја, со идејата за победата, тогаш, овие луѓе тргнале во таа војна.

Идеја

Зошто речиси осумдесет години по Шпанската граѓанска војна постои таа носталгична аура што ја обвива, дури и кога знаеме дека војната завршила како што завршила, за потоа да следи Втората светска војна, холокаустот и сè што одеше со тоа, а потоа и целата историја на студената војна, падот на Берлинскиот ѕид и овој вампирски епилог? Заради „идејата“, во оној краток временски период додека не била пеплосана од корозијата на секојдневната злоупотреба. Зад сите идеи, па и оние најблагородните, денес стои „збирот од интересите на некорисните луѓе“. Веќе нема „идеи“ за кои вреди да се жртвува или да се робува. Жртвата единствено има смисла, ако се прави во името на нешто поголемо. Тоа потсетува на Његош: „Нека биде борбата постојана! Нека биде тоа што не може да биде, нека ја проголта пеколот, да ја покоси сатаната! На гробишта ќе никне цвеќе, за некое далечно поколение!“ Како и целата славна поезија и овие стихови единствено имаат смисла ако се кажат во вистинското време и во вистинскиот контекст. Во спротивно, се претвораат во травестија и сквернавење. Сепак, сите дополнителни травестии не можат да го поништат моментот кога стиховите ќе одекнат со својата сила и вистина. Како што и дополнителното знаење за исходот не ја менува чистотата и целта на првобитната намера. На прашањето „Ме интересира дали повторно би отишол во рововите?“, но во контекстот на Шпанската граѓанска војна, одговорот може да биде само еден. Луѓето кои заради судбината ќе се родат во погрешно време и на погрешно место, често замислуваат што би било доколку се роделе во друго време и на некое друго, па копнеат, да речеме за Париз, во дваесеттите години од дваесеттиот век (како во филмот на Вуди Ален) и за тоа дека Париз им се предава, во автентично доживеаното преплетување на градот и животот, а не во вештачкото искуство на туристичките тури. Во последните петнаесет-дваесет години среќавав луѓе, и оние што се бореле во војната и оние што бегале од мобилизацијата, кои во моментите на искреност, посредувани со алкохол или блискост, без пози и помодарство, со моментален срам заради таквото доверување, искрено признавале дека би сакале да бидат млади и да одат во Шпанија во триесеттите, за да се борат. Ниту еден партизански прекар ја нема таа симболичка тежина како „Шпанецот“, сеедно дали се потпира на Милан Благојевиќ, Жикица Јовановиќ, Анте Шариќ или Фадил Јахиќ. Но, тоа не е сè. Да повториме, суштината е во „идејата“ што можела да ги здружи рударите од Велс или студентите од Велес (додека не бил Титов), „идејата“ дека може да се запре чудовиштето, кое во исто време беше пред европскиот северозапад и европскиот југоисток, а тоа е секаде, на секоја точка од континентот, без разлика дали е на прагот, пред вратата или пред сите врати.

На крајот од патот

Во научнофантастичната книжевност, како и во филмот, меѓу другото (од „Враќање во иднината“ и „Терминатор), постои место на враќање во минатото, со помош на временска машина, за да се направат некои работи поинаку во значаен момент, односно подобро, па со самото тоа и иднината да биде поинаква и подобра. На таа трага се и сите оние силни фикционални проби од алтернативната историја. Тоа чувство би можеле да го наречеме носталгија за Каирос, богот на вистинскиот момент. Тоа чувство е најсилно во времето по крајот (историјата), по Судниот ден. Како што вели Кафка: „Месијата ќе дојде тогаш кога нема да биде потребен никому. Тој нема да дојде последниот, ќе дојде најпоследниот ден“. Месијата доаѓа наместо Каирос, всушност тоа е второто доаѓање, кога не сте се спасиле самите, ќе дојде некој да ве спаси, во легендата или во приказната. Во последните денови нема одбрана, во последните денови, непосредно пред најпоследниот, речиси и да постојат само сеќавање и жал. Најпоследниот ден исчезнуваат и последните траги од животот и тогаш доаѓа месијата, но тој веќе никому не е потребен. Тогаш веќе не му треба никому. А би можело да биде поинаку, доколку во вистинскиот момент се правело поинаку. Всушност, оттаму доаѓа таа огромна и, рационално гледано, ненормална популарност на фудбалот. Фудбалот е најдобрата метафора на таквата визија на животот. Сè се одлучува во секунда, во дел од секундата и најчесто нема поправен испит. Би било полесно кога така би било секогаш, веднаш ќе се знае дека поразот е пораз, но вака секогаш има надеж, дури и кога не сме свесни за тоа, надеж која спие на дното од Пандорината кутија, во детството на човештвото. Затоа зборот „Шпанија“ толку моќно одѕвонува. Затоа и пораката од плакатот звучи двојно позаканувачки. Од една страна, да, тоа е она што прво ни паѓа на ум, ако силата на злото, која сега убива деца во Шпанија не биде запрена, кога ќе ги убие децата таму, ќе тргне на некое друго место. Од друга страна пак, ако победи злото и ние ќе станеме зли, вампирите победуваат дури кога сите ќе станат вампири. Ако биде така, ние ќе бидеме оние, кои ќе ги убијат вашите деца.

Всушност, борбата за слободата секогаш е борба за слободата на изборот помеѓу доброто и злото. Ако ја нема таа слобода, тогаш злото веќе победило.

Да разговараме за слободата. Се сеќаваш на Шпанија?

Извор: http://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото