Пофалба на чапулерите

20.06.2013 07:02
Пофалба на чапулерите

Тоа што Турциве го покажаа, можеби ненамерно, е силата на едно движење без лидер. Особено кога е хетерогено, па оттаму со различни фрустрации и барања. Ако нешто воопшто движењето го обединува, тоа е фактот дека на чапулерите им е преку глава од фамозното прашање „на што е име Ердоган“ (паралела на еден текст на Бадју, „На што е име Саркози?“; што наликува на тешкото македонско прашање „На што е име Црни Грујо“ итн.). Антикапиталистички муслимани, екологисти, анархисти, кемалисти, националисти, навивачи, средна висока класа... или блудници, педери и пијаници (како што ги нарече еден наш невладин... не знам што?, шапшал?) - а пази!: многу малку Курди - сите тие се здружени во едноставната органска нетрпеливост кон авторитаризмот, кој оди рака под рака со корумпираноста.

Чисто технички, Ердоган нема во случајов со кого да преговара, кого да поткупи, да затвори или да над-аргументира. Не може да го обезглави движењето. Може да им нареди на полицајците да го тепаат својот народ, онака, кому иде, а особено ако има маска да се заштити од „пипер гас“. Единствено нешто што можеше да го ублажи револтот ќе беше да се направи тоа што Ердоган не сака да го направи, и тоа првиот ден: да каже дека погрешил, да се извини и да отвори простор за дијалог. Многу полесно ќе ги спакуваше разноразните бунтовнички струи. Вака, жртва на сопствениот хибрис, независно како сево ова ќе заврши, може да биде централниот лик во трагикомедијата. Бидејќи, ете рекол - можеби и го мисли тоа - дека самиот е божји подарок за турскиот народ.

Човекот има мисија. „За да отвори простор за дијалог“, овојпат во наводници. Да даваш совети дека треба да се пие јогурт, да се јаде црн леб, да се раѓаат три деца, да нема бакнување во метро - бидејќи метрото е државно - е многу, многу, многу откачено; ако си прв министер. Не си за тоа платен, бе, ајван! Бидејќи си на плата за други работи, а не за диететика или архитектура (не можев да одолеам, 2014 стварно е јак филм). Тоа по дома да си збориш. А ако вам, на сличните душегрижници, ви текне да зборувате за „големите теми“, за наталитет од национални перспективи за развој, на пример, за презервативи итн. - богами ќе ризикувате лично да ги вадите. Презервативите. Откако ќе бидат ставени, аха.

Отприлика секогаш кога е цагер, првиот министер мисли на нас, на нашето здравје пред сè, а нај, нај, најмногу на душевното. Да ти бев мајка, за ветеринар ќе те дадев.

А од Викиликс наваму се знае дека имал осум сметки во Швајцарија, и со цела памет, или со цел презир кон сопствениот народ, објаснува дека парите му се од подароците што син му ги добил за свадба; и патем, вели тој, алтруистичките турски бизнисмени ги покривале трошоците за школување на децата му. Башка, да не збориме за „тендерите“. Башка, откако стана премиер, бројот на полицајци го помножи со три. Индикатор за лош сатрап, чисто школски. Чисто школски, имало и добри сатрапи, без да бидат, на пример, „чувари на телото“. Имало такви и претседатели. Улоф Палме, на пример.

Згора на сè, Ердоган сака да стане ко Путин, ама со друга финта. За да ги задржи дизгините, ќе се прогласи за претседател следната година, па ќе следи промена на уставот, со поголеми овластувања за претседателот. Алтернација за демократијата. А тоа се единствени универзални политички вредности, кобајаги. Французите, меѓу кои живеам, се посебно мераклии по универзалии.

Но, најпосле, не ми беше идејата да го оцрнувам човекот. Неговиот нарцисизам и неговата корумпираност не се интересен драматуршки модел - има толку многу претходници. А има и уште поневеројатни типови на современата сцена. „Одат по вода“ - да цитирам еден татко на син загинат во Ирак. Во името на оние 600.000 „excess deaths“. Не па дека Садам беше симпатичен. И тој одеше по вода. Браќа луѓе професионални политичари, што да ви кажам,вие сте историја.

За Турциве, најновата генерација на чапулери, ми беше зборот. Технички се доволно поврзани за да се создаде критична маса. За што и да е. За отворен проект.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото