Пред и по танцот

19.06.2013 10:02
Пред и по танцот

МОРСКИ МУЗЕЈ

 
Додека дуваат силни бури морски, а ние се препелкаме в постела, додека ни шета уплав по коски, по плажата морето го исфрла она што со векови се таложело. Итаме кон идниот „Морски музеј“, без влезници дури се можело да се видат: лирата на Орфеј, шапката на Немо, две-три буриња од бродот „Баунти“, сабјата на Симбад, перископот на Наутилус, јажиња од пиратски едра, топ од „Бизмарк“, парчиња од палуби на бродови и од сплавот „Медуза“, душеци, а на нив други морски плодови: остатоци од деловни ручеци, летвички од нафтени платформи, пердуви со восок од крилјата на Икар, копчиња од морнарски униформи, шишиња шампањ, теглички со икри, скулптури на ангели со кожа во боја на сета излеана нафта, статуи на бели божици што можат под јазикот да скријат шафран, харпуни, пераи, маски за нуркање, кофички, весла, сидра и катарки, празни канчиња од млеко за сончање, школката на Венера, детски лопатки...

Рекоа дека во целата таа огромна маса компасот на Магелан некаде се крие, јајцето на Колумбо, од „Титаник“ каса, а под тризабецот на Нептун сирена спие. Но, попусто сега трчаме кон морската шир: таму веќе чистат работници со метли. Сите чуда сега тонат во морскиот мир. Требаше да итаме уште пред да запеат петли.


БЕЛО ВИНО

Иако стопати беа чуле
дека треба да се пие
само во месеците во кои
ја нема буквата „р“

(или дека е најдобро како
средство за чистење
дамки од црните вина)

белото вино
за нив таа ноќ
имало барем
две предности:

прво,
не било баш
најголем грев да
се меша со вода

(а тие веќе биле
жива вода)

и второ, им
правело киселини
од кои до зори
не се заспива

(а тие и онака
немале никаква
намера да заспијат)


ЗБОРУВАЈ СО НЕПОЗНАТИ

                               Според сликата
                               Зборувај со непознати
                               на Ване Костуранов


„Ако и денес секој нов разговор те потсетува
на одамна прочитана едночинка (со познати
реплики, заплети и расплети што ги насетуваш),
тогаш најдобро почни муабет со непознати!

Многу повозбудливо е кога не можеш да знаеш
кои зборови ќе се појават во облачето од стрип
на соговорникот, кога не се каеш да го кажеш
и она што обично го чуваш за себе или го рип-

аш како небитно или недостојно...“ – така некако
гласеше советот што ми го даде еден незнаен
минувач на една клупа длабоко во паркот. Секако,
не е лошо и мојот идентитет да остане затскриен:

Еден ден во еден друг град можеби ќе ме сретнеш
и најголемата тајна ќе ми ја кажеш без да трепнеш.


ИГРАЈ КОГА НЕ ИГРАШ

(Графити)

 
На ѕидот од градинката некој со боички начкрабал
       
Од играта одморај се со игра

На оградата од училиштето некој со краснопис извезол
       
Кога играш учи, кога учиш играј

Над вратата од Академијата некој во камен врежал
       
Нека не влегува оној што не знае да игра

Над влезот од дискотеката некој со фломастер шарнал
        Скокај и кога седиш и кога спиеш играј

До ѕидот од болницата некој со спреј нацртал
       
Болен е само оној што заборавил да игра

На оградата од затворот некој со клинче изгребал
       
Играј дури и кога не ти е баш до игра

Над влезот од гробиштата некој со моливче напишал
        Играј дури и кога не можеш да играш

На портите од породилиштето некој со кармин запишал
        Кога ќе се родиш пак играј пак играј пак играј


VALSA DAS SOMBRAS

(Стихови за фадо)

 

     Сенките одамна играат
по свое: додека некои

итаат, сенките им стојат,
     додека некои мируваат,

     сенките им се развлекуваат
до крајот на видното поле.

     Додека моите мисли
лебдат над куќата, а твојот образ

     тоне во перницата,
ене ги нашите сенки

се прегрнале и го танцуваат
     својот valsa das sombras.


ПО ТАНЦОТ

 

По танцот
погледнуваме кон
небото:

            тоа не се траги
од авиони, туку од нашите
брзи движења.

                      И новите бранови
во езерото не ги направи ветрот ами
силата што цела ноќ

                              танцуваше низ нас
и сега полека се шири низ соседните галаксии.


Песните се преземени од книгата „Пред и по танцот“ во издание на Кликер


Слики: Joan Miró

ОкоБоли главаВицФото