Pasado Compuesto: Минато несвршено време (2)

18.06.2013 10:44
Pasado Compuesto: Минато несвршено време (2)

Една од клучните фигури при воспоставувањето на новиот модел на пишување и размислување за историјата бил Хуан Батиста Муњос кој бил и еден од главните поддржувачи и автори на идејата за AGI. Во прологот кон првиот том од неговата Историја на Новиот Свет (1793), напишана по екстензивни истражувања на архивските документи, тој се одлучил за употреба на методите на „природните науки“ и за присвојување на позицијата на „универзален скептицизам“ во однос на сите истории кои биле напишани до тој момент. Преку „расветлување на сите факти“, тој сакал „во што поголема мера да ја востанови вистината, која се базира на оригинални и доверливи документи“. „Муњос се сметал себеси“, вели историчарот Хорхе Кањизарес-Есгера, „за Декарт на американската историографија.“

AGI бил модерен Архив за кој се сметало дека ќе го означи почетокот на новиот вид историја. Но собирањето на огромните колекции на документи од сите институции низ земјата подразбирало и изградба на еден огромен и сигурен простор во кој би можеле да се чуваат (и кој би бил доволно величествен за да можат да бидат прикажани во него). Изборот конечно паднал на местото на старата трговска берза Casa Lonja de Mercaderes во градот Севилја.

За време на XVI и XVII век, Севилја била главниот трговски центар во Шпанија и еден од најзначајните градови во Европа, благодарение на трговскиот монопол со шпанските колонии. Барем официјално, Севилја претставувала место од кое заминувале сите бродови за Америка, но и крајна дестинација за сите бродови кои пристигнувале оттаму. Севилја имала огромна придобивка од златото и среброто кои пристигнувале, а кои домородното население било принудено да ги извлекува од американските рудници. Главното трговско здружение, познато како Консулатот на Меркадерес било задолжено за трговијата во Севилја. При крајот на XVI век Консулатот издал наредба за изградба на простор во кој би можеле да ги сместат своите канцеларии и одделенија. Изградбата траела со децении и чинела навистина многу, но резултатот бил т.н. Casa Lonja, прекрасен примерок на шпанската ренесансна архитектура, која во 1987 година стана дел од листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Но, во 1717 година, Консулатот бил преместен на пристаништето Кадиз на атлантскиот брег, па трговците од Севилја ги напуштиле и градот и зградата која била направена за нив.

Но Casa Lonja не останала празна долго време. Почнувајќи од 1722 година луѓето започнале да се вселуваат таму. Консулатот одлучил малите станови на вториот кат да им ги понуди на сираците, вдовиците и на роднините на нивните тогашни и поранешни вработени. Еден извештај од 1784 година објавен од Консулатот ги содржи имињата на 11 семејства кои живееле во зградата во моментот кога биле подготвувани плановите за Архивот. На пример, помеѓу станарите била и Дона Јозефа де Гонгора, вдовицата на еден од починатите книговодители на здружението, на која ѝ бил понуден еден од становите, во согласност со „праведната практика која им обезбедува постојано сместување на вдовиците на постарите вработени“.

Но за Муњос, станарите како Дона Јозефа биле „натрапници“ кои го спречувале напредокот на историјата. Во едно долго писмо во кое ги објаснува придобивките од сместувањето на Архивот во Casa Lonja, напишано на 8 јуни 1784 година, тој го опишал начиниот на кој горниот кат бил поделен на соби и простории за живеење, што било навистина „понижувачки и грдо“. Тој предложил на станарите да им се даде мала сума пари која ќе им овозможи да си најдат сопствено сместување или едноставно да бидат преместени во друга зграда. Навистина не било важно како ќе се реши проблемот – но натрапниците морале да бидат отстранети.

Ниеден од предлозите не одговарал. Консулатот немал пари со кои би можел да им ги надомести животните трошоци на овие луѓе. Тие започнале да ги нудат становите во Casa Lonja само затоа што сакале да се ослободат од трошоците за пензиите. А и во зградата во којашто станарите од Casa Lonja требало да бидат преместени веќе живееле други семејства, па на тој начин би била непоходна уште една група иселувања. Во документите на AGI се наоѓа една потпишана наредба која датира од 21 септември 1784 година и според која одговорните лица од Консулатот се обврзуваат да ги спроведат иселувањата и да ги преместат станарите, но таа никогаш не била спроведена. Се чини дека станарите од другата зграда биле многу позначајни, барем во однос на оние од Casa Lonja, се спротивставувале на таквата одлука со месеци, и очигледно успеале да победат.

