Гандолфини - актер со љубов и сочувство за својот лик

21.06.2013 12:26
Гандолфини - актер со љубов и сочувство за својот лик

Џејмс Гандолфини: Никој не ги долови копнежот и меланхолијата на американскиот живот подобро од Тони Сопрано

 

Во една од сцените од последната сезона на „Сопранови“ Тони, Кармела, Џенис и Боби играат монопол заедно и сите пијат премногу. Џенис започнува да раскажува една анегдота за тоа како еднаш нејзиниот татко застрелал дупка во фризурата на нејзината мајка, и тука на Тони започнува да му се лоши. „Не ми се верува дека никогаш не си ми го кажала тоа!“ Кармела смеејќи се, му се дере на Тони. „Да, и во што е проблемот?“, му вели Џенис на Тони. „Затоа што поради такви работи изгледаме како проклето дисфункционално семејство!“, вика Тони. По неколку моменти, откако Тони ќе ја навреди Џенис, Тони и Боби започнуваат пресметка. И потоа, Тони лежи на подот, покриен со крв. (Претпоставувам дека ова е тоа дисфункционално семејство, нели Тони?)

Да се работеше за некој друг актер, оваа сцена ќе беше типичен дел од епизода за некое патријархално семејство кое одрекува дека всушност е тоа – само сетете се на Арчи Банкер или на Ребит Ангсторм, или пак на „Големиот Сантини“. Но Џејмс Гандолфини знаеше како да ги долови бурите кои го разбеснуваа Тони Сопрано. Неговото насилство секогаш беше придружено од една слаба трага на самосвест, која укажуваше на постојаното чувство на вина зад таа маска од сигурност на неговото лице. Кога Тони беше вознемирен, преку умешноста на Гандолфини, и ние бевме исто толку вознемирени. Можевме да го слушнеме Тони како започнува да дише низ неговиот нос, како бик кој се вознемирува при глетката на црвената боја. Неговите зборови станува сè поубедливи и сè пократки, како што срцето му чукаше сè побрзо.

Но исто како што можеше неверојатно да се разбесни и да уништи сè околу себе, разбеснатиот бик на Гандолфини можеше да седи исто толку мирно и да ги мириса цветовите, како и бикот Фердинанд во класичната приказна за деца на Мунро Лиф. Во сцената со монополот, срамот на Тони кој е предизвикан од приказната на Џенис, сè повеќе станува очигледен благодарение на една тешка воздишка, на едно нестрпливо почешување на веѓата, на едно нервозно грчење на носот и укажува дека неговиот бес наскоро ќе се истури и ќе им ја уништи вечерта на сите. А потоа го има и оној сјаен поглед некаде на работ на окото на Тони, бидејќи тој не е сигурен кого да обвини, но без разлика на тоа, знае дека сепак ќе се разбесни. Дури и кога Гандолфини кажува реплики кои се полни со трагикомично негирање (зарем има некој кој досега не сфатил дека ова семејство е дисфункционално?), ние сепак му веруваме на секој збор кој излегува од неговата уста. А крајот на оваа сцена кога Тони е срамно поразен од Боби, кој сега доаѓа да му се извини, Гандолфини прави Тони да изгледа навистина патетично, но и многу бедно, згрбавен и намуртен како некое мало дете. Но постои и некоја строгост во неговите рамења која го покажува срамот на еден горд човек кој не знае како да се извини, кој не може да се соочи со вистината за себеси и кој не знае да му дозволи на минатото да биде минато.

 

Преку изведбата на Гандолфини, Тони Спорано – еден од најмрачните, најзлобните ликови кои некогаш се појавиле на малите екрани – беше трансформиран во еден човек со многубројни мани, кој понекогаш може да нè нервира или пак да ни биде одвратен, но за кого секогаш сметавме дека ја заслужува нашата прошка. Ниеден телевизиски лик никогаш не ги долови копнежот и меланхолијата на американскиот живот подобро од Тони Сопрано, и ниеден актер не можеше да ги изнесе овие чувства на површината толку добро како Гандолфини. Овој актер чувствуваше вистинска љубов и сочувство за својот лик и тоа и го покажуваше. Со него Тони не беше само еднодимензионален лик кој како да излегол од цртаните филмови (да бидеме искрени, сите мафијашки босови обично се како ликови од цртаните), туку беше пожив и пореален од кој било друг антихерој кој кога било се појавил на телевизиските екрани.

Гандолфини извонредно се соочуваше со предизвиците на сите тестови кои Дејвид Чејс ги постави пред него, без разлика на тоа дали се работеше за напади на паника, вина, психотичност, огромен бес или желба за одмазда, и тоа на таков начин што ги надминуваше трагичните и патетичните недостатоци на американските партијархални семејства. Кога Тони мораше да бара услуги, Гандолфини си поигруваше со неговата малку забележлива срамежливост, со срамот поради тоа дека му е потребно нешто од некое друго човечко суштество. Знаеше да ја долови нелагодноста на Тони во ситуациите кога тој им беше должник на другите. Кога Тони кажуваше шеги, Гандолфини го знаеше прецизниот момент во кој требаше да се уништи шегата, покажувајќи ни колку чуден и упорен можеше да биде овој човек, кој често им се закануваше на сите, а истовремено беше толку несигурен во себе како и едно мало момче. Гандолфини знаеше како да го претвори неговото потсмешливо самозадоволство во неверојатен бес само за неколку секунди. Во еден момент, Тони е покрај базенот, правејќи скара и пушејќи ги своите големи цигари, мрморејќи си нешто на себеси додека патките пливаат во водата. Во наредниот момент, патките одлетуваат, а лицето на Тони е неверојатно мрачно. Неговите очи брзо се движат лево-десно, а тој се шета наоколу како огромно дрво, кое е принудено од ветерот да крши сè со своите разлетани гранки.

