Прегратка

18.06.2013 08:30
Прегратка

Може ли со прегратка да се победи самоволието, арогантноста, насилството... Или е тоа само уште една илузија дека кој било воопшто може нешто да смени во новиот поредок на притисоци, закани и сè помалку слободи? Но, треба да се проба, сè треба се да се испроба во одбрана на слободите, и против насилството, кое никогаш и немало слух за битието и изразот на другиот. А знаеме и колку често, со злоупотреба на моќта, „победувало“ и се ширело, како зараза.

Инаку малку кој знае, и уште помалку смета на тоа, дека прегратката е многу посилно средство, и многу помоќно, од реакциите со „иста мерка“ на насилството. Зашто насилникот е всушност слаб и сосема невидлив и безначаен, сè додека не се одомаќи и распиштоли, и не најде свои следбеници или некому кому верно ќе му служи. Човек, народ, идеја, сеедно. И од таму и му доаѓа силата, не толку од убеденоста во она што го прави, дека е вистинското. Несигурноста, стравот и потребата да припаѓа го водат кон тоа, и длабоката несреќа што не знае кој е, или не е среќен со тоа, ниту има каква било друга смисла зашто постои... Тоа е насилникот, најчесто. Исто е човек, само слаб, незрел и недоверчив. Затоа, жестоко возвраќа на секоја најмала препрека со насилство, затоа што е уплашен дека другиот ќе му го земе „неговото“. А и научил дека само така, најбргу и без отпор ќе го добие, или заштити „своето“. Но, никогаш не научил и како да каже НЕ на прегратката, на љубезноста и радоста, кои не ги ни препознава. Најверојатно затоа што никогаш и ги немал во своето опкружување, никогаш искрено и никогаш чисто, без ниски удари, без двосмислени пораки. Никогаш безусловно не доживеал некој да му поверува и доволно да го цени. Затоа прегратката може да го збуни, а со добра употреба можеби и да го обезоружи.

Во петокот навечер, неколку илјади луѓе го прегрнавме ГТЦ и му покажавме на дивеењето кое се шири како рак рана врз нашите животи, дека сме искрени и автентични, а не бевме ни претерано уплашени. Го прегрнавме ГТЦ, како кога му приоѓаш на близок, тешко болен, со длабока болка во душата за неговата состојба, но и со цврста одлука да останеш до крај со него, да се бориме заедно во нерамноправната битка со болеста. Таква беше таа прегратка на ГТЦ во петокот. Искрена и надежна, но и тескобна. Заради непознатите исходи од болеста.

Но силата на вербата, и тоа знаеме, победила многу болести, докажано неизлечиви. Силата на волјата, умот, креативноста и заедништвото поместуваат тектонски блокови; и тоа сме го виделе. Ги менува и најцрните сценарија во подобри прогнози и исходи. Битката со болеста и со насилството не се добива исклучиво со факти и аргументи, уште помалку со сила. Битката со „помоќните“ од себе се добива со волјата и силата на духот и со застанување на вистинската страна, на страната на животот. Не се победува со откажувања и препуштање на пропаѓањето... Со насилникот нема муабет, нема дискусија со аргументи, зашто јазикот на факти, докази и на евиденција едноставно не постои во неговиот вокабулар. Тоа што постои е јазикот на насилството, со сите средства на закани, понижувања, игнорации, манипулации и тортура.

Дури и да сакаме на таквиот јазик да одговориме со насилство, длабоко се сомневам дека би успеале, доколку никогаш претходно не сме го практикувале. А ги немаме ни способноста, ни желбата да го научиме добро и подобро од насилникот. Зашто јазикот на насилството е јазик на немоќта, јазик на незнаењето да се говорат и други јазици и така да се стаса многу подалеку. Затоа и не треба да се чувствуваме нелагодно што не го познаваме тој јазик, зашто тој се учи само во насилничко опкружување. И среќен е оној кој не го знае.

Но тоа не нè ослободува и од одговорноста да направиме сè што умееме да му застанеме на патот, и да кажеме одлучно и јавно НЕ на насилството. На тоа не само што имаме право, и не само што сакаме да успееме, туку имаме и обврска да го направиме. Каде инаку другите, особено помладите, ќе ги видат алтернативите на насилството? Каде ќе научат дека постојат и други патишта за решавање на најважните животни прашања? Од кого ќе научат да ги препознаат, а потоа и да ги бранат не само своите туку и заедничките интереси, и оние на иднината, не само на својата, туку и на генерациите потоа? Како ќе научат да се чувствуваат добро и безбедно во сопствената кожа и земја, да се носат со тешкотиите отворено и заеднички, и да го уживаат животот со различни и поинакви луѓе, од себе? Нашите млади, со генерациии веќе немаат каде да го видат сето тоа, немаат ни како, ни од кого да учат за (не)насилството.

Затоа не смееме да оставиме насилството секаде и секогаш да победува.

Затоа ГТЦ, зградата на владата, парковите и плоштадите, улиците со сменети имиња и пресечени дрвореди, и многу други нешта кои ги загубивме попат, не смееме да ги браниме со насилство. Туку со волјата и заедништвото, и со визиите за подобро утре. Затоа е важна прегратката, и тоа онаа искрена, долга, стамена прегратка, од сите нас.

И тоа е добро за почеток, но за жал не е и доволно. Затоа во упатството за победничката прегратка треба уште да стои:

„Дојдете весели, потковани со енергија и толеранција за ненадејните и непромислени случувања. Ослободете се од стравот дека ќе изгубите нешто вредно, и од недовербата дека е сè залудно. Дојдете со пријатели, што повеќе, а понесете ги и убавите лични и заеднички спомени. Бидете насмеани и задоволни, од дома, спремни за ракување со секого, за убав збор и радосни изненадувања. Фатете се за раце и доколку насилникот се појави и ви се внесе в лице, погледнете го право во очи. Издржете го неговиот поглед, затоа што тој сигурно прв ќе го сврти. И не се објаснувајте, тоа само ќе му даде сила, зашто тука е тој на свој терен, на говорот на насилството и омразата, и лесно ќе ве победи, или ќе ве расколеба во вашите намери. Наместо тоа, со продолжен молк направете контакт со неговите стравови (за ова ќе ви треба малку вежба, но не се обесхрабрувајте, ако не ви успее од прва). Тоа многу помага тој да види дека сте сериозни, што може и да го разлути, уште повеќе, но поверојатно е дека само ќе го збуни. И не плашете се, и ако ве нападне, тогаш редовите стануваат погусти, упорноста и волјата поголеми. Прегратката станува цврста, како непробојна ограда, не за да повреди, туку за да ги ограничи самоволието и силата да се истурат неконтролирано врз сите.“

Таква треба да биде прегратката на одлучното НЕ на насилството во кое се претвори нашето секојдневие.

Извор: Глобус
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Никола Гелевски
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото