Да, точно е. Јас сум педер.

21.06.2013 13:37
Да, точно е. Јас сум педер.

За сите оние кои претпоставувавте, шпекулиравте, шушкавте, озборувавте, навредувавте и прозивавте - време е еднаш засекогаш да ја (пр)осветлам вашата примитивност и ограниченост. Да, точно е. Јас сум педер.

Ви текнува на момчето со кого, во раното детство, игравте криенка, „народна“ и ластик во маало? Да, тоа е истото она момче со кое подоцна седевте во училишните клупи, од кое позајмувавте решени домашни задачи и препишувавте на тестовите од него. Момчето кое беше претседател на вашето одделение. Во средното училиште, драги девојки, тоа беше она момче со кое бегавте од часови, седнувавте на кафе во бифето на театар „Центар“ и ги споделувавте вашите први сексуални искуства и љубовни проблеми. Момчето со кое правевте глупости, екскурзии и пијанки. Момчето со кое делевте сок од исто шише и пушевте заедничка цигара во тоалетот за време на малиот одмор помеѓу часови.

Подоцна, тоа беше вашиот колега со кој поминавте четири години за време на студирањето на Факултетот за драмски уметности. Тоа е актерот кој на театарската сцена ги донесе едни од најконзервативните машки ликови како Сопругот од „Вртелешка“ (А. Шницлер) и Смирноф од „Мечка“ (А. П. Чехов). Драга публико, тоа беше кралот на срцата во „Алиса во земјата на чудата“ и страшливиот лав во „Волшебникот од Оз“ на репертоарот на Театарот за деца и младинци, кој ве забавуваше вас и вашите деца.

Истиот тој протестираше по жешкиот асфалт на улиците на Скопје кога беа демонстрациите против полициската бруталност. Вашиот сограѓанин кого Латас, Ивона и Сарма го маркираа со црвени кругови на фотографиите и го етикетираа како државен непријател, платеник на Сорос и западните тајни служби, го поврзуваа со аферата „Надеж“ и српскиот „Отпор“ и го обвинуваа за рушење со предумисла на уставниот поредок. Пријателот и соседот кој гордо се носеше со срамот од вашата пасивност и успеваше да излезе на крај со заканите по својот живот додека голем дел од вас немо ги следевте случувањата гледајќи вести од вашата удобна фотелја.

Тој и денес зборува и дејствува за почитување и унапредување на човековите права и слободи во нашата држава. Преку својот граѓански активизам ги бие вашите битки и трпи притисоци, дискредитации и парични казни бидејќи се дрзнува да зборува за она кое вие свесно го премолчувате. Тој е еден од педерите, лезбачите и транџите кои секоја година маршираат за толеранција и се залагаат за соживот без разлика на националност, вероисповед, сексуална ориентација или партиска припадност.

Пред неколку ноќи, во 2:20 часот по полноќ, седев со мојот партнер во дневната соба кога на прозорецот се појави едно младо дете „маскирано“ со капа на главата кое едвај имаше 18 години. Стоеше закопано во место, пушеше цигара и гледаше во нас. Го прашав што сака и му реков да замине. Ништо. Посегнав по телефонот да се јавам во полиција. „Педери!“ - извика и избега некаде со своите другари кои го чекаа надвор и му се восхитуваа на неговата храброст.

Ова се резултатите на говорот на омраза што постојано го сејат корумпираните медиуми кои работат надвор од секаква етика во новинарството. Плодовите на пропагандата на владата и нивните константни кампањи за перење мозоци кои предизвикуваат дополнителен раздор во и онака поларизираното македонско општество. Сето тоа конзумирано од народот како секојдневен оброк што мора да го проголта, па со време свикнува на помијата и истата ја перцепира како врвен кулинарски специјалитет. И така, рецептот се пренесува од генерација на генерација.

Нема да се мешам во вашето мени, сѐ додека вие не се мешате во мојот приватен живот. Моето преживување во социјалната и интелектуалната мизеријата која ме опкружува со ништо не го загрозува интегритетот на вашата личност. Доколку се гадите од сознанијата во мојот текст, исперете ја устата со сапун. Но, тоа во ниеден случај нема да ја отстрани горчината што и понатаму ќе ја чувствувате кога ќе се спомене моето постоење или постоењето на таквите како мене. А замислете какво ли ќе ви биде чувството да дознаете дека вашето дете, некој/а од вашите браќа/сестри, родители, роднини, пријатели, познаници или колеги, сеедно, е еден од „нас“? Дали ќе можете да преминете преку тоа и да се помирите со тој факт? До кога ќе издржите постојано да се будите со непријатниот здив на злоба и презир?

Неколку часа пред да го напишам ова, непосреден повод ми даде мајка ми. Честопати во минатото сме имале конфликтни ситуации кога се отварала темата за мојата сексуална ориентација. Така, по безполезните дискусии и исцрпните препирања заклучивме дека е најдобро да живееме како цимери и никој од нас да не задира во животот на другиот. Што би рекол Ѓорге Иванов - разумен компромис. Долги години поминаа, а таа живееше во негирање и практикување на нојовската психологија. Просто немавме заедничка тема на разговор поради нетрпеливоста која постоеше помеѓу нас и во многу наврати знаеше да ескалира како ерупција на вулкан и да се претвори во караници и меѓусебни навреди. Неодамна здравствената состојба на мајка ми беше влошена и грижата за неа ја презедовме јас и мојот партнер кој скоро две години живее со мене во нашата семејна куќа. Ние бевме тука за неа кога требаше да ѝ помогнеме во извршувањето на физиолошките потреби, нејзиното хранење, движење... едноставно, комплетна нега потребна 24/7 на човек чија нормална функционалност беше привремено одземена.

Денес, иако нејзината подвижност е донекаде вратена, сепак ме замоли да ѝ помогнам да се истушира бидејќи сѐ уште не е во можност самата да го направи тоа. Во моментот бев зафатен со друга активност, па му реков на мојот партнер да го стори тоа наместо мене. По еден час, дојде и како гром од ведро небо ми кажа дека конечно ме прифаќа мене и мојот партнер. Низ солзи ја изрази својата благодарност и почит кон нас. Искрено, бев трогнат. Не верував дека некогаш ќе ги изусти тие зборови. Жената која експлицитно тврдеше дека никогаш нема да ме прифати и да се помири со тоа дека нејзиниот син е геј, стоеше среќна пред мене што сум пронашол вистински човек и сопатник во животот признавајќи ја нашата љубов.

Целиот ден го поминав во размислување колку ли години ќе му бидат потребни на нашиов народ за луѓето да ги прифатат различностите и да научат да живеат со нив. До кога врз формирањето на мислењето за некое лице ќе игра улога неговата сексуална ориентација наместо човечноста и квалитетите кои ги поседува на приватен и професионален план. До кога за сметка на идеалите и очекувањата на нивните блиски илјадници мажи и жени ќе бидат приморани да водат двоен живот, длабоко несреќни во постојано криење, не разбирајќи дека всушност бегството од себеси и тоа што си е невозможно?

Едно знам, а тоа е дека ЛГБТ луѓето заслужуваат рамноправност, достоинство и еднаков третман како сите останати. Тоа се можеби вашите најблиски со кои делите добро и лошо, несвесни за нивната приказна. Тие луѓе се во вашата непосредна близина, дома или на работното место. Дечкото или девојката на соседната маса во вашето омилено кафуле. Постои веројатност тоа да бидат оние професионалци на чии дела и достигнувања се воодушевувате преку телевизиските и компјутерските екрани или при посета на нивните концерти, изложби, филмови, театарски претстави... Нивната вредност не треба да биде доведена во прашање ниту да се суди за неа поради нивниот избор кој е интимно и пред сѐ човеково право на определување. Нема да навлегувам во научни дебати, не овој пат. За крај ќе се одјавам и ќе ве оставам со текстот од „Срцева драма“ на Хајнер Милер (1929-1995). До следната прилика.

А: Може ли да го ставам моето срце пред вашите нозе.
Б: Ако не ми го извалкате подот.
А: Моето срце е чисто.
Б: Ќе видиме...
А: Не можам да го извадам.
Б: Сакате да ви помогнам?
А: Доколку не ви е тешко.
Б: Ќе ми биде задоволство. Не можам да го извадам...
А: (испушта врисоци)
Б: Ќе го отстранам со операција. За што ми служи, и онака, џепното ноже. Ќе завршиме со ова за кратко. Работата ќе ве поштеди од очај. Така, готови сме. Но ова е цигла. Вашето срце е црвена цигла.
А: Да, но тоа чука само за вас...
(1981)

А со циглата го претепува Б до смрт.
(дополнување, јули 1991)

Извор: kolumni.sakam.info
Слики: Daehyun Kim

ОкоБоли главаВицФото