Во една подоцнежна сцена од истата епизода, Тони ѝ вели на д-р Мелфи: „Добро е да се биде дел од нешто од самиот негов почеток. Јас премногу задоцнив и го знам тоа. Но од неодамна сè повеќе мислам дека дојдов при самиот крај. Најдоброто е веќе завршено.“ Ако постои некоја поента која постојано се повторува во „Сопранови“, тогаш сигурно е онаа која вели дека златните денови на американската надмоќ, на неприкосновениот патријархат, на живењето на малограѓанскиот сон за декадентото уживање во предградијата, полека избледуваат. Носталгијата на Тони за минатото, за некоја старомодна верзија на лесниот живот во друштво на саканото семејство беше она кое го придвижуваше дејството на серијата. Бевме соочени со сликата на еден човек чиишто стари маскулинистички трикови – заканите, поткупите, заведувањето, задевањето и отвореното насилство – повеќе не функционираа. Гледајќи го Тони како се обидува да се справи со неговите грешки, со неговите слабости и со конфузијата под притисоците кои го опкружуваа, понекогаш се чувствуваме како да се гледаме себеси, нашата претстава за себеси, според која „правдината доаѓа со моќта“ во една земја која се распаѓаше пред нашите очи.

Гандолфини интуитивно насетуваше дека без својата моќ и парите, без бруталната сила, Тони е само нешто помеѓу кловн и изгубено мало момче. Сите бевме стаписани од насилникот кој всушност е толку многу ранлив и несигурен во себе. Со најмалото треперење на неговите огромни раце, најнезабележливото свивање на рамењата под притисокот, најсимпатичниот сјај на каење во неговите очи, Гандолфини го будеше сето сочувство во нас само за Тони, дури и кога тој правеше огромни грешки или ги бркаше сите негови сакани далеку од себе. Со Гандолфини, „Сопранови“ беа многу подлабока и многу потрагична серија, а кој било друг современ приказ на мафијашкиот свет не можеше ниту да се осмели да помисли на нешто такво.

Чејс и Гандолфини тотално го променија нашето мислење за телевизиските протагонисти, покажувајќи ни колку невообичаено познат и близок може да ни стане еден комплексен и повеќеслоен антихерој во текот на неколку сезони. Оттогаш голем дел од сценаристите и актерите се обидуваат да ја имитираат, пресоздадат и повторно да ја доловат сложената и мрачна страна на карактерот на Тони, но може да постои само еден Тони Сопрано.

Дури и при повторното гледање на последните, делумно обични сцени од серијата, кога Тони влегува во ресторанот, става неколку парички во џубоксот и го чека неговото семејство да се појави на вечерата, брилијантноста на Џејмс Гандолфини не може да се порекне. Тој е во центарот на последната сцена со вообичаениот немир на еден човек кој не знае дали е ловецот или пленот, кралот или поданикот, очаен средновечен маж или момче-оптимист. Со секој надежен (или нервозен?) поглед кон вратата на ресторанот, Гандолфини ги запираше нашите здивови. Говорите на Тони никогаш не беа едноставни или пак премногу самоуверени, па тоа е така и во последната сцена. Во оваа сцена како Гандолфини да вибрираше на некоја повисока фреквенција, како човек кој се наоѓа на работ на нешто многу поголемо од него самиот. Иако дејството на „Сопранови“ беше сконцентрирано врз личниот развој на Тони Сопрано, на крајот сепак се наметна заклучокот дека Тони и не е способен за какви било промени, па Чејс се ослободи од него во еден навистина незначаен момент, па во истиот момент кога Тони заврши во чинијата со пржен кромид, а во позадината се слушаше песната Don't Stop Believin' од Journey's, тој и навистина нè поттикна да не престанеме да веруваме. Тони не беше поразен на начинот кој очекувавме дека тоа ќе се случи, но беше вечно проколнат. Тој остана да ја претставува бескорисноста и празнината на нашата потрага по среќа и задоволство, додека последните кадри се затемнуваа пред нашите очи.

Веста за смртта на Џејмс Гандолфини на 51-годиншна возраст ја доживеав како уште еден неочекуван поврат во темнината. Загубата на овој човек претставува загуба на еден суштински дел од нашата култура, еден реален и болен симбол на нашите трагични мани како нација, како држава, којшто со својата свирепост, но и со својата чувствителност, секогаш знаеше да нè погоди. Лесно може да се каже дека Тони Сопрано е најпрепознатливиот телевизсики лик на сите времиња. Џејмс Гандолфини никогаш не престана да верува во Тони Сопрано, а благодарение на него, не престанавме ниту ние.

Извор: www.salon.com