Конески: Кажувања (5)

28.10.2009 12:53
Martinoski_18.jpg

На студии во Белград

Јас прво се запишав на медицина. Еден семестар бев на медицина. Видов дека тоа не ми одговара... Иако бев на медицина, одев на часови по литература и во вториот семестар се префрлив на литература... Јас мислам дека на медицина отидов повеќе поради тоа што ме повлече целото друштво. Имаше едно уверение дека медицината му овозможува на човек послободен живот, понезависен. Независен од власта, од шефовите и така натака. И пред нас беа појдени некои на медицина, наши пријатели. На пример, Чашуле беше појден. И Борка Талески, Киро Хаџивасилев... Живеевме во студентскиот дом во Белград, сега домот „Иво Лола Рибар”. И, јас првиот изневерив.

Мислам дека тоа беше за моите родители една многу непријатна работа, бидејќи тие, како и повеќето наши луѓе, особена перспектива гледаа во лекарскиот позив. И одеднаш - нивниот син ги напуштил тие студии и зема некакви студии по кои може да стане само обичен средношколски професор. Медицинскиот факултет бара доста учење, автоматско запаметување на факти. Само да се запаметат тие коски и сите точки што се важни на костурот човечки, таа таканаречена остеологија, па колку треба тука да се учи напамет. Па да се има контакт со телото, прво со тие мртовци, што служат за сецирање и така натака. Сето тоа не можам јас да го поднесам. Од друга страна ме привлекуваше многу литературата и така самиот се решив да ја сменам својата професионална ориентација.

... Да, несудениот бел мантил... Некаде сум го кажал и тоа. Моите родители беа купиле штоф за мантил од некаква бела материја. Платно, дебело, грапаво. Па, бидејќи јас ја напуштив медицината, тогаш од тоа платно ми направија кошули. Овде на вратот многу ме гребеа, бидејќи платното беше дебело како за мантил. Инаку јас избрав група, тоа беше таканаречената четиринаесетта група, со јужнословенска литература под А, а под Б руска литература и руски јазик. Тоа беше во тоа време доста ретка комбинација, бидејќи рускиот јазик не се предаваше во училиштата во стара Југославија. Ова запознавање со рускиот јазик беше важно за мене, бидејќи почнав да читам на руски. Една од првите работи што ја читав беше „Евгениј Онегин” од Пушкин. Со големо задоволство ја читав. Во истото тоа време добив еден мал том, еднотомник на Есенин на руски јазик . Пред тоа го бев читал во превод... Почнав да учам и полски тогаш. Полскиот не беше задолжителен во нашата група. Го посетуваа оние што имаа интерес. Се упатив во полскиот јазик и од тогаш почнав да читам во оригинал и полски текстови, пред сè поети - Мицкиевич, Словецки и други. Со тоа време, можеби една година подоцна, а сврзан и мојот интерес за немската поезија. Во оригинал го прочитав Гете, Хајне, Шилер, пред сè, а и некои други поети, особено оние што влегуваа во антологии.

Од ова време потекнуваат и моите први обиди за преведување од руски и од немски јазик - една, две песни од Пушкин, нешто од Хајне, некои фрагменти од „Фауст” од Гете.

Мојот метод на учење на словенските јазици се одликуваше со тоа што јас одев, главно, на поезија прво. Така го учев и акцентот и изговорот, оти поезијата помага да се откријат тие прозодиски елементи на јазикот и мене учењето на јазиците поради тоа ми беше интересно. Не беше тоа некакво учење напамет само на шемите на тие јазици. Јас можам да кажам дека кај мене се изврши еден пресврт во годините на студирањето, во смисла на работливоста. Јас станав неверојатно работлив млад човек, за разлика од времето што го поминав во вишата гимназија, кај што повеќе ме привлекуваа некои игри и така натака, а помалку работев. И, ако кај мене се создаде работна дисиплина, почетокот на тоа, имено, паѓа во времето на моето студирање.

Мојата работливост ја поттикна, од една страна, тоа што јас се заинтересирав за македонската проблематика. Значи, имав некаква цел, што го осмислуваше моето учење. И, од друга страна, имено, читањето, пред сè читањето на поезијата, тоа што учењето на словенските јазици и на некои други јазии ми овозможуваше достап до поезијата на одделни народи.

 

Откривање на печатено народно творештво

Народни песни јас почнав да собирам уште во вишата гимназија. Ги запишував од баба ми. А и од други луѓе. Околу четириесет текста имам запишано од баба ми. Тие се зачувани во еден препис. Тој препис се наоѓа овде, во Архивот на Македонската академија. Некои од нив сум вклучил во онаа своја збирка на македонски народни песни, излезена 1945 година. Всушност, тоа е една моја антологија на македонската народна лирска песна.

Слушајќи како баба ми ги кажува песните, јас можев да свикнам и со начинот на интерпретацијата и да видам дека песните освен со пеење се предаваат и со народен речитатив. Тоа не е читање, ако што ние читаме, и не е пеење, ами е еден вид скандирање. И јас по тој опит можев нешто да кажам за народниот речитатив во својата студија за јазикот на македонската народна поезија.

Јас бележев без некоја подготовка. Јас само бев начитан во српската народна поезија и ме заинтересираа тие македонски народни песни дома што сум ги слушал, што ми ги кажувале, да ги запишам. Знаев дека имало запишувачи на народни песни. На пример, за Вук Караџиќ знаев.
А за Миладиновци, за Цепенков? Во гимназијата, се разбира, јас не знаев за нив. Меѓутоа, многу рано јас дојдов и до Миладиновци и до Цепенков. Миладиновци ги читав во Прилеп, да претпоставиме дека тоа е четириесеттата година, по првото издание. Ми го даде Љубен Лапе. Во истото време јас го открив Цепенков. Како студент во Белград, јас имав некаква семинарска работа.

И, за да ја направам, требаше да читам во Народната библиотека. Достап во неа се овозможуваше така што професорот дава препорака дека тој и тој студент може да работи таму. Јас добив таква препорака и многу време поминував во Народната библиотека, старата зграда, уништена во бомбардирањето. И, еден ден, тоа е четириесеттата година... есента, еден ден гледам таму на еден од рафтовите, - што беа достапни за читателите, да можат да земат книга, да ја погледаат, - гледам една серија дебели книги „Зборник за народни умотворенија”. Тоа е бугарскиот зборник за народни умотворенија на Министерството за народно просвештение. Земам една од тие книги. Отворам, гледам - народни песни за Марко Крале, на македонски јазик. Тоа беше за мене едно огромно откритие. Како Америка да сум ја открил. Јас бев неверојатно возбуден. А јас, се разбира, легендите за Марко ги знаев, но песни на македонски... Ги знаев српските песни за Марко. Песни на македонски не знаев.
Баба ми немаше некоја песна да памети за Марка, па да ми ја каже. Нејзините песни беа, главно лирски. И, толку јас бев возбуден од тоа откритие, тоа беа записите на Цепенков, што му се пофалив веднаш на еден од своите колеги, покојниот Владан Недиќ, подоцна познат специјалист за српската народна поезија. Тој беше професор во Белград на Филолошкиот факултет и умре ненадејно пред некоја година. Извонреден научник. И, велам - па гледај, велам - ние Македонците имаме свои народни песни за Марко Крале. А тој ме попари, вели - што, зар ти тоа не го знаеш! (Се смее). Мене ми се чинеше дека само јас доаѓам сега до тоа откривање. И, почнав да ги читам тие зборници. Тогаш го читав „Силјан Штркот”. Уште тогаш. И веројатно уште ред текстови од Цепенков. И тогаш мене ми се јави мислата јас да направам една антологија на македонската народна поезија, а исто така да направам избор на текстови од Цепенков. За среќа, и едната и другата идеја се реализираа по војната.

 

Средба со првите македонски збирки поезија

Веќе од триесет и деветтата година ние имавме достап до повеќе литература на македонски. Излезе Рацин, „Белите мугри”. Јас баш во една изјава кажував дека се сеќавам како во еден куфер беше донесен тиражот на „Бели мугри” во Белград. Имаше на Бајлонова пијаца еден дом, „Дом Јужносрбијанаца”. Во тој дом, како технички секретар работеше Владо Малески. А таму постојано се врткаа уште некои студенти, особено правници, да можат да преспијат дури имаа испити. Тие немаа задолжение да ги посетуваат редовно предавањата и идеа само за испити. Еден ден појдов јас таму да го посетам Владо Малески. И, Страшо Пинџур го донесе тој куфер, го отвори вака на креветот, во собата кај Владо и ги видовме тие книшки „Бели мугри”. Жолти, со црвени букви. Кочо Рацин. Наскоро потоа дојде и неговата работа за богомилите, умножена на шапирограф. И неа ја имам читано. Во тоа време имавме достап до збирките на Венко Марковски, на Коле Неделковски. Особено по една посета на белградските студенти, меѓу нив и на Македонци, во Софија. Мислам во време на некаков слет, имаа појдено студенти и тие ги донесоа тие книги. Така што јас ги читав сите нив, сите тие книги, триесет и деветтата, четириесеттата година, во почетокот, така да кажам, на своите студии. Но, имам дури и белешки свои за некои од тие книшки, каде што кажувам извесни свои мислења или нешто ме интересирало, сум запишал. Во секој случај, штом јас преминав на литература и штом дојдов до овие текстови, како од Цепенков, и овие македонски текстови што ги запознав, тогаш, така да кажам, веќе беше избран мојот позив, мојот животен позив. Јас веќе се посветував на изучувањето на македонските текстови, а тоа значи и на изучувањето на македонскиот јазик.