Се разбира, ние веќе го знаеме крајот на оваа приказна. Во еден момет станарите на Casa Lonja биле заменети со картотеки и документи, па зградата повторно станала само зграда, без луѓе кои би ја нарушувале нејзината елеганција. Не изненадува фактот дека по нивното присилно иселување, поранешните станари во голема мера исчезнуваат од архивите. По напуштањето на Casa Lonja, тие избледуваат без трага. На овој начин започнува модерната историја во Шпанија.

Документите кои се складирани во Главниот Архив на Индија се остатоци од една долга историја на одземање на имотите, тие се мрачните зачувани делови од безбројните чинови на насилство, на принудно иселување и на експлоатација во така наречениот Нов Свет. Оттргнати од контекстот кој ги определувал, сведени на пишани зборови и пренесени назад во големиот град, овие купишта пожолтени хартии се собрани и се чуваат во климатизираните простории на Архивот. Во една општа смисла, како и секој модерен архив, AGI е кристализација на новиот метод на пишување за историјата кој секогаш започнува со поништување на одредена група вистинити тврдења. Тој не само што ги пресвртува поранешните историографски конвенции, туку ги отфрла и другите наративни форми, приказните кои се придржуваат до поинаков начин на размислување или на кои едноставно им недостасува кралскиот печат кој ги трансформира од врева во факти. На овој начин, тој го претставува конечното одземање на гласот.

Но во овој случај постои многу блиска врска помеѓу практиката на одземањето и историјата. Потребата за постоење на Архивот значи дека иселувањето буквално се претвора во предуслов за веројатноста и веродостојноста на историјата. Заборавени, потчинети, но никогаш целосно избришани, овие иселувања продолжуваат да ги прогонуваат сегашните моменти. Токму отстранувањето на станарите од Casa Lonja е она што го овозможува нивното бесмртно, ако не и сенишно присуство во архивите. Ова може да биде добра вест за историчарите, но не и за семејствата кои секојдневно се исфрлани од нивните домови. Треба внимателно да се размисли за начинот на кој потрагата по субјективноста на потчинетите групи во Архивот може да придонесе за постојаните борби против одземањето на имотите, но и на гласот. И за тоа како пак, од друга страна, оваа иста потрага може да ја натурализира приказната која Архивот ја раскажува за себеси, и според која тој самиот е единствениот носител на вистината, уште една приказна која ја затскрива насилната реалност која се наоѓа во основата на Архивот.

Денес, за некои од оние кои се најпогодени од кризата на присилното иселување, современите форми на насилно одземање на имотите и опасностите кои тие ги носат со себе се преголем товар. Но за многу од преживеаните кои се наоѓаат себеси во центарот на современите руини и никогаш населените сенишни градови, борбата против системот кој е заснован на одземањето претставува еден поинаков вид Архив од тактики и стратегии, приказни, практики и искуства на отпор. Овој Архив се темели на овие нешта и во истиот момент ги поставува прашањата: како да се пронајдеме едни со други? Како да живееме во овие руини? Како ќе живееме? Одговорот на овие и други прашања ќе произлезе од циркулацијата на борбите – не само од збирот на колективните дејства низ времето и просторот, туку и од тековите на знаења и можности.

Не се работи само за институционализиран Архив кој го овозможува пишувањето на мртви истории, ова е процес на проби, на собирање и на споделување на борбите одоздола, на фрагментираните приказни на „натрапниците“ во ходниците на историјата. Она што ни е најмногу потребно денес не е еден огромен, инклузивен и попристапен архив кој ќе им овозможи на сочувствителните историчари да ја раскажат „вистинската“ приказна за самоубиствата поради присилните иселувања во Шпанија, туку живи истории, еден поинаков архив од тактики, средства и техники преку кои овие самоубиства ќе станат дел од минатото.

(крај)

Кон првиот дел

Извор: thenewinquiry.com
Слики: Dadi Dreucol & Hyuro

Слични содржини

Европа / Историја
Европа / Свет / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото