Свештеник ќе одгледува органски хомосексуалци

20.06.2013 09:25
Свештеник ќе одгледува органски хомосексуалци

Скопје, 20 јуни 2013

Поради забелешките на црквата дека хомосексуалноста е неприродна, отец Оражнерие Аграрски реши да одгледува органски хомосексуалци кои ќе бидат 100% природни и ќе ги задоволат критериумите на оранжерија МПЦ.

Иако објавата на отец Оранжерие беше дочекана со одушевување во јавноста, за првите природни хомосексуалци сепак ќе треба да се чека седум години, поради комплексниот процес на подготовка и одгледување.

Имено, за да се добие сертификат дека геј производот е органски, потребно е хомосексуалците да бидат одгледувани на почва во близина на манастир на која најмалку пет години не стапнале хетеро или бисексуалци. Освен тоа, хомосексуалците не треба да бидат подложени на вештачко медиумско ѓубрење, едукативно кастрење и семејно прскање.

Од владејачката ДДВ (Дебилни десничарски властољупци) еуфорично ја поздравија иницијативата на Оранжерие Аграрски, кој е на пат да отстрани една масовна неморална појава од македонското општество.

„Противприродниот блуд и разврат за неколку години ќе станат минато. Македонија - природна, геј и вечна!“, изјави портпаролот на ДДВ, Богољуб Дивјак.

Субвенции за производство на органски геј лица вети лично премиерот Николај Грубевски, а во меѓувреме, на неколку парцели во близина на манастирот Св. Хотелиј на Водно веќе започнаа земјоделските геј работи.