 

Проект за македонска азбука

Знам дека Борка Талески ми се обрати во Белград, со еден предлог, да му направам некаков проект на македонската азбука. Ми велеше: „Сега излегуваат текстови на македонски", - тој притоа ја имал предид илегалната литература, што мене не ми беше достапна, - „а нема ред во јазикот, дали можеш ти нешто да направиш?'. Јас се обидов. Направив еден проект. Тој е загубен. Тоа јас го правев врз анализата на прилепскиот говор. Го паметам само тоа дека тогаш првпат установив оти прилепскиот говор има два вокали за кои нема буква во онаа кирилица, со која располагаме. Тоа е широко О и Е... И тогаш знам дека со некакви знаци над О и над Е се пробав да го решам обележувањето на тие вокали. Експериментот е интересен за мене, како за млад човек што се упатува во лингвистиката, бидејќи тој покажуваше дека јас можам да дојдам до некаков поточен репертоар на гласовите во даден дијалект... Јас гледав тука една перспектива. Јас знаев дека ние треба да го создаваме својот литературен јазик. Јас не ги читав просто само македонските текстови, на пример, народните приказни и песни и други форми на народното творештво, нити текстовите на нашите автори од 19 век. Јас едновремено правев свои белешки. Вадев примери. Ги класифицирав тие примери. Имам јас цели тетратки, тие се зачувани, од кои се гледа како јас сум го средувал тој материјал. Тој материјал мене ми дојде многу згодно кога ја пишував граматиката на македонскиот јазик. Јас можев доста брзо да ја напишам таа граматика, затоа што со години пред тоа јас веќе систематизирав материјал од македонските текстови. Едновремено тогаш јас почнав да се интересирам и за изучувањето на својот роден говор, на прилепскиот дијалект. Резултат на тоа е мојата прва лингвистичка работа, тоа е „Прилепскиот говор”. Таа беше печатена по војната, во 1948 година веќе, во Годишниот зборник на филозофскиот факултет. Меѓутоа, тоа е работа на моите студентски години. Паралелно со таа работа врз описот на прилепскиот говор јас пристапив кон пишување на една кратка македонска граматика, што за мене беше граматика на македонскиот литературен или писмен азик... Тој текст беше завршен негде при крајот на четириесет и третата година, па со еден нотес со мојата поезија и еден драмски текст отидоа до Главниот штаб... Потоа нотесот се најде кај Владо Малески, некои од Агитпропот ми споменаа дека ја читале мојата драма, само за граматиката ништо не чув... После открив дека во една од моите тетратки е зачуван делот за глаголите... Се разбира, нашето дефинитивно решение на изборот на формите на литературниот јазик, на неговиот облик, се разликува во многу нешто од оној избор што јас го правев, така да кажам индивидуално, без
контакт со други луѓе.

 

Навестување на војната

Спроти 27 март имаше демонстрации. И студентската младина учествуваше во нив и што беше интересно, реакцијата на полицијата не беше сурова како порано. Значи, нешто веќе се... Тоа не беше за нас јасно. Ќе нè збркаа. Бегавме. Се сеќавам влеговме ние два-тројца во некоја куќа. Таму нè примија некои луѓе, жени, женички смачкани - леле деца, што правите, леле не чини вака, леле ова - она. Но немаше настап така суров на полицијата. како во поранешните демонстраии. Другиот ден, утрото кога станав гледам нешто се случува во Белград. Живеев кај новите гробишта во една мала куќурка. Излегувам надвор. Гледам трешти радио, не е делнична атмосфера. Се извикуваат некакви пароли, повици се слушаат доста далеку и тоа на еден тржествен начин. И, полека, јас, како одев во градот, гледам дека нешто станало. И разбрав што е, дека е раскинат пактот со Германија. Тогаш настана нешто неверојатно. Еден изблик на народно ликување, поради тој факт, каков што не може да се замисли. Ако човек тоа не го доживее, не може да сфати дека такво нешто може да стане. Просто, како да дошол момент каде што е слободата не апстрактен поим, ами отелотворена. И една неверојатна еуфорија, радост, ликување на огромни маси што излегоа на улиците... Има нешто подлабоко во тоа. Како човек одеднаш да сеќава дека животот може да биде слободен, убав. И тоа го користи, просто, можеби мислејќи потсвесно, дека тоа нема да трае долго. И фактички веќе следните денови спласна тоа одушевување. Веќе луѓето се прашаа - што може да стане, што може да стане? И тогаш ние веќе очекувавме дека може да дојде до војна и со време, кој кога можеше, се евакуиравме, се враќавме дома. Јас се вратив. Пред шести април се вратив во Прилеп. Возовите веќе беа претрупани, тешко се наоѓаа места. А после изби војната.

 

Војната

Претходно татко ми го мобилизираа. Јас сестрите ги однесов на село, во Небрегово. А во Прилеп се враќав сам, точно на шести април. Војската беше отстапила, властите избегани и тоа беше период на интеррèгнум, искористен од масите за пљачкосување на воените магацини во Прилеп. Јас кога се приближував од Небрегово до Прилеп, гледам нешто на касарните гори, гледам маса народ се движи ваму-таму, во кругот на касарните. Навлегов во градот. По улиците многу народ.

Носат. Некој зел шеќер, некој кафе... Имаше женички што не можеа да носат вреќи на рамо и ги туркаа вака по земи. Некои, што имаа можност, со коли доаѓаа и товареа брашно. И, тоа траеше претпладнето, попладнето веќе влегоа Германците со камиони, со оружјето на готовс. И сè веќе тивна, така да кажам... А, како што знаете, Германците удрија од различни страни. Во Македонија влегоа од Бугарија и за еден ден тие дојдоа до Прилеп.
Татко ми го заробија Германците. Тие ги воделе до Лерин. После избегале. Кога се враќале неколцина роднини и пријатели во Прилеп, ноќе се враќале, германската стража ги фатила и ги однесла на касарни. Ги затвориле, ги внесле во еден список и им рекле строго дека не смеат да бегаат, инаку ќе има репресалии над нивните семејства. И, тој дојде дома, во цивил беше веќе преслечен, на некој начин да се советува што да прави. Уште стражата не била строга, можеа тие од тој логор да излезат. Се сеќавам на тој момент. Меѓутоа, целата ситуација ја реши еден мој стрико, стрико Тоде. Опитен човек. И неговиот син беше во таа група, заедно со татко ми, што била од Германците фатена. И, тој отишол самиот во логорот, во касарната. Уште не било строго тоа контролирање кој влегува, кој излегува. И им рекол: „Веднаш да бегате. Немојте од ништо да се плашите, веднаш бегајте, инаку може да ве однесат којзнае каде, џенемиите", -нели... И така, по негова сугестија тие избегаа и татко ми се врати дома. После почна да доаѓаат бугарските власти, некои полициски единици. Потоа дојде и војската и Бугарите воспоставија цивилна власт.

Контактите на населението од Прилеп со Германците дојдоа кога германските трупи што одеа на југ, бидејќи се подготвуваше напад на Крит, етапно беа стационирани во Прилеп и по куќите ги распоредуваа Германците, каде ќе спијат. И во нашата куќа имаше едно време можеби пет-шест војници, еден мајор и еден подофицер. Јас имав единствен контакт со тој, подофицерот. Тој беше студент, теолог. И, со него малку разговаравме. А после дојде војната со Советскиот сојуз. Германските војници, од тој разговор јас знам, тие се надеваа дека скоро ќе ја ликвидираат Англија на Блискиот исток и дека ќе ги пуштат дома. И дека војната за нив е завршена. Меѓутоа, еден ден уште пред да биде објавена војната на Советскиот сојуз, германските трупи, пешадија, во обратен правец на север одат. И како сега се сеќавам - сите необично потиштени. Веќе тие претчувствуваа или знаеја можеби, до што може да дојде и тоа беше една колона потиштена.

... Ние знаевме дека е тоа фашистичка сила. Фашизмот го осудувавме и исто така ја доживувавме и бугарската окупација. Како нешто што е привремено... А сите ние бевме импресионирани од таа техника. Не можеше да не биде импресиониран човек кога ќе види онакви тенкови, не знам некои борни коли, не знам топови огромни. Сето тоа беше дотогаш невидено. Штуки! Како пикираат и така натака. Меѓутоа, нашиот однос, јас кога велам вака не велам дека тоа е однос на сите луѓе, јас велам за себе и за онаа генерација, со која што растев, а тоа беше мојата македонска генерација, ние се дистанциравме, се разбира, од самиот почеток, од сето тоа. Тоа беше една сила и ние бевме уверени, кога изби војната со Советскиот сојуз, дека на таа сила и’ е дојден крајот. И немаше можност нас некој да нè разувери во тоа.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

ОкоБоли главаВицФото